Централна прослава

30 години македонска војска, растеж до сојузништво во НАТО

По повод големиот јубиле, 30 години македонска армија, во касарната „Илинден" се одржа свечена церемонија на која беа претставени македонските воени единици, а присуствуваа Врховниот командант и претседател на Македонија Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, како и владини, собраниски и други функционери и претставници на дипломатскиот кор. Во рамки на дефилето на ешалони од припадници на сите команди и единици на Армијата и на борбените средства, беа претставени и новите оклопни возила.

Генералот Ѓурчиновски потсети на тешките почетоци кога пред 30 години со скромни сили и вооруженост, беа преземени границите на Македонија. 

„Денес сме почитувана армија, модерно опремена и конституирана, членка на НАТО, рече генералот и оцени дека се остварени идеалите од Илинден и АСНОМ, а потоа ги наведе великаните од тие два периоди од историјата на Македонија.

Тој потсети на говорот на првиот претседател на Македонија Киро Глигоров кога се формираше армијата.

„Визијата на Глигоров денес е во целост остварена и ја има најголемата доверба во општеството, рече Ѓурчиновски.

Министерката Петровска рече дека Денот на Армијата е голем и важен настан кој ја обединува историјата на создавањето на македонската држава.

„Трите децении се период во кој трудољубиво се поместувани границите на сопствените достигнувања, на сите вработени, војници, офицери, подофицери, врховни команданти, министри за одбрана и генерали, заслуженото место што денес Армијата го има дома и во НАТО Алијансата е заедничко постигнување. Тoa не би било возможно, ниту пак доволно, без патриотизмот на тогашните први регрути и идеите и иницијативите на првите старешини, со целосна поддршка и во плодна соработка“, рече министерката за одбрана.

Петровска нагласи дека и во иднина Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата ќе работат со полна пареа, со уште поголемо темпо за како држава и институции да останеме, како што рече, постојан и кредибилен партнер на НАТО, но пред сѐ и со целосна отчетност пред граѓаните.

„Во Армијата нема место за партизација и тесни интереси на поединци, групи и политички партии“, порача Петровска.

Армијата, рече таа, е еден од столбовите и чувар на државниот суверенитет сиве години, секогаш кога за тоа има потреба, беше со граѓаните, но и во поддршка на институциите.

„На сите нас ни стои обврската, сѐ што е постигнато во изминатите три децении да биде чувано и надополнувано со поголеми резултати, кои во иднина ќе сведочат за успесите на припадниците на Армијата со кои ќе се гордеат и следните генерации“, рече министерката Славјанка Петровска.

Врховниот командант на вооружените сили, претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање го нагласи континуитетот на македонската армија со формирањето на батаљонот „Мирче Ацев“ на 18 август 1943 година, како прва регуларна воена единица на македонска народноослобителна војска.

„Како што во Втората светска војна, војската ја создаде државата, во 1992-та, независната македонска држава создаде своја Армија. 18-ти август е симбол на историскиот континуитет, затоа што вие, припадниците на Армијата сте наследници на славната антифашистичка генерација чија цел беше слободна држава во свет ослободен од фашизмот.

Формирана во исклучително сложен геополитички и безбедносен амбиент, на крајот на Студената војна и во екот на крвавиот распад на Југославија, Армијата ги споделуваше сите предизвици на младата македонска држава. Започнавме скромно, со оскудни воени резерви, но, со обучени и посветени патриоти, старешини и војници, кои ги полнеа македонските касарни од првиот ден. Сакам, во оваа пригода, денес, на овој голем јубилеј, посебно да го поздравам првиот регрут во македонската армија - Панче Јамандиев од Велес“, рече шефот на државата.

Пендаровски нагласи дека војската е во функција на државата, за одбрана на нејзината самостојност.

„Армијата го брани нашиот суверенитет, територијален интегритет и уставен поредок, но и нашето национално достоинство и чест. Во овој контекст, Армијата беше ангажирана во справување со клучните предизвици на државата, од Косовската криза во 1999-та, преку воениот конфликт во 2001-та, па сѐ до мигрантската криза во 2015-та година. Армијата ја црпи својата сила и идентитет од народот, од граѓаните. Оттука, не постои поцврста врска од онаа меѓу војникот и неговата држава“, порача Пендаровски.

Врховниот командант Пендаровски оцени дека војската е кохезивна сила во општеството и со својата организираност и посветеност најзаслужна за членството на земјава во НАТО.

„Армијата продолжува да биде нашиот најважен влог во колективната одбрана. И денес, нашите војници активно придонесуваат кон мирот и безбедноста во светот во мировните мисии во Босна и Херцеговина, во Либан, во Централно Африканската Република, на Косово и во НАТО мисијата во Латвија“, рече Пендаровски и нагласи дека како членка на Алијансата Македонија ја поддржува Украина и вербално и воено и дека со ратификацијата за членство на Финска и Шведска земјава потврди дека е за проширување на НАТО.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе