Серафимовски: Имаме 25 универзитети, дисперзијата доведе до пад на квалитетот на високото образование

Најголемото и нагло паѓање на квалитетот на високото образование е направено со неконтролираната дисперзија. Имаме 25 универзитети. Од квалитет, што не беше лош, ние направиме неквалитет, смета проф. д-р Тодор Серафимовски, претседател на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.

Во интервју за МИА тој вели дека за да се споредуваме со универзитетите рангирани на Шангајската листа, треба да прашаме каде се нашите финансирања и каде е нашата држава по процентот на издвојување во високото образование, дури и меѓу балканските земји, не само меѓу европските.

- Ако тргнеме колкави се платите на редовните професори, колкави се издвојувањата за нови технолошки програмски потреби на универзитетите, издвојувањето за научно-истражувачка дејност во последните 30 години не се помрднало. Тоа е многу малку и тоа не нуди прогрес, туку живуркање, рече Серафимовски.

Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност беше формиран во јуни 2021, согласно Законот за високо образование од 2018 година. Во изминатиот период, 15-члениот Совет работи на подзаконските акти и на нови правилници, усогласени со европските директиви, по кои треба да работат одборите за акредитација и за евалуација. Правилникот за евалуација е донесен и веќе е во тек конкурсот за надворешни експерти што ќе бидат вклучени во евалуација на домашните универзитети. Но, правилникот за акредитација сѐ уште не е донесен поради тоа што тој одбор не одговорил на забелешките од Советот.

Двата одбора, кои се во составот на Агенцијата за квалитет на високото образование,  не ја исполнуваат и нивната законска обврска, вели Серафимовски, да доставуваат шестмесечни извештаи до Советот кој (заедно со МОН) е првостепена контрола на нивната работа.

- Првостепената контрола сме ние, но Владата треба да си востанови друга, контрола треба да има од инспекциските служби во државава. Основно е да дадат извештаи до Националниот совет, што им е законска обврска, а не ги пуштаат. Ние не сме волк или лав еден на друг, туку сме формирани со иста цел, но како да направиме соработка? Како ќе дојдеме побрзо да квалитет во високото образование ако ние меѓу себе не се почитуваме?, вели Серафимовски во интервјуто.

Тој беше член на Одборот за првата евалуација на УКИМ спроведена во 2006 година. Има над четири децении професорска кариера во областа наоѓалишта на минерални суровини – на УКИМ, а од 2007 на УГД-Штип.

Пред 15 месеци беше формиран Националниот совет како самостоен стручен орган кој ќе работи на обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во државава. Што е направено досега за остварување на оваа цел?

– Мојата оценка како претседател на Националниот совет е дека во овие 15 месеци тој гo оправда очекувањето од неговото формирање, иако беше формиран со задоцнување, затоа што се заокружи еден циклус на координација на  институции кои имаат иста цел – да се грижат за развојот на квалитетот на високото образование во државава. По формирањето на Агенцијата за квалитет, со одборите за акредитација и за евалуација кои се во нејзин состав, беше неопходно да се формира и Националниот совет кој во таа координација е круната зашто има директна контрола на нивната работа.

Според Законот за високо образование, надлежностите на Советот се големи, па и очекувањата се големи. Во својот четиригодишен мандат,  тој има две главни определби – треба да изготви стратегија за тоа каде во наредниот период ќе се движи високото образование во Република Северна Македонија и за начинот на финансирање на високото образование.

Инициравме  измена на Законот за високо образование поради тоа што со неговото имплементирање гледаме дека има некои недоречености што создаваат конфузија, некои членови се преклопуваат, некои веќе се надминати и бараат решенија, иако законот е донесен пред четири години, полека стануваат некомпатибилни со процесите кои сега течат во високото образование. МОН ја прифати иницијативата за измените кои нема да бидат големи. Круцијален проблем сега ни е ограничувањето – професор што  стекнал избор во звање на еден универзитет не може да предава на друг универзитет. Тој е академско лице и може да избира каде ќе предава во оваа држава.  Законодавецот направил ограничување кое не држи.

Тргнавме да ги работиме подзаконските акти. Не можеме да обезбедуваме квалитет во високото образование ако основните законски и подзаконски акти не се донесени по донесувањето на Законот за високо образование. Тргнавме да се донесат правилниците за работата на Одборот за евалуација и на Одборот за акредитација, усогласени со европските директиви. По осуммесечна напорна работа и неколку враќања, Националниот совет го донесе Правилникот на Одборот за евалуација, министерот даде согласност и по тој Правилник веќе се распишаа конкурсите за евалуатори.

Во тек е повикот што го објави МОН за избор на странски експерти за спроведување надворешна евалуација на нашите високообразовни институции и студиските програми? Кога се планира евалуацијата и зошто се ангажираат странски евалуатори?

– Целата постапка за евалуација, според Законот, ја води Одборот за евалуација. Меѓутоа Законот вели и дека тој Одбор има 15 члена и тие 15 члена треба да покријат 300 студиски програми. Замислете, имаме 25 универзитети во државата и сите тие ги сосипуваат со програми кои треба да се евалуираат. Основен проблем беше како да се создаде законска обврска таа евалуација да тече побрзо. Неопходно е листата  да содржи и надворешни евалуатори.

Не ставивме горна граница (за нивниот број), основен критериум е кој евалуатор ги исполнува условите зашто не може да биде секој. Штом заврши конкурсот, евалуацијата ќе почне, од листата за соодветна област ќе се формираат комисии. И според европската директива сме должни да правиме листа и тоа беше една од главните пречки зошто Правилникот се работеше неколку месеци. Тие првин предложија Правилник без надворешни евалуатори.

Сѐ уште го чекаме Одборот за акредитација, му ги даваме истите забелешки, ама нему му е значајно сам да си работи. Тој исто така има 15 члена, не може да пристигне и затоа сѐ што дојде се акредитира. Така не оди. И таму рековме мора да ги запазиме законските директиви што ни доаѓаат од Асоцијацијата на европски универзитети – дека мора да воспоставиме листа на надворешни експерти. А за да се направи таа листа мора да се донесе Правилникот.

За евалуација е донесен Правилникот, за акредитација сѐ уште не  е можно да се направи листата зашто не е донесен Правилникот. Го чекаме, но по нашите забелешки тие веќе петти месец не го враќаат. А до кога ќе чекаме – тука законодавецот не предвидел и вака останува до недоглед. Одборот за акредитација работи по стар Правилник, од пред 20-ина години, иако новиот Правилник има нови решенија компатибилни со европските.

Ова значи дека нема соработка или не функционира добро таа координација на  институциите кои се формирани за иста цел – Националниот совет за високо образование и Агенцијата за квалитет на високото образование со двата одбора?

– Сето тоа функционира, но без една важна спојка – контролата: не сакаме да бидеме контролирани. Првостепената контрола сме ние – Националниот совет за високо образование и Министерството за образование и наука. А за да направиме контрола, Одборот за евалуација и Одборот за акредитација имаат законска обврска на секои шест месеци да поднесат извештај за својата работа до Националниот совет и до МОН.  Советот потоа дава оценка за нивната работа и ги усвојува или ги враќа на дополнување. Но не даваат.

Одборот за акредитација само еднаш во оваа една година достави извештај кој ние го разгледавме и во форма на прашања им го вративме на доработка, но до ден-денес не ни вратија. Одборот за евалуација прати еден пат, двапати ги враќавме, си ги исправија сите корекции и тој извештај е усвоен. Ама следниот веќе го немаат доставено, веројатно зашто ги променија претседателите. Го променија и едниот и другиот и новите претседатели не ги даваат извештаите. Зошто? Не ме прашувајте.

Првостепената контрола сме ние, но Владата треба да си востанови друга, контрола треба да има од инспекциските служби во државава. Основно е да дадат извештаи до Националниот совет, што им е законска обврска, а не ги пуштаат. Ние не сме волк или лав еден на друг, туку сме формирани со иста цел, но како да направиме соработка? Како ќе дојдеме побрзо да квалитет во високото образование ако ние меѓу себе не се почитуваме?

Како го коментирате тоа што во првите илјада места на Шангајската листа не е рангиран македонски универзитет, конкретно УКИМ како најстар и најголем? Особено кога ќе го споредиме со тие што се позиционирани – универзитетите во Загреб, Љубљана, Белград, Нови Сад, со кои бил дел од исти образовни политики во заедничката држава?

– Ова е комплексно прашање, но не заборавајте дека тоа се универзитети кои постојат по неколку века. Само 50-ина години биле во образовната политика на заедничката држава. А нашиот  високообразовен систем тогаш се родил   – „Кирил и Методиј“ е формиран пред повеќе од 70 години.

Паралелата мора од таму да ја водиме. Ние веднаш ги гледаме Харвард и МИТ (Massachusetts Institute of Technology), но сѐ си има свој корен и кога сакаме да правиме споредби, баби и жаби не се компарираат.

Кога сакаме да споредуваме, треба да прашаме и каде се нашите финансирања? И, второ, на кое треба да се стави акцент – каде паднавме од она што бевме? Бевме барем во првите две илјади, сега ни таму нѐ нема.

Најголемо и нагло паѓање на квалитетот го направивме кога ја пуштивме неконтролираната дисперзија на високото образование. Имаме 25 универзитети. Ние од квалитетот што го поседувавме и кој не беше лош, направиме неквалитет.  Во Југославија имаше критериуми од кои немаше отстапување. Имаше висока контрола. Тоа е основното, сега ние немаме контрола, па ни самоконтрола.

Финансирањето е клучно, а од Советот што го предводите се очекува да предложи модели на финансирање, работите на тоа?

– Една од надлежностите на Националниот совет што во овој состав треба да ја реализира во четиригодишниот мандат е изработка на два стратегиски документа – едниот е каде понатаму го гледаме развојот на високото образование во државата.

Тука мора темелно да се вградиме што понатаму. Тука ќе бидат програмите, евалуирањето итн. и модели кои би биле компатибилни со најпрогресивните универзитети или оние од западноевропските земји кои направиле најбрзи промени, по примерот на Северна Ирска, Данска и, во последно време, по примерот на Литванија. Таа, исто така, имала 42 универзитета, па сфатила дека тоа е неодржливо и сега се вратила некаде на 28.

Вториот столб ќе ни биде финансирањето, треба да изработиме модел на финансирање на високото образование и научно-истражувачката дејност. И повторно велам – ако компарираме, треба да видиме каде е Македонија по процентот на издвојување во високото образование меѓу балканските земји. Тука сме под Косово, а да не се споредуваме со европските земји.

Ако тргнеме колкави се платите на редовните професори, колкави се издвојувањата за нови технолошки програмски потреби на универзитетите, стагнира издвојувањето за научно-истражувачка дејност, во последните 30 години не се помрднало.  Тоа е многу малку и тоа не нуди прогрес, туку живуркање.

Можно ли е поголемо издвојување од БДП за науката, кое со години не е ни 1 процент наспроти европскиот просек од околу 3 проценти, и до каде е подготовката на новиот Закон за научно-истражувачка дејност?

– По моето стапување како претседател на Националниот совет, некаде во септември минатата година беа направени контакти и бев информиран дека МОН формирал комисија која работи на нов закон за научно-истражувачка дејност. И на тоа остана. Требаше да остварат контакт Националниот совет и таа комисија, но до денес таква средба нема. Се сменија министрите, тој проект бил приоритет на претходниот министер. Не се состанавме за да видиме што е тоа што тие направиле. Мислам дека комисијата постои, но не добивме информации дали работела, сработила, застанала таму каде што била…

Во однос на издвојувањето за наука и дали може да се приближиме до европскиот просек, во овој момент не очекувам. По пандемијата, целото образование остана настрана. Државата се бори во овие моменти како да функционираат сите сегменти. Нормално, приоритет е да се обезбеди енергија, затоплување, за да не застанат основните образовни текови. И да сака државата да направи нешто во овој момент, не може. Важни се приоритетите за да останат основните функции.

Можноста ја гледаме во дополнување на Законот за високо образование, веројатно ќе се тргне и кон сепаратен закон за научно-истражувачка дејност и откако ќе ги предложиме моделите на финансирање. Но, повторно, тоа се нашите желби, а сето тоа понатаму останува политика.

Нашите ингеренции престануваат кога извештаите за нашата работа на шест месеци ги даваме во Собранието, каде што ги даваме и нашите годишни програми за работа.  Мене ми е задоволство што се основани Агенцијата за квалитет на образованието и Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, формиран како самостојно тело, кој првпат добива можност околу себе да ја има фелата од високото образование. Таа, дефинитивно, може да одлучува самата за себе.  Затоа што порано беше како ќе ти скрои МОН – толку е. Сега, во ваква констелација, ние имаме можност меѓу себе да ги усогласиме актите пред да ги дадеме до државните органи.

МИА

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе