„Јас и во една друга прилика кажав дека сум отворен со репрезентативниот синдикат, па и со другите синдикати да ги разгледаме сите барања. Професорите од универзитетите, од најголемиот универзитет УКИМ, во четвртокот го изразија своето незадоволство од малите плати, но, исто така, тие прифатија дека да, во Буџетот се предвидени зголемувања почнувајќи од месец септември“, рече Шаќири, пренесе МИА.
Тој додаде дека сите синдикати во наредниот период се добредојдени во МОН да се разговара за барањата и да се најдат решенија.
„Јас сум бил присутен и на три состаноци на интеруниверзитетска конференција и на тие три состаноци се отворени овие прашања, каде што беа присутни сите ректори од сите универзитети. Па, исто така, и тоа што со Националниот совет за високо образование, имаме најавено дека ќе го разгледуваме Законот за високо образование, една од причините е и делот на финансирање или буџетирање или модел на финансирање на високообразовните институции“, рече министерот за образование и наука во одговор на новинарско прашање при посетата на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов”.
Тој вели дека со Националниот совет за високо образование ќе формираат работна група што ќе го работи новиот законот за високо образование, а ќе бидат вклучени претставници од Националниот совет, ректорите од интеруниверзитетската конференција од јавните универзитети, студентите од Студентската унија, претставници од страната на МОН и претставници од Агенцијата за квалитет на високо образование, и ќе утврди каде и како треба да се даде придонес за буџетирање или начин на финансирање на универзитетите.
„Имаат различни начини во различни земји, ќе го разгледаме најдобриот модел. На пример, имав прилика во делот на преговорите со министерот за образование од Бугарија да се запознаам и со начинот на финансирање таму. Освен што имаат основна плата, иста плата за сите универзитети, има модел на финансирање колку повеќе истражуваат професорите толку повеќе ќе добиваат од тој Фонд на истражување и може да постигнат што е можно повеќе плати во делот на објавените трудови итн.“, рече министерот за образование.