Поради пандемијата од ковид-19 заборавивме на сидата?

ХИВ-тест може да се направи бесплатно до 30 ноември

До 30 ноемви секој заинтересиран граѓанин ќе може да направи анонимен и бесплатен тест за проверка дали е позитивен на вирусот на сидата, соопшти Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни" – Скопје, кое и годинава организира активности за подигнување на свесноста за ХИВ-инфекцијата.

За таа цел, Здружението промовира краток видео-спот со 15-тина јавни и влијателни личности, кои ги пренесуваат најважните пораки за ХИВ, што секој човек треба да ги знае во денешно време.

„Со ХИВ можеш да живееш еднакво долго и квалитетно, како и без ХИВ. Важно е да дознаеш што порано и редовно да примаш терапија", „Кога луѓето со ХИВ редовно ја примаат терапијата, вирусот станува недетектабилен и не може да се пренесе на друго лице преку сексуален однос, „ХИВ-позитивна мајка може да роди ХИВ-негативно бебе", се дел од пораките што се пренесуваат во видео-спотот и во кампањата на „Заедно посилни".

Здружението промовира и едукативна стрип-приказна за искуството на едно младо лице во дознавањето на својот ХИВ-позитивен статус.

„Оваа стрип-приказна е развиена од млади луѓе коишто самите живеат со ХИВ и се членови на „Заедно посилни" и ги отсликува дилемите, стравовите и соочувањето со нив на главниот јунак пред да направи тест и по дознавањето на својот статус. Таа, исто така, го илустрира и достапниот систем за поддршка на луѓето со ХИВ во рамките на институциите и на ниво на заедницата", информираат од здружението.

Печатената верзија на стрипот ќе биде дистрибуирана бесплатно преку повеќе организации и локали, а може да се подигне и од просториите на Здружението во Дебар Маало. Електронското издание ќе биде промовирано преку социјалните медиуми и ќе може да се преземе од сајтот на „Заедно посилни".

Здружението се приклучува на Европската недела на тестирањето и нуди секојдневни услуги за бесплатно и анонимно тестирање од 16 до 20 часот во периодот од 25-30 ноември.

„Секој заинтересиран ќе може да го провери својот ХИВ-статус за време од 30-тина минути, а за тоа не се потребни документи за лична идентификација.Посетителите, исто така, може да добијат сеопфатни и современи информации во врска со заштитата од ХИВ, односно живеењето со овој вирус и неговото лекување, како и други информации во врска со сексуалното здравје", соопштија од Здружението.

Здружението органира и отворен ден за одбележување на Светскиот ден на СИДА на 1 декември во "Short bus".

Активностите се овозможени со поддршка од Министерството за здравство – Програма за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 г., Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и програмата Цивика Мобилитас. Годинава, со поддршка во активностите на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ се придружи и Ротари клубот „Скопје – Камен мост"

 

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе