Министерство за здравство

Во Македонија доминантен е делта сојот, нема потврден случај на омикрон

Иако во државите низ светот забрзано се шири омикрон сојот на коронавирусот, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај. Се уште доминантен останува делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме, надлежните повикуваат на помасовна вакцинација, која претставува единствениот реален излез од пандемијата.

Новиот сој Омикрон вчера за првпат беше потврден на Балканот, двајца пациенти од Хрватска се инфицирале со новиот сој, а не престојувале во Јужна Африка, но биле на состаноци на кои имало гости од странство.

Иако овој сој забрзано се шири, првите индикации покажуваат дека тој е помалку опасен од делта сојот. Ова вчера го изјави главниот советник на американскиот претседател за пандемијата, инфектологот д-р Ентони Фаучи.

Тој напомена дека на научниците им требаат повеќе информации пред да донесат заклучок за сериозноста на видот омикрон.

Сојот омикрон досега е откриен во третина од американските сојузни држави, вклучувајќи го североисточниот, јужниот и западниот брег.

Според Светската здравствена организација (СЗО), лицата заразени со сојот Омикрон, обично имаат поблага форма на болеста.

Техничката раководителка на Светска здравствена организација за Ковид-19, Марија Ван Керкова изјави дека е потребно време за заразените да поминат низ целиот процес на инфекција, и оти можеби ќе поминат неколку недели пред навистина да стане јасно колку луѓе од заразените со сојот омикрон ќе развијат тешка форма на болеста.

Но, таа предупреди дека дури и да се работи за полесна форма на болеста, важно е брзо да се делува за да се преземат мерки за контрола на нејзиното ширење.

Во меѓувреме, вакцинацијата останува единствениот излез од епидемијата.

Сепак, Европската Комисија нема да препорача задолжителна вакцинација во Европската Унија, соопшти вчера портпаролот на ЕК Ерик Мамер.

За потсетување, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен минатата недела изјави дека е добро што се дебатира за задолжителна вакцинација, но како што прецизираа вчера од Европската Комисија, здравствената политика е целосно надлежност на земјите членки.

„Комисијата нема препораки до земјите членки, претседателката даде свој став за ситуацијата во Европа“, изјави Мамер додавајќи дека со оглед на милионите невакцинирани граѓани во ЕУ, оваа дебата е добредојдена. Но, додаде Мамер, јасно е дека ова е надлежност на земјите членки и Европската Комисија нема да поднесе предлог во оваа насока.

Македонската Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), пак, вчера објави дека досега има добиено две пријави од лекари за сомнение за смртен исход по примена вакцина против ковид-19.

Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканите реакции се навистина поврзани со употребата на вакцините против ковид-19.

Двете пријави Агенцијата ги имала во март и во септември, од страна на лекари, и се однесуваат на 85-годишен и за 53-годишен, но се уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините.

Во текот на вчерашниот ден, беа регистрирани нови 101 случај на заболени од ковид-19, од направени 1.299 тестирања. Починале 13 лица, а оздравени се 393 пациенти.

Досега во земјата направени се вкупно 1.485.944 тестирања. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 217.400, а бројот на оздравени пациенти е 203.967. Починати се 7.658 пациенти. Бројот на активни случаи е 5.775.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе