Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, препорача почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 год, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи, соопшти Министерството за здравство.
Воедно, Комисијата препорачала клиниките кои беа пренаменети во ковид-центри, како што се Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје и натаму да функционираат како центри за ковид-болни, а е препорачано да се отвори дополнително ковид - одделение во ГОБ „8 Септември".
„Трите државни установи се известени веднаш да ги преземат неопходните активности“, се вели во соопштението на Министерството за здравство и се додава дека на состанокот, на кој присуствувал и министерот Беким Сали, била разгледувана епидемиолошката состојба во земјава.
Зајакнувањето на капацитетите е резултат на континуираниот пораст на бројот на новозаболени, велат од министерството.
„Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина '13 Ноември', при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од ковид-19. Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари)“, информира министерството.
Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид центрите, како што пишува во соопштението, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата