Министерство за здравство

Нови 100 болнички кревети во хотелот „Ибис“, приватните болници на помош за ковид-19

Министерството за здравство и трите најголеми приватни болници, „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“, синоќа се договорија да соработуваат во борбата против ковид-19. До крајот на неделава старата гинеколошка болница на „Систина“, поранешна „Мала богородица“, ќе биде пренаменета во инфективно одделение каде ќе може да се лекуваат 100 пациенти. Лекувањето ќе биде бесплатно, на трошок на државата, а за пациентите ќе се грижи лекарски тим од „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.

Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, и на хируршките клиники неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за ковид-пациенти.

Во меѓувреме, бројката на заразени не стивнува. Последниот биланс покажува 1.112 нови случаи и  24 починати лица.

Министерот сепак, уверува дека на скопските клиники засега има доволно кревети, а максимално е ангажиран и медицинскиот персонал. „Поставеноста на системот покажа дека добро функционира и дека дава резултати во поголем број оздравени пациенти и во доволен број слободни кревети“, рече Филипче и додаде дека капацитетите брзо се пополнуваат, но не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата.

„Постигнат е договор со трите најголеми приватни болници и обезбеден е дополнителен капацитет од 100 кревети за третман на ковид пациенти. Станува збор за ресурси што државата ќе ги користи од приватните болници. Заеднички се договоривме тоа да биде поранешната болница „Мала Богородица“ (сегашен хотел „Ибис“) каде може да се сместат 100 пациенти. Целосно ќе бидат опремени од страна на сите приватни болници со нивен заеднички договор. Од таму ќе биде обезбеден и кадар и материјали. И за сето тоа соодветен надоместок согласно постојните закони ќе плаќа државата, потенцираше Филипче по средбата со сопствениците на „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.

Тие потврдија дека се подготвени да помогнат и да максимално да излезат во пресрет за добро на граѓаните.

„Постигнавме договор во интерес на граѓаните. Ако остане како што е договорено, сите три поголеми и другите помали приватни болници ќе бидат вклучени во помошта на граѓаните за борба против ковид-19 и сите наши ресурси со кои располагаме. Комплетно ги прифативме условите од Министерството“, изјави сопственикот на „Систина“, Орце Камчев.

Според сопственикот на „Филип Втори“, Жан Митрев, сите се на ставот дека треба да помогнат колку што можат.

„Начелно имаме концепт и стоиме зад сето тоа. Министерот и Министертсвото треба да го водат сето тоа, ние сме тука да помогнеме и во опрема и во кадар и во логистика. Засега нема никакви недоразбирања или нешто околу што би се расправале, напротив, мислам дека сите сме во тој правец – да помогнеме колку што можеме во оваа ситуација“, истакна Митрев.

Министерот Филипче вчера се сретна и со директорите на повеќето скопски клиники во кои се отворени ковид-центри, како и со раководството на  ГОБ „8 Септември“. Овој критичен период, нагласи, ќе продолжи и во наредните недели, а ќе продолжи и притисокот врз болниците. Затоа, од клучна важност е, порача, граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од ковид.

Апел за почитување на заштитните мерки, упати и в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кој во изјава за МИА рече дека денеска претпладне ќе заседава Главниот штаб за управување со кризи.

На седницата, информира Ангелов, ќе биде разгледан планот на Министерството за здравство, кои објекти треба да се обезбедуваат. Притоа напомена дека Армијата при обезбедувањето само ќе и асистира на полицијата и ќе биде на своите позиции без оружје.

„Ние веќе добивме од Министерството за здравство план на објекти кои треба да се обезбедуваат. Утре ќе го разгледаме и ќе го дадеме на МВР да го операционализираат. Ќе побараме од соодветните служби на Министерството за внатрешни работи, во делот на обезбедување, да изготват план – дали се прифаќаат сите точки, дали е доволно покривање во една смена или 24 часа. Врз основа на тоа, ќе предвидат луѓе кога би ротирале во три смени. Тогаш ќе ја имаме ние вистинската слика“, објасни Ангелов.

Акцискиот план, потсети, се уште не е поминат и одобрен од Управувачкиот комитет, затоа не може да се процесуира, а треба да помине и на Влада.

Министерството за здравство синоќа соопшти дека во последните 24 часа бројката на ковид дијагностицирани е 54.743, а направени се 2.553 тестирања. Од новите 1.112 случаи, најмногу се во Скопје, 321.

Според последните бројки на Министерството, во ковид-центрите во Скопје се лекуваат 474 лица. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 54.743, бројката на оздравени пациенти е 32.366, на починати е 1.511, а бројот на активни случаи изнесува 20.866.

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе