„Карциномот на грлото на матка е еден од водечките кај женската популација на возраст од 15 до 45 години, а е втор по ред, веднаш по карциномот на дојка. Родителите ова сериозно треба да го имаат како информација со цел да донесат одлука дали ќе ги вакцинираат своите девојчиња или не“, вели проф. д-р Александра Грозданова.
Додава дека согласно календарот за имунизација оваа вакцина се дава помеѓу девет и 12 години, а дополнително оние кои немаат примено вакцина до оваа возраст можат да ја примат до 15 години.
Причината зошто баш на оваа возраст е потребно девојчињата да ја примат вакцината, како што вели д-р Грозданова, е поради тоа што од имунолошки аспект е многу важно кога ќе се даде вакцината, но дополнително, оваа вакцина е асоцирана да се прими што е можно порано, односно пред девојките да стапат во сексуални односи.
„Оваа вакцина што во моментов е достапна кај нас е четиривалентна и заштитува од четирите најинвазивни серотипови, директно асоцирани со развој на рак на грло на матка. Има и нови вакцини со поголема валентност и очекувам во следните години да ги имаме и тие“, додава таа.