„Клиника Жан Митрев ниту денар нема земено повеќе од пациентите за време на пандемијата, дури ниту поради погрешна финансиска пресметка. И Управата за јавни приходи како и независни вештаци утврдија дека секој депозит што е земен а не бил искористен, до денар е вратен на пациентите“, рече Митрев.
Тој како илустрација за реномето на клиниката рече дека имало и пациенти од странство за чие лекување платиле реномирани меѓународни осигурителни компании од Англија, Германија, Италија и Швајцарија, од кои успешноста на лекувањето не ја поставиле како тема за разговор.
„Во текот на лекувањето на пациентите ништо не е направено вон насоките и процедурите. Со процесот на хемофилтрацијата се спасени човечки животи. Тоа се потврдува и со смртноста којашто во клиниката е ниска во време на ковид. Според деталните болнички извештаи во Жан Митрев клиника биле хоспитализирани вкупно 1.738 третирани пациенти, од кои 1.296 преживеале, со што стапката на успех во третманот на пациентите со компликации од Ковид-19 во Жан Митрев клиника изнесува 74,6%. Од пациентите кои се третирале од ковид-19 во Клиника Жан Митрев, 294 пациенти или 47% претходно биле хоспитализирани во други болнички установи.
Бактериските инфекции во време на ковид беа поради имунодефицитна состојба на пациентите како последица на прекумерно користење антибиотици и кортикостероиди. Во Жан Митрев клиника никој не криел интрахоспитални инфекции, во ковид - пандемијата најголем број од инфекциите пациентите веќе ги имаа со себе и беа третирани соодветно“, рече Митрев и нагласи дека е горд што успеал да воспостави нови стандарди во приватниот здравствен сектор со подигнување на нивото на квалитет на услугите.
Тој издвои дека зад себе има тим на врвни професионалци кои секојдневно се борат за човечки животи и дека и нив им паѓа тешко кога некој обвинува за заработувачка на туѓа несреќа.
Со овие факти и бројки што говорат за тоа како се одвиваше лекувањето и третманот на пациентите располагаат и институциите и тие ќе ја докажат вистината, потенцира д-р Митрев.