„Периодов може да има измена на мерките, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба“, изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на поликлиниката „Букурешт" во Скопје, каде Стопанска банка даде донација.
Филипче рече дека е забележлива нова тенденција на ширење на ковид-19 и нагласи дека во разговор со претставници на лабораторијата во „Жан Митрев Клиника" дознал дека дури 70 проценти од примероците земени од новодијагностицираните, припаѓаат на британскиот сој на вирусот.
„Потврдено е дека оваа мутација на коронавирусто се шири побрзо, односно е позаразна. Во МАНУ во тек се исто така испитувања. Сепак, во моментов има слободни места во болниците и болничкиот персонал е подготвен за ротации. Ситуацијата дневно се следи со цел да не дојде до степен на повторно преоптоварување на капацитетите и да се загрози стабилноста на здравствениот систем", изјави Филипче.
Тој нагласи дека во дел од болниците во државата, особено во Кавадарци, Прилеп и во Охрид, е зголемен бројот на хоспитализации, но рече дека има доволно слободни болнички места.
„Во Скопје слободни болнички кревети има и на Инфективната клиника, без модуларната болница, значајно ослободен болнички простор има и на интерните клиники, коишто сега нормално функционираат. Во кој било момент подготвени сме сите овие капацитети да се вратат во оној претходен режим на работа кога сите лекари и сестри ротираа и сите интерни одделенија беа наменети за третман на пациенти заболени од ковид. Во секојдневна комуникација сум со директорите на сите тие Клиники, тие се свесни знаат и што може да очекуваат“, рече Филипче
Вчерашните податоци за бројот на нови позитивни случаи во земјава покажа нагло зголемување со 725 позитивни на вирусот, но по подолго време се зголеми и процентот на позитивни во однос на вкупно тестираните и изнесуваше 21 отсто.