На три недели пред почетокот на новата наставна концепција

Подготвен подготвителен материјал наместо учебници за стартот на учебната година

На три недели пред почетокот на учебната година, повторно многу неизвесности за учениците и наставниците. Дел од проблемите се повторуваат, а можно е за учениците на време да не бидат обезбедени учебници. Извесно е дека печатени учебници нема да има за децата кои ќе тргнат во второ и во петто одделение. Освен тоа, откако Бирото за развој на образованието ги објави наставните програми, родителите се во дилема како ќе им обезбедат услови на децата за учење имајќи предвид дека Бирото наведува многу настава со употреба на дигитални уреди, компјутери, таблети, проектори... Министерот за образование вели дека Владата е соочена со многу кризи и дека нема услови да обезбеди електронски уред за секое дете.

Една училница во Општина Карпош

Министерот за образование Јетон Шаќири признава дека можеби на 1 септември нема да има учебници по сите предмети и за сите одделенија во основното образование. Уште не е избрана фирма која ќе ги печати, а во тек е и избор на автори за некои од учебниците. Проблемот е поизразен затоа што  станува и збор за новиот концепт во основнотото образование за децата од прво до четврто одделение, како и за петто одделение.

„Јас се залагав да имаме и учебници во печатена форма, не само во дигитална. Печатени учебници ќе има за децата од трето, шесто, седмо, осмо и девето одделение и тие ќе бидат според старата концепција. За второ и петто одделение во фаза на избор се економските оператори, а во тек е процедурата за одобрување на некои од учебниците. Се надевам дека ќе бидеме подготвени за првооделенците. Сепак, имаме дваесетина дена до почетокот на учебната година и очекувам работите да си дојдат на свое место. Заради секоја евентуалност, со Бирото за развој на образованието изработен е подготвителен материјал за првите три месеци", изјави синоќа министерот Шаќири за телевизијата Сител.

Министерот вели дека станува збор за обемни активности заради новата концепција во образованието која, вели, ќе опфати една третина од децата во основното образование - од прво, второ, четврто и петто одделение.

Во однос на новата концепција, Шаќири вели дека таа нова наставна програма од четврто одделение продолжува во петто одделение, а најкарактеристични се предметите Историја и Општество. Концепцијата значи помалку предмети, а повеќе часови со активности по избор на децата според нивниот интерес. Тој негира дека спојувањето на Историја и Општество значи политичко кратење на некои содржини за кои се говори од аспект на разговорите во Мешовитата македонско бугарска историска комисија, туку, како што вели, ставање акцент на побитните содржини и исфрлање на некои соодржини кои што само го оптоваруваа образовниот процес, додава, како што тоа е тренд и во други европски земји. Шаќири е категоричен дека МОН нема добиено никаков допис од Владата од таков карактер.

Тој не се согласува дека не е адекватно според возраста ученици од второ одделение да учат за родов и други тип на индентитет. Шаќири смета дека е битно децата од мали нозе да научат дека дискриминацијата е лоша работа и да ги прифаќаат како нормални некои од различностите кај луѓето - од родовата, па сѐ до националната различност.

Според тоа што веќе го објави Бирото, петтоодделенците ќе имаат нови предмети, кои, според она што е наведено во наставната програма, е спој од два предмети. Така, нов предмет е Историја и општество, како и Техничко образование и информатика. По Историја и општество ќе учат за поединецот и општеството, за населението и континентите, како и за праисторијата и историјата. За тоа, на часовите ќе користат дигитални паметни (смарт) уреди, учебник, енциклопедии, речници, географски атлас, физичко-географска карта на светот, политичко-географска карта на светот, визуелни прикази за карактеристиките на населението на континентите (боја на кожа, традиција), сложувалки со слики од главните градови на поголемите држави во светот и други прикази и нагледни средства.

Во подрачјето Општество и демократска култура, наведено е дека „ученикот треба да знае да ги идентификува и почитува сите национални симболи на државата Република Северна Македонија и да манифестира чувство на припадност кон државата".

Ако ги анализираме наставните програми, петтооделенците вусшност ќе го имаат и предизвикот да разберат и толкуваат многу од процесите во општеството за кои и возрасните имаат многу дилеми, а за што секојдневно и во медиумите се водат дискусии и политичко - партиски препукувања. Така, наведено е дека ученикот ќе треба да препознава ситуации на злоупотреба на моќта, да го објаснува штетното влијание на корупцијата врз единката, групата и општеството, и да се спротивставува на ваквите појави во опкружувањето.

Бирото вчера имаше реакција во однос на пишувањето на медиумите за овие наставни програми па нагласува дека учениците ќе се учат да распознаваат и почутуваат различности од типот на „пол, јазик и можности", а во однос на оној „политичко - корупциски дел" дообјаснува:

„Една од носечките цели на новите наставни програми и наставните методи е да ги научат учениците од рана возраст критички да размислуваат кога примаат и обработуваат информации, наместо да веруваат во секоја информација која ќе ја слушнат, без оглед на тоа дали е добронамерно или злонамерно пласирана. На тој начин, основното образование ќе овозможи идните возрасни граѓани да бидат поотпорни на политички или друг вид манипулации".

Но, како самите училишта ќе обезбедат техничка поддршка за новата наставна концепција е прашање и за општините во чие подрачје се основните училишта. Покрај различни електронски уреди за наставата, па дури и печатени весници и разни илустрирани списанија, на пример за наставата по Музичко воспитување во кабинетите ќе бидат потребни клавир, пијанино или електрично пијано, смарт табла, телевизор, компјутер со пристап до интернет, квалитетни звучници, ЦД и ДВД уред, ЛЦД проектор, удирачки инструменти.... За Физичко воспитување списокот само на „атлетската" опрема е доста долг, да не зборуваме за топки, фудбалски голови или кошеви. Некои од училиштата, пак, не само што мака мачат да изградат каква таква сала, или да се поврзат на квалитетен интернет, туку немаат ниту нормални тоалетни јазли за одржување на основната хигиена.

Наспроти фалбите од МОН дека учениците ќе имаат учебници и други наставни материјали во дигитална форма, факт е дека сите ученици немаат компјутери или таблети, зашто за тоа пари немаат нивните родители, а министерството не доделува бесплатни уреди. Тука веќе станува збор за нерамноправност на децата уште од најмала возраст, која МОН не може да ја разреши, а од друга страна го фаворизира учењето преку дигитални платформи, со што всушност само ја радикализира нерамноправноста.

На прашањето како е можно општина Аеродром да најави дека ќе додели таблет за секое дете, а тоа не го може МОН, Шакири вели:

„Владата е соочена со многу кризи и со нови очекувани кризи. Од друга страна, имавме доделено таблети во многу училишта, но не во секое училиште има услови за добар интернет и воопшто за функционалност на уредите".

Проблем и натаму е кога ќе се обезбедат свидетелства за завршените основнци и средношколци. Свидетелства во јуни добија само учениците кои образованието ќе го продолжат во странство.

П.Џ.

Легенда под Главна слика

Една училница во Општина Карпош

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе