РЕШЕНИЕ НА ДРЖАВНИОТ ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ

По анализите за загаденост на водата, четири плажи на Дојранско езеро забранети за капење

Минатонеделните анализи направени од Центарот за јавно здравје Велес покажале дека водата во езерото на четири места е загадена. Па, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) донел решение забрана за капење на четири плажи - места Градска плажа, Црвен Крст, Златен брег и Калдрма, објави zdravstvo24.mk.

Овие информации досега се потврдени од ДСЗИ, кои за ваквата состојба ги информирале и градоначалникот и комуналното претпријатие кое стопанисува со езерото, а со цел да постават табли за забрана за капење. Од Инспекторатот потенцираат дека доколку надлежните преземат соодветни мерки за квалитетот на водата во езерото, а анализите покажат подобри резултати, забраната ќе биде тргната веднаш.

Според информациите од ДСЗИ, бактериолошката и хемиска неисправност била од трет степен. Како за споредба, водата е забранета за капење и во Треска и Вардар, но таму степенот на загадување е повисок - 4 и 5.

Ваквите резултати доаѓаат откако Регионален центар за животна средина (РЕЦ) изминатава година на повеќе пати алармираше, а беа организирани и трибини на кои беа презентирани резултатите од истражувањето на РЕЦ за утврдената состојба на флората и фауната на Дојранското езеро во 2015. Од РЕЦ потенцираа дека во Дојранското езеро се наоѓаат екстремно високи концентрации на отпадни материи, фосфорни и азотни соединенија и ги надминуваат досега забележените концентрации на овие материи во било кој воден екосистем во земјата.

Според научната терминологија, станува збор за хепереутрофна состојба на езерото. РЕЦ рекоа дека резултатите покажуваат дека во езерото континуирано се влеваат фекалии речиси од сите страни – од Николиќ, но и од градот Дојран. Прочистелната станица работи, но не излегува прочистена вода. Според  измерените параметри во однос на количеството на отпадните –хранителни материи оцената на стручниот научен тим е дека езерото се наоѓа во „лоша состојба“, стои во Извештајот на РЕЦ.

Како „многу лоша“ беше оцената и во однос на анализата со застапеност на алгите. Високата концентрација на хранителни материи, рекоа од РЕЦ, односно хипереутрофната состојба на езерото, доведува до развој на сино-зелени алги – цијанобактерии, кои ослободуваат многи силни токсини – цијанотоксини. Во однос на застапеноста на видовите, поради хипереутрофната сотојба – присуство на материи што не би требало да ги има во такво енормно количество, при истражувањетп беше утврдено намалување на бројот на видови, изразен тренд на намалување на густината на популациите, висок ризик на изчезнување на видовите и видови под законска заштита и ендемични видови. Во оваа категорија езерото е класифицирано со „лош еколошки статус“.

„Целта на ова истражувањето е отворено да се претстават состојбите и отворено да се разговара за спроведување на итни мерки за заштита на езерото, бидејќи постојат мерки и може да се спроведуваат, само треба ние како општество да се организираме“, потенцираа од РЕЦ кога го презентира извештајот.

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе