Министерство за здравство

Во август бројката на имунизирани граѓани ќе достигне до 500 илјади, од септември можни рестрикции за невакцинираните

Засега не се планираат рестрикции на границите и во организирањето помасовни настани, но можно е од есен да ги има за невакцинираните граѓани. Се размислува за ограничувања од септември или октомври за оние што не примиле вакцина, најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, соопштувајќи дека следат што преземаат другите земји за заштита од ковид-19, особено со ширењето на позаразниот делта сој.

„Некои земји воведуваат брзи тестови за влез во маркети, места за културни настани итн. Размислуваме за тоа, но одлука сè уште не сме донеле. Меѓутоа, ако процениме дека ризикот од невакцинираните, генерално популацијата, вклучувајќи ги и вакцинираните, е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки“, нагласи Филипче.

Во пресрет на новата учебна година, од средината на август ќе има интензивна кампања за вакцинирање на вработените во училиштата и во градинките кои, како што рече, се најкритичните и најбитните сектори за да може нормално да работат од септември.

Филипче повторно апелираше до граѓаните дека вакцинирањето е единствен начин да се смени сликата за пандемијата, притоа посочувајќи дека само 0,02 е процентот на заболени од ковид-19 кои се целосно вакцинирани.

 „Од вкупно 330 илјади ревакцинирани, 92 пациенти се заболени од ковид-19. Ова е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината“, додаде Филипче.

Тој оцени дека процесот на имунизација се одвива прилично добро и дека до денеска се очекува надминување на 500 илјади лица кои примиле барем една доза, така што  до крајот на август половина милион граѓани ќе бидат целосно имунизирани. Ревакцинирани (со двете дози од антиковид-вакцината) сега се над 330 илјади. На теренската вакцинација досега се вакцинирани околу 200 илјади лица – просечно помеѓу три и пет илјади дневно.

Како што информираше министерот, во источниот дел на државата има мал опфат на вакцинација, а прилично е висок во Охрид и во Битола. Околу 60 проценти од населението над 65 години е веќе вакцинирано, а од 19 јули, кога почна имунизирањето на пријавени деца од 12 до 17 години, вакцина досега примиле 630.

Покрај вакцинирање на пунктовите и на терен во рурални средини, македонски граѓани и натаму се вакцинираат во соседна Србија – во Бујановац, Врање, Ниш и Белград.

Координаторката на пунктот на белградскиот саем Светлана Мичиќ за агенцијата Бета изјави дека таму дневно се вакцинираат меѓу 300 и 500 лица, а за време на викендите меѓу 600 и 800 и дека половината од нив се државјани на Македонија или Босна и Херцеговина, но дека одѕивот се намалува.

Според податоците на Здравствениот центар во Врање, до 23 јули на вакциналниот пункт во спортсака сала во овој град, со првата доза се вакцинирани 12.006, а со втора доза 9.392 македонски граѓани.

Во дневната статистика Министетството за здравство вчера евидентираше 39 нови случаи на ковид-19 од 3.839 тестирања. Оздравени се 12 пациенти и не е регистриран починат.

И натаму најголем број од новозаразените се од Скопје (12) и Тетово (14) кои имаат и најмногу активни случаи (118 и 94). Гостивар има пет нови случаи, Куманово четири, Кичево два, а Битола и Валандово по еден.

Двоцифрен број на активни случаи имаат уште три општини: Куманово (36), Гостивар (21) и Кичево (10), а 15 општини немаат ковид-позитивни. Вкупно активни во државата има 326 лица.

Од почетокот на епидемијата минатиот февруари, коронавирусот е потврден кај 156.124 лица од 959.456 направени тестови. Оздравени се 150.307, а починале 5.491 пациенти.

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе