Алгоритамски бариери

Побрзо ќе добиеш седумка на лото отколку термин за ковид-тест во јавното здравство

Матичните лекари ги потврдуваат сведоштвата на граѓаните дека е речиси невозможно на товар на Фондот за здравствено осигурување да се добие навремен термин за тестирање за ковид-19. Со голем проблем лекарите се соочуваат и кога треба пациент, кому му се влошила здравствената состојба, да го упатат на преглед во некој од ковид-центрите. Ако не успеат да го пријават пациентот, тој нема да биде прегледан и евентуално примен во болница, туку ќе биде вратен.

„Во почетокот од минатата недела мојот син се врати од работа и кажа дека негов колега добил позитивен тест и дека ќе мора да се изолира од мене. Веднаш се јави кај матичниот лекар со цел да закаже термин за тестирање и да се информира дали превентивно да зема некаква терапија. 'Термин нема, немате ни симптоми', му кажа докторот".

Вака ја почна својата приказна Елена од Скопје за голготата низ која таа и синот минуваат низ слепите, како што вели, сокаци на македонскиот здравствен систем.

Во четвртокот синот на Елена добил симптоми, температура, малаксаност. Побарал од матичниот лекар да се тестира. Лекарот му кажал дека термини нема и дека за негово добро треба да се тестира приватно. Најевтино е, му кажал докторот, да се тестира приватно во државна институција, за 1.850 денари на Клиниката, во Институтот за јавно здравје. Во петокот синот го исчекал редот за тестирање и по час и половина му бил земен брис. Тестот бил позитивен.

Бидејќи синот е позитивен, нашата соговорничка Елена стапила во контакт со својата матична докторка за и таа да се тестира. Термин за тестирање нема, ќе бидеме во контакт, добила одговор. По два дена и Елена се разболела. Побарала термин за тестирање.

„Нема термин, односно можно е многу долго да чекате. Не губете време, направете си приватно, за ваше добро", добила одговор од матичната докторка.

Елена се јавила во Институтот за јавно здравје, таму каде што синот направил тест. Добила одговор дека повеќе ни таму не може да се направи тест без термин преку матичен доктор.

Иако синот таму се тестирал, сега се случи и Институтот за јавно здравје да ги затвори вратите за приватни тестирања.

Со болки во коските, загубено чувство за мирис и вкус, со покачена температура, Елена заминала во една од приватните лаборатории. Платила 3.000 денари. Тестот е позитивен. Терапијата што ѝ ја пропишала докторката, а која опфаќа и разни витамини и спрејови за уста и нос, ја платила околу 5 илјади денари.

„Зошто цел живот плаќав за здравствено осигурување, кога сега кога се разболев, морам сѐ да плаќам од својот џеб?", се прашува Елена.

Таа има и друг здравствен проблем, за кој исто така нема термин. Треба да ѝ се изврши операција, но на Очната клиника тоа сега не е можно, бидејќи се работи на реновирање на просториите. Нема датум кога тоа ќе биде завршено, затоа и не може да ѝ дадат датум за операција.

„Изгледа дека ќе морам и операцијата да ја платам во приватна клиника, а немам пари. Но прво да се спасам од короната", вели Елена.
Приказните на Елена ги слушаме и од многу други луѓе. Короната зема замав. Речиси нема човек што не познава некого што е позитивен на вирусот или е болен и се лекува.

Сепак, се јавивме кај еден од матичните лекари во Скопје за да провериме дали состојбите со тестирањето се токму такви или граѓаните можеби се нетрпеливи и претеруваат со своите приказни.

Матичниот лекар кому му јавивме потврдува дека е тешко да се добие термин за тестирање во државните лаборатории.

„Мора да се придржуваме до алгоритамот. А тоа значи, без симптоми на ковид-19 не може да се бара термин за тестирање. Дури ни ако во семејството на граѓанинот што е наш пациент има член што е позитивен или заболен од оваа болест", вели докторот.

Матичниот лекар вели дека од Министерството за здравство еднаш во неделата, во среда, добиваат список со термини за тестирање за идната недела.

„Тогаш ние со часови седиме пред компјутер и се обидуваме да обезбедиме термин за нашите пациенти. Кој од нашиот список ќе добие термин, тоа е како на лото да се добие една од главните добивки. Понекогаш успеваме да фатиме термин за тестирање за наш пациент во друг град. Некои од пациентите, кои се во лоша имотна состојба, прифаќаат да патуваат за тестирање, сметајќи дека патните трошоци ќе им бидат помали од трошокот за тестирање во приватна лабораторија. Другите креваат раце од јавното здравство и одат во приватна лабораторија. Но ако треба да се тестираат повеќе членови од семејството, тогаш трошокот за тестирање е навистина голем", вели лекарот.

Докторката по општа медицина Катерина Димитриеска Георгиева, која е матичен лекар во амбуланта во Ново Лисиче, со која исто така разговаравме, вели дека е зголемен бројот на позитивните на коронавирусот и во таа скопска населба. Вели дека е проблем што не е така мал бројот од луѓето што не се тестирани на вирусот, а биле во контакт со заболени лица, и кои и натаму шетаат надвор од своите домови, пазарат, се среќаваат со луѓе. Апелира дека оваа болест е многу сериозна и дека секој мора да води грижа не само за себе, туку и за другите луѓе.

Д-р Димитриеска Георгиева секојдневно со часови е во контакт со пациентите, но и со здравствените установи, компјутерот не се гаси. Укажува на еден многу голем проблем поврзан со односот на јавното здравство кон сериозноста на болеста.

„Доколку на мој пациент му се влоши здравствената состојба, јас морам да го пријавам за преглед во Инфективната клиника или во некој од другите ковид-центри. Тогаш почнуваат маките. Многу е честа ситуацијата никој да не се јавува. Часови и часови се губат. Проблемот е во тоа што, доколку пациентот не е пријавен за преглед, тој нема да биде прегледан и ќе биде вратен! Мора да се пријави и за санитетско возило со кое би се транспортирал пациентот до некој од ковид-центрите. Тешко е и да се замислат последиците", вели матичната докторка.

Зошто се толку големи проблемите во јавното здравство во услови на епидемија, која не е почната од неодамна, туку е актуелна речиси целата година? Побаравме одговори од Министерството за здравство.

Прашавме каде и како може да се тестира еден граѓанин што е здравствено осигурен доколку чувствува симптоми налик на ковид-19?

„Доколку граѓанин има симптоми типични за коронавирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, се јавува кај матичниот лекар. Јавувањето е преку телефон, а не со директна посета. Матичните лекари, преку епидемиолошка анкета, утврдуваат дали граѓанинот треба да се тестира или не. Доколку треба, преку системот Мој термин матичниот лекар закажува точно време и место за тестирање", гласи одговорот.

На прашањето за колку време граѓанинот ќе го добие терминот за тестирање, односно дали е можно брзо да добие термин, со цел да избегне евентуална опасност од задоцнето јавување во болница, од Министерството велат:

„Капацитетите за тестирање се зголемени на над 2.000 теста дневно. Матичниот лекар се обидува да најде најбрз можен термин, и најблиску до местото на живеење за сите пациенти".

На прашањето дали може на товар на Фондот да се направи тест доколку некој член од семејството е позитивен на вирусот, Министерството вели дека треба да се остане во изолација 14 дена, а доколку се развијат симптоми, треба да се контактира матичниот лекар и тестирањето да биде направено согласно со препораките на матичниот.

Од Министерството практично потврдуваат дека и во Институтот јавно здравје веќе нема тестирање на приватна основа по цена од 1.850 денари, односно дека тоа важи само за една бројка од оние што патуваат во странство.

„Во ИЈЗ 95 проценти од тестирањата се на товар на државата, односно се бесплатни за граѓаните, 5 проценти од граѓаните што треба да патуваат во странство плаќаат приватно по цена од 1.850 денари".

Во некоја од другите државни здравствени установи не може да се направи тестирање на приватна основа, без закажување.

Во однос на брзите тестови, кои пристигнаа неодамна, прашавме кој може да направи такво тестирање и која е процедурата.

„До крајот на неделата Комисијата за заразни болести ќе излезе со алгоритам што ќе влезе во стандардниот протокол на тестирање на пациенти со симптоми на корона. Со каков тест пациентот ќе биде тестиран ќе утврдува матичниот лекар. Тестовите што се бесплатни за граѓаните се распределени во интерните клиники, Клиниката за инфективни болести, болниците Козле и 8 Септември, ТБЦ", ни одговорија од Министерството за здравство.

Се чини дека и навистина единствениот спас од болеста предизвикана од новиот коронавирус е само во превенцијата - носење маски, држење растојание од другите луѓе и редовно миење и дезинфицирање на рацете. Тоа е најевтиното нешто во оваа епидемија, пандемија. И секој од нас на ум треба да ја има превенцијата. Зашто, кога доаѓа болеста, таа носи сериозни здравствени ризици, а на нашите најблиски може да им приреди и сериозни главоболки од обидите за пробивање низ административно-бирократските и алгоритамски бариери.

 

Објавено

Среда, Ноември 4, 2020 - 15:28

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе