35 години од Вевчанскиот случај – метафора за непокорот

Наводниот спор за водата меѓу Вевчани и Октиси, беше официјалната причина за суровата интервенција на полицијата на 26 мај и 7 август 1987 година врз Вевчанци. Власта сакаше овој случај да го претстави како судир меѓу две села, но сѐ прерасна во борба на народот со бирократијата. Случајот Вевчани се трансформира во движење за отпор, демократија, човекови права и слободи.

„Вевчанскиот случај", кој во својата најдрастична форма се манифестираше со двете интервенции на полицијата на 26 мај и 7 август 1987 година, своето место го наоѓа токму во континуираниот отпор на вевчанци, при посегањето во нивните права. Тој всушност стана најсилна метафора на нивната вечна борба за опстанок на овој простор и на непокорот, кој со векови, постојано ги иницира развојните процеси и размислувањата за проширување на слободите и демократијата.

Поавторитетните аналитичари на настаните од 1987 година и во годините што следуваа, кога на демонстрацијата на сила од страна на власта и на примената на различните форми на притисок се одговараша со разни форми на непослушност, протести и борба за зачувување на сопственото достоинство, оценуваат дека атакот врз Вевчани имаше повеќе причини. Тие на крајот сосема се вклопуваат во сценариото и намерата на власта за демонстрација на сила и обидот да го бранат тогашниот политички „систем", ако е потребно со употреба на сите видови на сила и со сите и најгруби форми на притисок врз граѓаните.

Оваа теза може да се поткрепи со повеќе клучни аргументи:

Партиско - полициските структури го очекуваа отпорот на вевчанци, но ни оддалеку во своето сценарио не можеа да ги предвидат формите на отпорот, неговите димензии, влијанието на медиумите, како и текот на политичките процеси и промени што ги зафатија некогашните социјалистички држави, а во кои Вевчани има доминантно и заслужено место.

Одбраната на „системот" и своите лични пресметки во партиско полициската и политичката номенклатура, власта ја креираше со создавање на еден догматски, застарен и страшен идеолошки стереотип, дека отпорот на вевчанци е инспириран однадвор и од политички и државни непријатели од најразлични видови - граѓанска десница, информбировци, верски шовинисти. Со тоа всушност на Вевчани му беше ставена колективна етикета на политичка неподобност и идеолошко непријателство на системот.

Идеолошка матрица на власта во медиумскиот настап и налагаше предимензионирање на формалната причина за спорот - водата, а во идеолошкиот настап, во не многу затскриена форма минимизирање на сопствената глупост, зад синтагмата „вевчански синдром", која како црв ја риеше и уриваше самодовербата на власта во релизацијата на кабинетските сценарија.

При атакот на Вевчани, власта ги имаше вкалкулирано постојаните повоени недоразбирања меѓу општинскиот центар во Струга, од една и Вевчани, од друга страна. Но во својот настап, оваа димензија, власта ја прикриваше, така што тој медиумски се претставуваше низ различни и контраверзни модели: власта, особено пред македонската јавност, се трудеше настаните да ги прикаже како судир на две села, а вевчанци, пошироката демократската јавност и водечките интелектуалци, го претставуваа како судир на народот со бирократијата и борба за човекови права и достоинство .

Излегувањето на специјалните полициски сили во Вевчани, на 26 мај и 7 август 1987, малтретирањето на жените, децата и старците, може да се означи како меѓник за отворен настап на силите на репресијата против напливот на демократски идеи и општествени промени. Оттогаш натаму, репресијата и примената на сила не престанаа на просторите на поголемиот дел од поранешна Југославија, туку добиваа сѐ позастрашувачки димензии.

Силата на Вевчани произлегуваше пред сѐ од длабоко вкоренетата традиција за непокор и отпор на наметнувањето на волјата на властодршците, што историски гледано е постојано присутно на овој простор: одбивање на исламизацијата за време на отоманската власт и организирањето на оружен отпор против неа, битката против качачките банди, учеството на вевчанци во Втората светска војна. Тој континуиран отпор претставуваше едукација на населението за организиран настап.

Во душите на генерациите вевчанци кои учествуваа и го носеа расплетот во драмата на „Вевчанскиот случај", како жива незалечена рана и како запис во колективната меморија, беа сеќавањата на притисоците што во повоениот период, ги правеше, сега веќе македонската државно партиската олигархија, против сѐ што со тешка мака, ентузијазам и труд е создавано во Вевчани: отварањето претпријатие со седиште во Вевчани, дом на култура, кино сала, хидроцентрала, печалбарска задруга, отварањето на здравствена станица по војната. Во 1968 година власта се обиде незаконито и со полициска интервенција да ја задуши работата на здравствената станица. Сѐ што вевчанци иницираа да се направи за напредок на селото, дочекувано е на нож, со трагични последици за неговите жители. Тие во повоениот период при судирите со бирократијата, постојано беа жигосувани како политички непријатели. Таквите етикети најчесто им се прилепуваа на најучените, најупорните и најтрудољубивите вевчанци.

Колку што повеќе „Вевчанскиот случај" во јавноста добиваше на тежина, се множеа пријателите на Вевчани, од редот на истомисленици, врвни и неприкосновени интелектуалци. Вевчани стана „Мека" за сите што беа со слободумни идеи или трпеа некаков вид неправда, а сето тоа заедно со интелектуалната и вкупна сила на населението, печалбарите, граѓаните и вевчанците надвор од родното место, природно се вградуваше во еден силен демократски тек, кој поткрепен од силата на се поотворената јавност, ништо не можеше да го запре. Случајот Вевчани се трансформира во движење за отпор, демократија, човекови права и слободи.

Медиумите имаа значајна ролја во доведувањето на вевчанските настани до разрешница. Во упорниот пат на Вевчани до правдата, македонските медиуми, покажаа невидена инфериорност, карактеристична и за другите средини во поранешна Југославија, кога станува збор за анализи на настаните на „домашен" терен. Медиумите во Белград, Љубљана, Сараево, Титоград, преку критиката изречена на македонската политичко партиска номенклатура, ја опоменуваа и македонската, но и бирократијата во сопствените средини. Долготрајното и упорно опстојување на медиумите во Македонија во одбрана на ставовите на македонското политичко водство, само ја аргументираше неподготвеноста да се прифатат демократските промени кои ги налагаше крајот на осумдесеттите години. Отпорот и одбраната на сопствените права, придонесе темата Вевчани, како модел на критика на тогашниот општествен и политички систем, да не се симнува во јавноста и да го задржи интересот на јавното мислење и покрај такви настани како што беше - преземањето на власта од страна на Милошевиќ во Србија, порастот на национализмот, падот на Југославија и создавањето на национални држави и повеќепартиски систем. Вевчанските партиски организации делуваа како фракција во тогашниот СКМ и СКЈ и тие во разговорите со највисоките партиски функционери, изразувајќи го своето несогласување со неподготвеноста на комунистичката партија да се промени самата и да придонесе за пошироки општествени промени, најавија формирање на нова политичка партија, уште во времето кога на други места се зборуваше само за „ситно", „козметичко дотерување" на социјализмот. Очигледно беше дека политичките елити во Македонија и Југославија немаа сенс за времето и промените што доаѓаа.

Разрешницата на „Вевчанскиот случај", донесе извесна сатисфакција: Вевчани стана средиште околу кое се одвиваше вкупната битка за пробив на идеите за човекови права, слободи и демократија. На 5 мај 1989 година, речиси целокупното партиско и државно раководство беше принудено да излезе пред вевчанци на платото пред зградата на Централниот комитет во Скопје и да ја осуди полициската интервенција. Новото македонско партиското раководство, на крајот сепак најде сили и токму во Вевчани, летото, на 9 август 1990 година, се извини и ја промовираше Декларацијата за човекови права. Претходно Собранието на Македонија ја осуди интервенцијата на полицијата во Вевчани. Како значаен резултат на битката на Вевчани за одговорност, беше и симнувањето од власта на дел од државните и партиските функционери, креатори на „Вевчанскиот случај". Подоценежните упорни настојувања вродија со плод и дојде до обновување на самостојна општина со Законот за локална самоуправа во 1996 година.

Накусо кажано, со погрешниот чекор направен во Вевчани, власта неминовно се заглиби, во отворен фронт со народот и „лов на вештици", кој, во судир со демократските идеи, на овој или друг начин мораше да излезе на виделина. Вевчанските партиски организации делуваа како фракција во тогашниот СКМ и СКЈ. Очигледно беше дека политичките елити во Македонија и Југославија немаа сенс за времето и промените што беа на врата.

Најслободното толкување на овие настани, во вевчанскиот отпор, демонстративниот и радикален настап, секако може и треба да ја пронајде тесната врска со напливот на демократските идеи и идеите за цивилното општество што се манифестираа во штрајкот со глад, секојдневните мирни протести, формирањето на одборот за човекови права, еколошкото здружение, славењето на годишнини од настаните, кампањата „со култура против некултурата", свеќите над сеуште „живото идеолошко ткиво на комунизмот", протестите пред Општинскиот комитет и Централниот на СКМ, одењето во сојузните институции - Собранието на СФРЈ, ЦК СКЈ. Вевчани, политички, медиумски и реално во животот беше македонската демократска пролет и настаните кореспондираа или беа претходница, на она што се случуваше на поширокиот простор во тогашна Југославија, но и во другите земји на реалсоцијализмот. Со иницирањето на формални и неформални институции на цивилното општество, немирењето со ситните отстапки, енергично се најавуваше повеќепартизмот, борбата за човекови права и цивилното општество.

За жал Вевчани беше почеток и крај на демократијата. Некако со стивнувањето на вевчанскиот случај, стивна борбата за слобода и демократија, а народот во Македонија, и во сопствената независна држава и во повеќепартискиот систем стана плен и предмет на нови манипулации.

Хронологија на поважните настани

- Јануари 1987 - општинските раководители во Струга навестуваат дека ќе се употреби и сила за да се реши комуналниот проблем со водата.

- 15 мај 1987 година, во Струга, меѓу општинското раководство и претставниците на Вевчани е постигнат договор за решавање на проблемот на водоснабдувањето и изградба на резервоар за вода во Вевчани.

- 26 мај 1987, работите започнуваат ненајавено, без почитување на постигнатиот договор и со интервенција на специјалната полиција против народот. Медиумите – „Борба", „Новости", „Политика" и „Дело" објавија вести за интервенцијата.

- Вевчанските печалбари и вевчанци што живеат на просторите на Југославија, организирано упатуваат телеграми со протести против насилството што власта го прави во Вевчани.

- 12 јуни 1987 - Претседателството на ЦК СКМ донесува заклучоци со кои Вевчани се анатемисува како непријателско гнездо и со кои се охрабрува општинското раководство да ги засили притисоците.

- Информативниот молк силно е разбиен со писмата на вевчанци објавени во „Политика" (7 јуни) и „Борба" (22 јуни).

- Месната заедница, партиската и другите ограноци на политичките организации во Вевчани ги отфрлаат ставовите на ЦК СКМ.

- 23 јуни 1987 вевчанки, бараат прием кај Лазар Мојсов, тогаш претседател на претседателството на СФРЈ. Наместо Мојсов ги прими шефот на кабинетот.

- Летото 1987 година, постојано се вршат политички и полициски притисоци врз Вевчани - Претседателството на ЦК СКМ, Општинскиот комитет на СК на Струга, како и другите ограноци на политичките организации вршат притисок за диференцијација, а полицијата е постојано и премасовно присутна на сите јавни места.

- 6 август - најава за интервенција на водоводот и предупредувачко доаѓање на полицијата.

- 7 август - започнување на градежните работи со силна полициска интервенција против народот - со тепање на жени, деца и со употреба на електрични палки.

- Младинците започнаа штрајк со глад.

- Започнува мирниот протест на Вевчанци ширум светот.

- Вевчанци се подготвуваат за барање на правда пред сојузните институции, пред сѐ во Собранието на СФРЈ, а на 8 септември, група од 27 вевчанци е примена во Сојузниот собор на Собранието

- 25 септември - Организацијата на СКМ од Вевчани дефинитивно и официјално ја отфрла Информацијата на ЦК СКМ

- „Вевчанска вечер" во Белград.

- 11 - 18 јануари 1988 година - Печалбарски денови, гости: Коле Чашуле, Гертруда Мунитиќ, поети од Словенија, Србија, Црна Гора, екипата на „Дунав- филм", се снима документарниот филм на Крсто Шканата „Благодариме на слободата". Хит е беџот на вајарот Воја Василијевиќ. Власта го запленува беџот кај ќе стигне, а на охридскиот аеродром му го одзема беџот на директорот на „Дунав - филм" Никола - Тоља Вучиниќ и му издава потврда за запленетиот „непријателски" беџ.

- 27 март 1988, Белград - Документарниот филм „Благодариме на слободата" на фестивалот на докуметарни филмови ја добива највисоката награда и е прикажан во преполната сала на Домот на синдикатите.

- 25/26 мај 1988 концерт на Бора Ѓорѓевиќ, на првата годишнина од интервенцијата на 26 мај 1987 година.

- Лето 1988 година, телеграма на вевчанската младинска организација со поддршка на словенечката младина.

- 7 август 1988 - Августовски денови на културата, протестен марш, настап на Михаило Србакоски и Анастас Мукоски, претстава на Младинскиот алтернативен театар од Словенија, промоција на книгата "Вевчани кој ќе ги измие рацете" од Жарко Рајковиќ, изложба на фотографии со сцени од насилството врз Вевчани.

- Вевчани врие од новинари, голем број интелектуалци, некои и од Македонија, кои ја изразуваат својата поддршка, а на Струшкуте вечери на поезијата протести на интелектуалците против власта и репресијата.

- Јануари 1989 - Печалбарски денови, гости: Јадранка Јовановиќ, првенец на Белградската опера, филмска вечер посветена на Крсто Шканата, уметничка изложба, изведена е претставата „Лазарево писмо" од страна Факултетот за драмска уметност. Рецитал на Бора Ѓорѓевиќ.

- 17 јануари - општинското раководство се обидува да изнуди компромис.

- 23 и 24 јануари - протестен митинг пред Општинскиот комитет на СК на Струга: се бара дефинитивно утврдување на одговорноста за полициските интервенции и симнување на етикетите фрлени врз Вевчани, како и сменување на одговорните функционери.

- 30 јануари - прием на делегација од Вевчани во Собранието на Македонија, кај претседателот Вулнет Старова. Се бара Собранието да ја утврди одговорноста.

- 30 март 1989, вевчанска делегација кај тогашниот претседател на ЦК СКМ, Јаков Лазароски: се бара повлекување на оценките на ЦК СКМ и смена на инспираторите на случајот во Струга, како и на наредбодавците на полициската ингтервенција.

- 4 мај - протестен митинг во Струга. По долги перипетии и притисоци да не се организира, митингот продолжи во Скопје на 5 мај. На народот од Вевчани, на кој му се придружија голем број на граѓани од Скопје, му се обрати Васил Радиноски и ги посочи барањата за утврдување на одговорноста и за симнување на партиските заклучоци против Вевчани. Највисокото државно партиско раководство, на чело со Јаков Лазароски, излезе пред народот и вербално го осуди насилството, најавувајќи смени на одговорните функционери.

- 9 мај - седница на ЦК СКМ - осуда на примената на сила.

- Августовски денови на културата - гости голем број писатели и интелектуалци. Македонските писатели се поприсутни во Вевчани.

- 26 август - Поетски митинг на учесниците на СВП.

- Септември 1989 - вевчанските комунисти бараат во листите за нови функционери да не бидат вклучени - Јаков Лазаровски, Михаил Данев, Ленче Софрониевска, Димитар Трпеновски, Глигорие Гоговски, Милан Панчевски, Драгољуб Ставрев и други дотогашни функционери, вмешани во вевчанскиот случај.

- Надлежниот одбор на Собранието на Македонија, потврди дека интервенцијата на полицијата во Вевчани е незаконита, дека не се почитувани овластувањата, а градежните работи на водоводот започнати без соодветна документација.

- 9 август 1990 - откриена „Плочата на срамот". Одржан мирниот протест, а главен гостин беше Викторија Поточник, од Словенија, делегат кој го иницираше расчистувањето на вевчанскиот случај во Собранието на Југославија.

- 9 август 1990 - Новиот лидер на СКМ, Петар Гошев, на неформален начин во име на партијата, се извини на Вевчани, промовирајќи ја "Декларацијата за човекови права".

Расплет на „Вевчанскиот случај"

„...Крајот на 1989 година донесе конечен расплет на 'Вевчанскиот случај'. Под притисок на митинзите, извршените разговори со раководните републички структури и отпочнатите демократски процеси се реализираа нашите барања: јавно се осуди примената на сила, именувани се виновниците кои се земени на одговорност, отфрлени се дисквалификациите за Вевчани. Како директна последица на тоа претседателот на ОК СКМ Н. Ѓончески поднесе оставка, разрешени се од функција Александар Андоновски, републички секретар на СВР, Киро Коштанов, потсекретар, Уранија Попоска, претседател на Извршниот совет на Собранието на општина Струга, сменет е комплетниот Општински комитет на СКМ, а во новиот Централен комитет не се избрани никој од посредно или непосредно одговорните за 'Вевчанскиот случај'. Под вакви услови на се уште силната бирократска спрега, веројатно тоа беше максимум. Вевчанци ја добија битката за својата вистина и, тоа значи целосна морална сатисфакција.

Но, дали е откреина правата вистина? Мислам не! И натаму останува скриена вистинската улога на претседателот на ЦК СКМ и Јаков Лазароски, односно на РИС и Глигорие Гоговски, како претседатели. Личната вина на многумина се сокри во колективната одговорност, иако имаше елементи / и тоа доста/ и за кривично гонење. Поради тоа, задоволството на Вевчанци не е целосно. Сепак, Вевчани треба да се чувствува како победник.

Ненад Баткоски

(Од книгата на Алимпие Анѓелски)

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе