Откако „Фајзер“испрати договор

Ќе биде ли март месец на почеток на имунизација против ковид-19

По многуте изјави во изминатите два месеца на премиерот Заев и на министерот Филипче за тоа кога ќе добие Македонија вакцини, вчера беше соопштено дека компанијата „Фајзер-Бионтек" пратила договорот со детали за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година. Во тој договор, како што беше информирано, е наведено дека првата пратка ќе пристигне во текот на месецов и ќе содржи 21.060 дози вакцини.

Производителот „Фајзер-Бионтек" во текот на годинава на Македонија ќе ѝ испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во четири квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. 

Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек" се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат шест дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои пет дена, а растворена да се чува шест часа.

Според изјавите на министерот за здравство Венко Филипче, нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Со вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек", но со донацијата од Србија, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.

Филипче синоќа изјави дека во текот на месецов сигурно ќе започне имунизацијата.

„Очекуваме, според најавите, одредена количина преку ковакс системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава  дека тоа може да се случи викендов, веќе в недела, но повторно ќе кажам сега имаме искуство, сите земји имаат искуство, сите се соочија со тоа, тоа што иницијално им беше ветено и укажано од компаниите едноставно не се случи, нагласи министерот Филипче.

Министерот за здравство во однос на тоа каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви на корона вирусот, рече дека сега комапниите анализирааат и оти нема потврда со сигурност каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви.

„Затоа кога вака во квартали ги добиваме вакцините можно е да се случи производителите да ги сменат платформите на коишто се произведуваат вакцините, за да бидат ефикасни на потенцијалните нови соеви и затоа е развиен овој систем вака затоа што може да се случи фајзеровата вакцина којашто ќе доаѓа на крајот на годината едноставно да не биде истата со таа што е сега, зошто таа можеби ќе биде ефикасна на некој друг сој што тогаш ќе биде актуелен, не само кај нас, ова важи за буквално секоја земја во светот“, рече Филипче. Министерот за здравство нагласи дека на некои работи едноставно не можеле и не можат да влијаат, а причината, како што рече, е многу јасна.

„Нема доволно вакцини во овој момент насекаде во светот, не стигнуваат ниту со потребната ниту со посакуваната динамика од страна на секоја земја. Сликата ќе биде драстично поразлична во вториот квартал заради тоа што значајно ќе се зголемат и сите производствени капацитети“, изјави Филипче.

Според министерот, првата компанија која што ќе испорача вакцини преку Ковакс механизмот е „Астра Зенека".

„Тоа што последно ни е стигнато како информација е дека 20 до 30 проценти од тие 100 до 170 илјади вакцини ќе стигнат во првиот квартал, тоа значи во месец март. И тоа е тоа што беше споделено во изминатиот период, така што тоа се нашите очекувања согласно сите информации коишто ги добиваме од производителите. Повторно ќе кажам, можно е да има некаква промена, можно е да споделиме некаква нова информација согласно тоа што нас ни стигнува како информација, меѓутоа очекувам дека во вториот квартал согласно сите насоки, најави од буквално сите производители веќе овој процес ќе биде поинаков, веќе количините ќе бидат значајно повеќе на располагање поради поголемо производство“, изјави во гостување на МТВ Филипче.

Премиерот Заев претходно изјави дека е вложено многу напор за да се обезбедат вакцини.

„Ако броите, станва збор за  800.000 фајзерови вакцини, 833.000 преку ковакс механизмот, 400.000 од Кина, 200.000 имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согасно грантот од 70 милиони, донациите кои што дополнително ги најавија сите соседи, тогаш ќе стигнеме  до 2,5 милиони дози. Значи сме направиле исчекор повеќе за да ги фатиме сите механизми, сите алатки, да направиме договори, преддоговори, некаде дури и анекс да платиме со конечна цел да преземе сѐ што е неопходно за имунизација на населението. Денови се во прашање“, рече Заев.

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе