Реакција на родителите

Малиот Македон, светскиот првенец по математика, попусто ги чекал ветувањата од државата

Седум и пол годишниот Македон Димитровски од Тетово, освои три златни медали на светски натпревари по математика, освои прво место, целата јавност се крена на нозе зашто се работи за мал генијалец кому математиката му е така лесна што решава задачи тешки и за возрасни математичари, па има големи познавања од други области, говори и брои на неколку јазици, меѓу кои и на кинески. Го примија детето и се фотографираа со него многумина - од градоначалникот, преку министерот за образование, сѐ до шефот на држата. Сите ветуваа. Засега ништо. Родителите разочарано се огласија, рекоа: ова е пораз, добивме едно ништо.

„За учениците со натпросечна интелигенција се организираат и додатни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции, на пример, се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици“, велат од МОН за МКД.мк на нашето прашање зошто за малиот генијалец, ученикот Македон Димитриевски, кој освои прво место во светот по математика и три златни медали, не се реализирани ветувањата дадени од самиот министер.

За потсетување, 135 е коефициентот на интелигенција на Македон, со прогноза да надмине и 150. Шанса ли е тоа за државата да даде поддршка, тоа талентирано дете да се дообразува и во иднина да биде од голема полза за државата на која ѝ се потребни високо образовани стручни кадри, уште повеќе млади па и стари генијалци?

Обраќањето на таткото на Македон преку Фејсбук дише со голема разочараност од односот на МОН и самиот министер.

Таткото потсетува дека по освоените златни медали, Македон и родителите биле повикани во МОН на средба со министерот, сѐ било срдечно, а министерот дал големи ветувања, од средби еднаш месечно, до контакти со спонзори кои, како што кажал, сакаат да го финансираат неговото образование како многу важно за неговата иднина и за иднината на земјава, до контакти со амбасадори за истата цел.

Но, денеска, откако многупати родителите прашувале дали има нешто ново во поглед на можностите за усовршување на школувањето на Македон, следувало разочарување.

„Ни кажаа дека амбасадите не можеле да ги контактираат на соодветно ниво, туку во неформални контакти биле незаинтересирани, дека спонзорите одеднаш станаа незаинтересирани, а државата не може да инестира во ваков тип на обраозование. Со еден збор, добивме едно големо ништо на денот кога Македон го доби третиот медал, замислете, на светско ниво! Што треба едно дета со таков коефициент на интелигенција да направи за да добие поддршка од држаата? За сега, едно големо 0", напиша таткото Владимир на Фејсбук со цел јавноста да дознае каков е односот на држаата.

За огорченоста на родителите на Македон, како и за наводите на неговиот татко, од МОН на нашето прашање за став и коментар и зошто не се реализирани ветувањата, не добивме директен одговор, туку повеќе детали за процедурите кога станува збор за поддршка на деца со натпросечни знаења и интелигенција, без притоа да се даде појаснување што е сторено за детето од Тетово.

Од МОН наведуваат дека се реализираат повеќе активности со кои се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати, како и дека се дава и парична награда за освоени први места на меѓународни и државни натпревари, но и стипендии.

„Освен што талентираните ученици на предлог на одделенски наставник односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет можат да напредуваат и забрзано, но најмногу до два пати за време на школувањето да преминат во наредно одделение, за учениците со натпросечна интелигенција се организираат и додатни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции. На пример, се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Учениците се подготвуваат за учество на натпревари од страна наставници ментори", одговора на почетокот МОН.

Потоа се наведува дека пред две години е отворена Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката, како и дека секоја година МОН доделува стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области.

„Дополнително, МОН доделува и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по било кој предмет организиран од акредитирано здружение на наставници ( износот е 50% од просечната нето плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки (100%, 80% односно 60% од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место). Исто така, се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада ( 12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал). За учебната 2020/2021 година се доделија парични награди на 16 ученици (во прилог листа со податоци за учениците) кои учествуваа на меѓународни натпревари/олимпијади, додека за учебната 2021-2022, јавните повици се во тек. Учениците кои ќе го освојат првото место во рамки на државниот натпревар – Лидер на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50% од просечната плата", нагласуваат од МОН.

Во одговорот од МОН понатаму се наведува дека во последниот период, учениците почесто се вклучуваат и во програмите на Фондот за иновации, како и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации како што е UPSHIFT програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ, каде се поддржува нивната креативност и се стимулира заложбата за напредок, преку понуда на некое решение на секојдневен предизвик од кој е засегнато општеството во областа на екологијата, енергетиката и слично.

На крајот се говори за реформи во основното образование и начини за поттикнување на креативниот потенцијал со воведување на изборни предмети, како можност за рана идентификација на таленти итн., како и дека „МОН ќе продолжи и во иднина со креирање на нови и унапредување на постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување на целосно остварување на нивниот потенцијал и секако стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија".

Што значат овие одговори за Македон и неговите родители, останува самите да анализираат, секако и јавноста, па и самите политичари кои со насмевка се фотографираа и даваа изјави и соопштенија.

П.Џ.

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе