Поплаки има и до здружението „Борка“

Онколошките пациенти велат дека се оставени без лекови со месеци, директорот на онкологија тврди терапија има

Пациенти кои се лекуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија тврдат дека со месеци се оставени без биолошка терапија и без лекот херцептин. Дека пациентите се жалат за недостаток на овој лек ни потврдија и од здружението за борба против ракот „Борка", но од таму велат дека во нивна моќ е само да укажат на институциите, но не и да набават лек. Наспроти ваквите тврдења, директорот на Клиниката за МКД.мк, д-р Никола Васев вели дека херцептинот го имало во понеделникот и дека следната пратка за сите 210 пациенти на кои им е потребен ќе стаса најдоцна до вторник.

„Херцептинот ќе го имаме веќе од следната недела, знаете сега дека е криза во Европа. Овој лек го нема од минатиот понеделник. Сакаме да ги информираме пациентите и ги контактираме сите. Набавката не секогаш е до нас. Треба лекот да дојде и тој е на позитивна листа. Следна недела ќе го има и ќе бидат викнати пациентите. Не е точно дека херцептинот го нема подолго, односно го имавме во понеделникот, па сега повторно. Имаме 210 пациенти на херцептин, не е тоа само еден пациент", вели за МКД.мк д-р Васев.

Биолошката терапија претставува иновативен и современ пристап во лекувањето на канцерот. Обично се прима преку инјекција или инфузија и делува на различен начин, или ги стопира или контролира процесите кои овозможуваат раст на канцерот, додека пак други видови ги обележуваат туморските клетки правејќи ги препознатливи за имуниот систем кој потоа ги уништува.

Главната цел на оваа терапија е трајно излекување на пациентот од малигното заболување или доколку тоа не е можно, тогаш целта е стопирање на болеста, задржување на квалитетот и продолжување на животот на пациентите.

За биолошката терапија која е нов пристап во третманот на онколошките заболувања која вклучува користење на сложени протеински молекули произведени во живи организми и која се користи во третманот на многу видови рак за да се спречи или забави растот на туморот и да се спречи ширењето на ракот, д-р Васев вели дека од 30 лекови, нема само четири.

„Биолошка терапија која ја споменувате е од негативна листа и на крај на октомври ќе ги имаме сите лекови. За тие не сме ние одговорни, тоа е негативна листа и додека Фондот за здравствено осигурување не ви даде пари за тоа, не можете да ги имате тие лекови. А за позитивната листа се грижиме ургентно за неа и следната недела ќе го има херцептинот. Другата биолошка терапија ќе ја имаме на крај на октомври. Од 30 лекови, нема само 4 и за нив имаме повеќе пациенти. Овие 4 лекови малку подолг период ги нема, благодарни сме до ФЗО што после 6 месеци успеаја да ги обезбедат", вели д-р Васев.

Биба Додева, од здружението за борба против ракот „Борка" за МКД.мк вели дека пациенти болни од рак се обраќаат до здруженијата со тврдење дека нема одредени лекови, но ингеренциите на здруженијата не се да ги набават лековите, туку се линк помеѓу пациентите и Клиниките, односно Министерството за здравство (МЗ).

Проблемот е сериозен и перзистира веќе подолго време, односно, навистина имаме жалби за недостаток на многу терапии кои им се потребни на пациентите. Работите одат бавно, кризата со пандемијата дополнително ги одложи решавањата на овие проблеми а од друга страна здруженијата кои реагираат за ваквите променти се ставени во незавидна положба. И срамно е што здруженијата наместо да бидат за помош и поддршка во текот на терапијата, да нудат едукации, психолошка поддршка и останати институционални активности за подобрување на сервисите во дравствениот систем, ние треба да изиграваме и инспектори дали има или нема лек, кога ќе биде тендерот и слично. Клиниките каде се лекуваат пациентите, Министерството за здравство заедно со Владата и институциите, тие треба да направат промени бидејќи тие имаат кредибилитет за решавање на овие проблеми. Залудно „Борка" или било кое друго здружение да укажува на проблемитге, доколку се нема слух од извршната власт тоа веднаш да се реши. Ние како здруженија и алијанса се здруживме поради истите проблеми, подготвивме и испративме писмо - барање до сите институции со конкретни точки, но и укажавме дека дека сме отворени, со сите наши капацитети да помогнеме и да изнајдеме заеднички решенија. Мора сериозно да се сфати овој проблем и да се реши од корен. Од тендерите, од набавките, од одобрувањето на нови лекови на позитивна листа и достапност до дијагностички процедури, пациентите имаат проблем. Конкретно ќе ви кажам, имаме млади луѓе заболени од најлошиот вид на рак на кожа-меланом, кои веќе 4 месеци не ја примаат терапијата која ги одржувала во живот. Мајка ми почина од овој вид на рак токму поради недостапност до современи терапии кои можеа да и го спасат животот, се чувствувам беспомошно, многу терапии фалат а јас не знам што да им одговорам на овие луѓе, на овие семејства, бидејќи тоа не зависи од мене", вели Додева.

Таа од пред неколку месеци е преселена во Загреб со нејзиниот сопруг и додава дека иако веќе не живее во Македонија, се уште и останува грижата за пациентите и ќе помага и во иднина. Сепак вели наоѓа и продолжи да наоѓа време и можности за да дојде почесто во Македонија и ќе се бори да се решат овие ситуации кои ги засегаат онколошките пациенти.

Редакцијата на МКД.мк уште во март објави дека пациентите со онколошки заболувања кои се лекуваат на ЈЗУ универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, се соочуваат со недостаток на биолошка терапија која е неопходна за нивно лекување, третман и подобрување на здравствената состојба.

Од Министерството за здравство тогаш одговорија дека немаат поплаки во однос на обезбедување на потребната терапија на пациенти кои се третираат на клиниката.

К.Д.

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе