Омбудсманот испрати информација со нотираните слабости

Низа забелешки до МОН: Нема учебници или се неупотребливи, не се води грижа за менталното здравје на учениците...

Недостиг од учебници или користење оштетени во наставата, недоволна грижа за менталното здравје на учениците, немањето образовни асистенти за учениците со попречености во средните училишта и влијаниаето на енергетската криза врз работата на училишта се нотирани во Информацијата на Народниот правобранител за констатираните слабости при остварувањето на правото на образование и спроведувањето на воспитно-образованиот процес во основните и средните училишта во земјава, која е доставена до Министерството за образование и наука.

Иако е почната учебната 2022/2023 година, се наведува во Информацијата, не запираат реакциите во јавноста за недостиг од учебници за учениците од основните и средните училишта. Родителите и учениците реагираат поради немањето печатени учебници за сите наставни предмети, а се жалат и поради дотраеност на достапните учебници.

„Учениците кои посетуваат настава во прво, второ, четврто и петто одделение информираат дека немаат добиено комплети печатени учебници за сите наставни предмети согласно наставниот план и програма, што укажува дека учениците од овие одделенија ја започнаа учебната година со материјали за учење во печатена форма, во кои се обединети содржини од неколку наставни предмети. Народниот правобранител го нотираше и немањето учебници по наставниот предмет Англиски јазик и оваа учебна година, па наместо користење учебник, според наводите, наставниците и учениците се служат со извадоци од постари учебници и други извори на материјали согласно наставната програма. Сознанијата на Народниот правобранител се дека години наназад нема официјално одобрени учебници по Англиски јазик“, се наведува во Информацијата.

Учениците се жалат дека дополнителен проблем им претставува тоа што најголем дел од добиените учебници се сериозно оштетени, до степен на неупотребливост, поради што родителите се изложуваат на трошок да ги печатат електронските верзии на учебниците. Преку медиумите за ова реагираа и од Сојузот на средношколци наведувајќи дека учениците добиле или многу оштетени учебници од кои не се учи, или дел од нив воопшто не добиле учебници. Овој проблем е присутен во повеќе средни училишта во Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Делчево и во други градови. Според нив, недостигот од учебници особено е карактеристичен за стручните предмети во средните стручни училишта.

Народниот правобранител укажува на актуелниот Закон за учебници за основно и средно образование според кој учебникот може да биде во употреба пет учебни години, освен учебниците во кои има содржини кои ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење, како и учебниците за прво, второ и трето одделение.

„Земајќи предвид дека новата учебна година почна со реализирање на наставата со физичко присуство, без исклучок за сите ученици, до нашата институција доставени се претставки од родители кои изразија загриженост за ваквата одлука, посочувајќи дека овој начин на реализирање на настава претставува предизвик за хронично болните деца и родители, како и другите членови на потесното семејство, особено имајќи предвид дека пандемијата е се уште актуелна, како и мерките за заштита од ковид-19, и во таа насока заради непречено образование без да се доведе под прашање здравјето на хронично болните деца, но и здравјето на хронично болните лица во семејствата на учениците како лица во ризик, побараа интервенција со цел да се даде можност и оваа учебна година да продолжи настава со учење од далечина за овие деца, се наведува во Информацијата на Народниот правобранител.

Со оглед дека учебната година е во тек, пандемијата со ковид-19 е уште присутна, Народниот правобранител му препорачува на Министерството да побара стручно мислење од Комисијата за заразни болести во однос на начинот на следење на настава на хронично болни деца ученици и на ученици кои имаат хронично болни лица во нивните семејства. Притоа потсетува дека сите инволвирани во наставниот процес треба да се грижат и да придонесат за безбедно и непречено одвивање на образовниот процес на децата.

Извештајот се осврнува и на трагичниот настан во гимназијата „Р.аде Јовчевски Корчагин" – Скопје, за кој вели дека сериозно ја потресе јавноста и отвори многу прашања кои бараат сериозна анализа, меѓу кои и прашањето за грижата за менталното здравје на учениците и колку е тоа предмет на анализа и работа на наставниот и стручниот кадар од училишните стручни служби. Народниот правобранител констатира дека мал број ученици имале поддршка од страна на педагошко-психолошката служба, и во мал број на училишта се одржале предавања на тема подобрување на психолошката добросостојба.

„Имајќи го предвид наведеното, како и неодамнешниот настан, во кој средношколец си го одзеде животот, Народниот правобранител укажува дека училиштата, покрај воспитно-образовната дејност, даваат клучен придонес во емотивниот и конгнитивниот развој на децата и имаат значајна улога во општествениот развој и промените. Следствено, вработените во училиштата, наставниот кадар и стручните тимови, со оглед на значајната улога во процесот на заштита на децата, на потребите и грижите на децата потребно е да им пристапуваат чувствително грижејќи се за нивните права, приватност и достоинство“, се наведува во Извештајот.

Народниот правобранител е на мислење дека Министерството за образование и наука, во соработка со другите ресорни министерства (Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика), и во координација и соработка со училиштата, институциите за заштита на децата, како и локалните самоуправи континуирано треба да преземат активности и мерки за заштита на менталното здравје, како и безбедност на учениците во училиштето и надвор од него.

Исто така, стручните соработници во училиштата, потребно е да бидат едуцирани и обучени за рано откривање на проблеми во менталното здравје на децата, да ги препознаат знаците од нарушено ментално здравје, со цел превенција, спречување и минимизирање на немили настани кои го загрозуваат здравјето, добросостојбата, и животот на учениците, со почитување на правата на децата и нивниот најдобар интерес.

Констатира и недостиг од образовни и лични асистенти за учениците со попреченост вклучени во редовните училишта и дека тоа претставува сериозна бариера за непречено остварување на правото на образование на секое дете.

„Согледувајќи го недостигот од образовани асистенти во минатата учебна година, позитивно за истакнување е дека оваа учебна година учениците со попреченост кои следат настава во општинските основни училишта ќе бидат поддржани од вкупно 720 образовни асистенти обезбедени преку Министерството за образование и наука, што е значајно зголемување на бројот на ангажирани асистенти во споредба со минатата година. Народниот правобранител ја поздравува одлуката на Министерството за зголемување на бројот на образовни асистенти, воедно укажува континуирано да се следи состојбата, со цел правично и навремено доделување на образовните асистенти за децата од основното образование за кои овој тип на поддршка во учењето е потребна за непречено образование. Во овој контекст, Народниот правобранител укажува на потребата од неопходноста за континуирана соработка на МОН со надлежните тела за функционална проценка со цел редовно согледување на реалната потреба, а со тоа навремено обезбедување на дополнително потребни образовни асистенти, како сите ученици за кои овој тип на поддршка им е потребен да можат да го остварат своето право“, стои во Извештајот на Омбудсманот.

Во врска со наведеното, проблем кој е нотиран и оваа учебна година е тоа што за учениците со попреченост кои следат настава во средните училишта не се обезбедени образовни асистенти како системско и трајно решение.

„Загрижува тоа што за учениците со попреченост во средните училишта образовни асистенти ќе се обезбедуваат со поддршка на УНДП преку вклучување на евидентираните невработени лица од Агенцијата за вработување на РСМ во програмата за Општинско-корисна работа, а според сознанијата на Народниот правобранител само неколку општини во државата во август објавија јавни повици за ангажирање на образовни асистенти, пришто ангажманот е во времетраење од девет месеци за што ќе добиваат паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари, поради што постои голема незаинтересираност од страна на потенцијалните кандидати. Според сознанијата, потенцијалните кандидати кои ќе ја испорачуваат оваа услуга воопшто и не се проценуваат врз основ на нивните професионални квалификации и компетенции, а ќе даваат поддршка во учењето на деца со попреченост што секако претставува одговорна задача која треба максимално посветено и профеионално да се работи“, укажува Народниот правобранител.

Исто така, проблем на кој посочиле подносители на претставки кај Народниот правобранител е тоа што за учениците со попреченост од државните средни училишта кои се под ингеренции на Министерство за образование и наука, воопшто не е можно добивање образовна асистенција, па тие и во текот на оваа учебна година остануваат без потребната поддршка, со што се повредува правото на квалитетно образование, а воедно се доведуваат во нееднаков третман со другите ученици, што е спротивно на Конвенцијата за права на детето и Конвенцијата за права на лицата со попреченост, и истото не смее да се дозволи.

Народниот правобранител препорачува интензивирање на активностите од страна на Министерството за образование и наука со цел донесување нов Закон за средно образование и негово усогласување со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, и во таа насока поддршката за учениците со попреченост во средното образование (образовна асистенција) да биде утврдена како системско решение.

„Дотогаш, со оглед дека учебната година е во тек, Народниот правобранител препорачува Министерството согласно надлежностите да ги преземе сите мерки заради овозможување непречено образование и поддршка од образовен асистент за секое дете со попреченост кое следи настава во државните средни училишта кои се под ингеренција на Министерството, додека, пак, во соработка со локалната самоуправа да се изнајде решение за учениците со попреченост вклучени во општинксите средни училишта“, наведува Народниот правобранител.

Во однос на актуелната енергетска криза во државата, се наведува во Извештајот, од аспект на почитување и непречено остварување на правото на образование на децата/учениците, имајќи ги предвид надлежностите на ова Министерство, кое преку блок-дотации до општините го финансира греењето, а менаџирањето на средствата е во надлежност на локалната самоуправа, укажува дека е потребно Министерството за образование и наука, во соработка со локалната власт, директорите на училиштата на локално и централно ниво, преку спроведување сеопфатна анализа, да ја согледа моменталната состојба за подготвеноста на училиштата за грејната сезона, се со цел непречено реализирање на воспитно-образованиот процес за децата во зимски услови.

„Според Народниот правобранител, потребно е да се преземат сите мерки заради непречено одвивање на наставниот процес во училиштата, при што со особено внимание да се следат ефектите на мерките во услови на енергетска криза и секако влијанието на истите врз правата на детето, потсетувајќи дека донесувањето на која било мерка која ги засега децата да биде претходно разгледана и од аспект на најдобриот интерес на детето, со цел непречено и квалитетно образование на секое дете“, стои во Извештајот за согледаните состојби во образованието, која Народниот правобранител му ја достави на Министерството за образование и наука.

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе