Заклучок на Европската комисија

Зголемените плати не го задржаа медицинскиот кадар во јавното здравство

Загуба на медицински персонал, особено на специјалисти кои одат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство, проблематичен пристап до лекари специјалисти во јавното здравство, како и недоволно финансирање за скрининг на рак,  е заклучокот на Европската комисија (ЕК) содржан во извештајот за земјава во делот за здравството.  

„И покрај обезбедувањето на зголемени плати со цел да се задржат работниците, здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински персонал, особено специјалисти кои се селат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство. Персоналот продолжува со потребата од специјализирана обука за користење напредна здравствена опрема“, наведува ЕК.

Во однос на рефундирањето на средствата што се плаќаат за здравствени услуги, од Комисијата оценуваат дека пациентите плаќаат приближно една третина од сите здравствени услуги без да бидат рефундирани, со што се зголемуваат социјалните разлики.

Во делот во којшто ЕК се осврнува на пандемијата од ковид-19 се наведува дека во текот на третиот бран беа пополнети 90 проценти од болничките кревети во јавниот здравствен систем. За вакцинацијата, се наведува дека до почетокот на октомври годинава целосно се вакцинирани околу 35 проценти од населението, како и дека националниот план предвидува до крајот на годинава да бидат имунизирани 60 отсто од населението.

„Вакцинацијата започна во февруари 2021 година, а согласно националниот план до крајот на 2021 година 60 проценти од населението треба да е вакцинирано против коронавирусот. Околу 35 проценти од населението е целосно вакцинирано до почетокот на октомври 2021 година“, се вели во Извештајот.

Европската комисија додава дека Северна Македонија позитивно одговорила на механизмите за поддршка на ЕУ, од кои некои првично биле резервирани за земјите членки на Унијата за решавање на последиците од пандемијата со ковид-19.

„Земјата стана членка на Договорот за заедничка набавка за медицински средства, како и набљудувач во Комитетот за здравствена безбедност на ЕУ, кој обезбедува пристап до Системот за рано предупредување и одговор на ЕУ. Северна Македонија, исто така, ги обезбедува информациите до системот за собирање податоци на Комисијата за ковид-19 и назначи претставник во Европскиот центар за контрола и превенција на болести“, се вели во Извештајот.

Во делот посветен на болестите, ЕК констатира дека нивото на финансирање за скрининг на рак е недоволно, а податоците од националните и регионалните регистри за рак не се јавно достапни. Националната програма за рано откривање на рак допрва треба да се имплементира, велат од Комисијата.

Во извештајот уште се нагласува дека се потребни соодветни финансии и понатамошна посветеност со цел да се усогласат националните правила со правото на ЕУ.

За преносливите болести стои оценката дека земјава е делумно усогласена со правото на Европската Унија и препорачува усвојување на нова повеќегодишна стратегија за борбата против ХИВ од страна на Владата.

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе