Наодите се основа за анализа на морталитетот од инфекцијата

Причините за смртта закопани: на ниеден пациент починат во болница од ковид-19 не е направена обдукција

За една недела, односно во периодот од 16 до 22 септември, од ковид-19 во земјава починаа 172 лица. Од почетокот на пандемијата до сега во статистиката на починати од компликации од вирусот кај нас регистрирани се 6.539 починати, но во оваа бројка се и лицата што починале во сообраќајки, самоубиства..., а биле позитивни на вирусот. Според статистиката што ја има Институтот за судска медицина во Скопје, до сега направени се околу 50 обдукции на починати лица што биле позитивни на ковид-19. Сите овие обдукции се направени бидејќи имало судско-медицинска индикација за тоа, а во нив се и оние 14 жртви кои починаа во модуларната болница во Тетово. Останатите се случаи на самоубиства, незнаена смрт, ненадејна смрт, сообраќајни незгоди, починати во казнено-поправни установи итн.

Од останатите 6.489 што починале од ковид-19, а за чија смрт немало никаква индикација за да се отвори истрага, не е направена ниту една обдукција. Директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика, д-р Александар Станков, за МКД.мк на оваа тема вели дека до сега немаат направено обдукција кај починат во болница што се лекувал од ковид-19.

Само вчера во статистиката на Министерството за здравство од вкупно 28 починати од ковид-19, седум умреле дома. Но и на починатите дома не им се прави обдукција бидејќи немало судско медицинска индикација за тоа.

Последните податоци за смртноста на еден милион жители од ковид-19 и натаму ја држи Македонија високо на светската црна листа – Перу, Унгарија, Босна и Херцеговина, па ние. Според податоците од Институтот за јавно здравје, од 1 септември просекот на бројот на смртни случаи е безмалку 30 дневно.

За тоа зошто е толку голема смртноста од ковид-19 кај нас, надлежните најчесто образложението го наоѓаат во тоа дека починатите имаат коморбидитети, дека доцна се јавуваат на прегледи, дека вирусот е непредвидлив, а додаваат и дека протоколите за лекување немаат никаква поврзаност со смртноста во болниците.

За тоа дали треба да се прават обдукции, барем кај младите и здрави лица што починаа и беа позитивни на ковид-19, за да се утврди што точно ја предизвикало смртта, д-р Станков вели дека обдукциите се неопходни при анализа на ова заболување, меѓутоа треба да се создадат услови и да се заштити персоналот што ќе ги врши тие обдукции.

„Наодите од обдукциите, со целокупната медицинска историја за еден случај е добра основа за анализа на морталитетот предизвикан од инфекција со ковид-19. Причина за смрт по дефиниција е она заболување, состојба или повреда што го покренува синџирот од случувања што завршуваат со смртен исход. Одговорот за причината за смрт кога се работи за болест предизвикана од причинител што сѐ уште не е до крај познат на медицинската наука е долг и комплексен процес. Се разбира, како основен инструмент за решавање на овие случаи се судско-медицинската или патолошко-анатомската обдукција. Со изведување на обдукцијата се утврдуваат сите макроскопски и микроскопски промени на органите, а со употреба на дополнителни анализи можно е и утврдување на предизвикувачот на заболувањето. Морам да кажам дека се работи за ново заболување, нов вирус и во процесот на утврдување на причината за смрт потребно е да се извршат обемни анализи како на медицинската документација, така и на промените на органите. Во овие скоро две години од појавата на ковид-19 постојат доста сознанија објавени во релевантна литература за вирусот и оштетувањата што ги предизвикува, но за жал не постои лек што би помогнал во лекувањето на болните“, објаснува д-р Станков.

За тоа какви се постапките во случаи на пандемија во врска со обдукција на
пациенти, односно дали и кој треба да побара да биде направена обдукција на починати лица од ковид-19, д-р Станков вели дека без разлика дали се работи за пандемија или не, обдукциите како инструмент за објаснување на една смрт мора да се извршуваат.

„По правило кога пациент починал од природна смрт во болнички услови, тогаш се извршува патолошко-анатомска обдукција. Со извршување на патолошко-анатомска обдукција ќе се утврди секое поединечно заболување, ќе се протолкува нивната меѓусебна поврзаност – да се утврди главното, споредното и случајното заболување, ќе се проверат поставените дијагнози и дејството на применетата терапија. Патолошко-анатомските обдукции имаат огромно едукативно значење, не само за медицинскиот кадар, студентите и лекарите, туку и за проширување на знаењата за етиологијата, развојот и влијанието на болестите, како и дејството на применетата терапија. Судско-медицинските обдукции се аналитичко-синтетички, а според задачите што треба да ги исполнат се разликуваат од патолошко-анатомските обдукции. Во медицинската практика судско-медицинската обдукција го наоѓа своето место преку следниве важни прашања: профилакса – откривање на инфективни заболувања или некои масовни труења, спречување во употреба на некои средства кои се опасни врз здравјето и животот на човекот; дијагноза – поставување и дополнување клинички дијагнози или коригирање на веќе поставените дијагнози и терапија – верификација и контрола на терапискиот третман“, додава тој.

За дали постои друг начин да се открие причината за високата смртност, освен со обдукциони наоди, и на кој друг начин би можело тоа да се направи, директорот на Институтот за судска медицина вели дека смртноста од едно заболување зависи од причинителот на заболувањето, здравствената состојба и здравствената култура на населението и здравствениот систем на државата.

„За да се дојде до одговор зошто смртноста е висока, треба да се анализираат сите овие елементи. Причинителот е утврден, меѓутоа се работи за вирус што постојано се менува и за кој сѐ уште нема лек. Она што треба длабоко да се анализира е здравствениот систем на државата, моменталната здравствената состојба и здравствената едукација на населението и присуството на коморбидитети кај населението. За да се дојде до вистинскиот одговор, мора да се направи длабока анализа на сите фактори што влијаат на морталитетот на ова заболување. Морам да кажам дека нискиот процент на вакцинација влијае како на бројот на заболените, така и на бројот на починатите. Кога веќе немаме лек и кога се соочуваме со висока стапка на смртност, тогаш логично е да се врши масовна вакцинација бидејќи нема друг избор. Веројатноста да завршите на болничко лекување е 29 пати поголема доколку не сте вакциниран“, дополнува д-р Станков за МКД.мк.

Од Министерството за здравство, каде што исто така прашавме на што се должи високата смртност во нашата земја од заразата со ковид-19, ни одговорија дека најголем дел од починатите имале хронични заболувања, кардиолошки болести, дијабетес...

„На 18 септември ИЈЗ во дневната статистика објави 41 починато лице, од кои само 24 пациенти починале во едно деноноќие. Останатите 17 пациенти починале во изминатите неколку недели во приватни болници или во домашни услови, но за нив пријавувањето може да е со задоцнување бидејќи е преку матични лекари. Од вкупно 41 починат пациент, само 11 биле без хронични заболувања, 29 од нив се со повеќе од две хронични заболувања, а сите имале кардиолошки болести. Од завчера пријавените починат 41 пациент, 2 биле вакцинирани и овие пациенти имале болести на срцето и дијабетес.

Уште еден пациент што починал во приватна болница бил вакциниран и имал кардиолошко хронично заболување. Ова е уште еден показател дека вакцините се клучни за заштита од ковид-19, односно единствен начин да не се развие тешка клиничка слика или боледувањето да заврши со смртен исход. Не станува збор за грешка при лекување на пациенти со ковид, на дневно ниво се разговара за состојбата на пациентите во болница како и за починатите, во каква состојба се хоспитализирани, како напредувала формата на болеста, каква терапија им се давала, со какви хронични заболувања биле, КИБФС веќе прави опсежна анализа, и податоците од неа ќе бидат објавени кога ќе се заврши. Секој заразен со ковид што побарал лекарска нега ја добил. Не постои пациент што бил за хоспитализација, а да е вратен поради недостиг од болнички кревет. Поголем процент од починатите се повозрасни со хронични болести. Пациентите кои се со тешка клиничка слика имаат големи оштетувања на белите дробови кои најверојатно потекнуваат од тромбози на ниво на најмалите крвни садови на белите дробови што е во клиничката слика на оваа болест. Координациите со ковид-центрите, лекарите и здравствените работници се на секојдневно ниво и тоа по неколку пати, сите пациенти врз база на клиничката слика и прогресирањето на болеста ја добиваат потребната терапија и им се прават потребните анализи, лабораториски или пак рендгенски снимки, толку пати колку што е потребно. Терапиите што се користат кај нас за лекување на пациенти со ковид се исти како терапиите што се користат насекаде во светот. Дополнително, Министерството за здравство купи софистицирана терапија за лекување на пациенти со ковид, како фавипиравир, моноклонална коктел-терапија, со антитела од лековите „касиривимаб и имдевимаб”, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА)“, стои во одговорот што МЗ го испрати до МКД.мк.

Според последната статистика на МЗ, вчера во земјава од компликации од ковид-19 починати се 28 лица. Пред неколку дена во извештајот за бројките на починатите се најде и 2-годишно детенце што имало и други болести, но било позитивно на вирусот. Меѓу најмладите жртви на вирусот се и 15- и 18-годишни пациенти.

К. Додевска 

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе