Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) ја поздравува одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија. Со ова, на реномираниот ИНАЛКО во Париз, македонистиката доби статус со којшто е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност, со неможност да се спои со други студии. Едновремено, ова подразбира и можно проширување на студиите по македонистика, со обезбедена финансиска помош. МСМЈЛК при УКИМ, како и досега, постојано, преку лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО ќе го остварува својот максимум за изучувањето на македонистиката во Франција, како и за вложување во сите можности коишто ќе претставуваат нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.
„Во период кога веќе ги планираме активностите за одбележување половина век изучување на македонистиката на ИНАЛКО во текот на следната година, од Париз пристигна оваа значајна вест, којашто радува, но и обврзува на уште поинтензивни натамошни активности. На ИНАЛКО македонистиката се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Веќе неколку години функционира и одделна професорска катедра за македонистички студии – првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја. Но, вклучувањето на македонистиката во олку важен проект и добивањето статус којшто дава гаранции и за нејзината иднина на ИНАЛКО е посебен успех – уште еден показател и на поддршката којашто македонистиката ја добива на оваа врвна образовна и научна институција во Франција“, вели директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Од името на МСМЈЛК при УКИМ, таа се заблагодари на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро од ИНАЛКО, којашто ја покрена и се залагаше за прифаќање на иницијативата македонистиката да биде препознаена како ретка дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување и да биде вклучена во овој голем проект со одлука на научна комисија.
Инаку, на ИНАЛКО, македонскиот јазик се изучува како главен предмет – три години додипломска настава, две години на вториот циклус студии, како и на школата за докторски студии. Лекторатот по македонски јазик работи од 1973 година, а во моментот лекторската настава ја изведува м-р Ѓоко Здравески. Од париската Катедра за македонистика, МСМЈЛК при УКИМ очекува и тројца учесници на претстојната 55. Летна школа што ќе се одржи од 17 август до 2 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.
Според досега достапните информации, француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија се очекува да се прошири во сите европски земји, со што можностите за зајакнување и афирмација на македонистиката на универзитетските центри ширум Европа преку овој проект ќе бидат и поголеми.