Во демантот на директорката Стефановска пишува дека во градинката немало никакво насилие туку дека станува збор за детска игра во малата група во клонот на градинката „Цветови" каде „настанале гребнатинки на едно од згрижените дечиња".
„Случајот го пријавивме до надлежното Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор да ја посети установата. По извршениот инспекциски надзор ќе бидете известени за стручниот наод. Дотогаш тврдењето на пратеничката Петкова го сметаме за тенденциозно и политички обоено со изнесени невистини за установата. Грижата за децата е наш императив, а во соопштението на Петкова е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот на Гевгелија врз градинката „Детска радост" од страна на МТСП, токму поради непостапување согласно законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа", пишува во демантот на гевгелиската градинка.
Претходно денеска, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелина Петкова обвини дека директорката на градинката „Цветови" во Гевгелија, Елизабета Стефановска крие случај со брутално насилство врз 10 месечно бебе. Таа побара оставка од министерката за труд и сцоијална политика, Јована Тренчовска.