Интервју

Стојменовиќ советува: Од нас зависи како ги минуваме деновите, во страв или во надеж, во следење вести или во уживање со блиските

Периодот во кој живееме е многу поинаков од оној во кој бевме навикнати да ги минуваме деновите. Се бориме со невидлив непријател, за кој некако како да имаме чувство дека нè демне од сите страни. Бегаме и се оддалечуваме од најблиските поради страв од можна зараза. Изолирани сме дома, каде што постојано сме опкружени со вести за коронавирусот, кои во голема мера се и лоши и кај сите нас предизвикуваат страв. За анксиозноста, за тоа како полесно да го пребродиме овој период на кој никој од нас не се надеваше, како и што да направиме за последно да ги минеме деновите затворени дома, нè советува психологот Бојана Стојменовиќ.

Како да го победиме стравот, да нема брачни кавги дома, да не се плашиме дека со секоја мала кашлица кај некој близок дома ние ќе се соочиме со оваа непозната зараза што ни го промени животот на сите?

-Точно е дека со појавата на вирусот животот односно секојдневието на сите нас ни се промени. Стравот е нормална реакција и не треба да го победуваме, туку да го прифатиме како дел од целокупната промена со која моментално се соочуваме. Следев изјава на еден американски психијатар, кој вели дека во моментов појавата на страв и вознемиреност можеби се и корисни. Според него, луѓето со поголем страв и зголемена вознемиреност поверојатно е дека ќе ги следат мерките за лична заштита и превенција, отколку оние што воопшто не се уплашени, за кои постои можност да ги игнорираат мерките и себеси (и другите) да се воведат во ризик. Генерално сите се соочуваме со ист предизвик во однос на физичкото и менталното здравје. Со промената на нашето секојдневно функционирање, променети се и нашите блиски односи и релации. Конфликтите се нормална појава во релациите. Начинот на кој им пристапуваме и значењето што им го припишуваме се многу поважни.

Многу луѓе немаат симптоми, но велат читаме и сè некако имаме чувство како да ни се појавуваат симптомите, често мериме температура, постојано подголтнуваме случајно да не нè заболело грло. Како да се надмине оваа ситуација, која веќе наликува на параноја?

-Според препораките за СЗО во однос на заштитата на менталното здравје, треба да ги минимизираме изворите од кои следиме информации, а исто така и времето што го поминуваме читајќи.

Реално, сè се сведува на нашата лична самоконтрола и самосвесност. Кога ние ќе го преплавиме умот со информации што нè вознемируваат, мора да следи одредена реакција на ниво на тело и мисла. Психолозите не само кај нас, туку и во светот постојано апелираат да се повикаме на активности што нас нè развеселуваат и ни поттикнуваат пријатни емоции. Од нас зависи во која насока ќе тргнеме. Менталното здравје на една личност во најголема мера е лична одговорност.

Од нас зависи како ќе ги поминуваме деновите, во страв или во надеж, во следење вести или во поминување време со блиските. Секако, доколку личноста не може самостојно да се справи со целокупната ситуација, отворена е и можноста за професионална психолошка помош.

Сите сакаме да си ја вратиме насмевката на лицето, да ги вратиме безгрижните денови, дружбите... но очигледно дека оваа ситуација ќе потрае. Како да го исчистиме умот од лоши мисли кога постојано сме опкружени со информации и буквално живееме во време на коронавирус?

-Често велам дека од другата страна на топката на стравот е токму надежна. А надежта, повеќе од кога било, е нишката што го поврзува човештвото преку солидарноста и емпатијата. Лошите мисли не можеме да ги игнорираме или пак да ги немаме. Ние сме луѓе, не сме компјутери и не можеме да се програмираме што да мислиме, чувствуваме. Ако ја земеме предвид сериозноста на пандемијата, очекувано е информациите да бидат непријатни и ние да реагираме со страв и негативни мисли.

Јас повеќе би препорачала, кога ќе дојде до нивна појава, да ги споделиме со личност што ни е драга и блиска. На тој начин го вадиме стравот од нас и правиме катарза, а воедно оставаме и простор и другата страна да сподели со нас. Повторно ќе се надоврзам и на мојот одговор од прашањето погоре, личното ментално здравје во најголема мера е лична одговорност. Првиот чекор во однос за заштитата нека бидат помалку социјални мрежи, повеќе поминување време со блиските и повеќе време посветено на себе и на активностите што лично носат задоволство.

Постојат брачни парови што голем дел од времето го минувале одвоени, односно не се гледале многу во домот, а сега поради состојбата мораат да минуваат голем дел од времето заедно. Има и кавги, и недоразбирања, чувство на страв, поголеми финансиски трошоци, но и страв дека може да останат без работа? Кои се советите за да се остане смирен во оваа состојба, за да се пребродат кризите и да нема кавги?

-Постојат и брачни партнери што и претходно поминувале многу време заедно, па во овој период се соочуваат со брачни конфликти. Сите сме изложени на голем стрес, а сите различно реагираме на него во согласност на личната сила, капацитети и искуство.

Јас би препорачала големите одлуки во однос на бракот да не ги носат во овој период, да почекаат кога сето ова ќе се нормализира. Некои реакции кај партнерот можеби ќе нè изненадат, можеби нешто конечно ќе погледнеме од поинаква перспектива, можеби ќе ја согледаме нашата позиција во заедништвото, можеби ќе имаме увид и во промените што ние треба да ги направиме во нашиот однос...

Има многу „можеби“, затоа често велам дека конфликтите некогаш не се толку лоши, туку напротив и здрави. Препорачувам разговор, споделување на емоции, почитување на меѓусебните потреби и почитување на потребата за личен простор и време.

И децата, кои треба да се најбезгрижни во целата оваа ситуација, исто така се дел од овој поинаков начин на живеење. Како да постапуваат родителите со нив, да останат смирени и да се однесуваат за полесно да ја поминат оваа состојба?

-Децата ќе бидат вознемирени толку колку што ќе бидат вознемирени и родителите. Предизвик е за родителите да им ја доближат ситуацијата земајќи ја предвид нивната возраст и начинот како ги разбираат работите и светот.

Им препорачувам на родителите да зборуваат и да споделуваат со децата, во ред е и да се признае дека и тие се уплашени. На тој начин им оставаат простор и на децата емотивно да се изразат. Со помалите деца тоа може да се направи со различни игровни активности, некои од нив ги споделив и на мојата фејсбук-страница Мој психолог, па можете да ги погледнете таму. Од друга страна, сите постојано се жалевме дека немаме доволно време за да го посветиме на најблиските и децата. Еве сега го имаме тоа време, треба само малку да ја разбудиме креативноста, покрај стравот и да се потрудиме да извлечеме убави моменти поминати во заедништво.

И нападите на паника се дел од секојдневието на луѓето поради стравот дека може да се заразат. Што советувате во овој дел? Како на Вас влијае целата состојба и дали, како и со што Вие како психолог успевате да се справите со целата оваа состојба?

-Паничните напади не се секојдневие, туку може да зачестат кај лицата што и претходно се соочувале со истата состојба. Во овој дел советувам консултација и следење на препораки од психолог/психијатар, особено затоа што најчесто е потребен индивидуален пристап. Кога е во прашање личното ментално здравје, треба да бидеме максимално објективни и да препознаеме кога е време да побараме професионална помош. 

Мене лично денот ми е исполнет. Работам онлајн, па поголем дел од денот ми е исполнет со работни обврски. Во попладневните часови, готвам, читам, вежбам, сликам, поминувам време со партнерот. Знам дека сето ова нема да трае вечно и еден ден ќе помине. Лично одбрав да бидам на страната на надежта, па оттаму и мојата смиреност.

Катерина Додевска 

Објавено

Вторник, Април 7, 2020 - 08:58

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе

Она она што го нудат медиумите во времето на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто.

повеќе