На терен од утре ќе работат уште 8 тимови

Двајца доктори и една медицинска сестра од Институтот за јавно здравје се позитивни на ковид-19

Двајца доктори и една медицинска сестра од Институтот за јавно здравје се позитивни на ковид-19, потврди за МКД.мк министерот за здравство Венко Филипче. Според него заразените медицински работници работеле на анкетните листови на сомнителните пациенти, но не оделе на терен туку работните задачи ги извршувале од канцеларија.

Сите останати медицински лица од Институтот за јавно здравје се тестирани и нивните тестови се негативни, а двајцата ќе продолжат да работат на анкетните листови од дома, додава Филипче. 

Во Институтот за јавно здравје има вкупно девет тимови составени од по двајца здравствени работници кои работат на терен со пациенти сомнителни на ковид -19 и кои собираат податоци за нивните контакти и даваат препораки со цел да се спречи ширењето на заразата.

Сега, Институтот за јавно здравје има еден тим помалку за на терен, но останатите 8 продолжуваат со работа. 

Министерот Филипче постојано апелира да се почитуваат мерките, да се носи маска, да се држи дистанца и редовно да се мијат рацете. Само на ваков начин како што вели ќе се спречи ширењето на заразата и ќе може што поскоро да се врати животот во нормала, а заштитувајќи се себе си и најблиските, го заштитуваме и здравствениот систем и лекарите кои се во првите борбени редови против коронавирусот. 

Во понеделник во 5 часот наутро завршува траењето на полицискиот час кој почна во четвртокот во 21 часот.

По ова, во понеделник Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе треба да одржат состанок и да одлучат дали ќе има нови рестриктивни мерки и од следната недела. 

Последниве неколку дена бројот на заразени со ковид-19 е во пораст, но Филипче смирува со тврдење дека 90 отсто од заразените се од 15 семејства и дека се со лесни или без симптоми. 

Во зависност од бројката и состојбата во наредните денови ќе се носат одлуки. 

Според најавите на министерот Филипче, кон крајот на следната недела може да се очекува малку постабилизирачка слика во ширење на вирусот. 

К.Д.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе