Според статистиката на Министерството за здравство, во ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември" Скопје од почетокот на пандемијата, лани во март до денес, вкупно се заразиле 134 пациенти на возраст од 42 до 95 години.
Од нив, од ковид-19 во моментов се лекуваат 25, 80 оздравеле, а починати се 29 пациенти.
Годишната возраст на излекуваните пациенти кои престојувале во ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември" Скопје е: под 60 години - 10 пациенти, од 61 до 70 години - 12 пациенти, од 71 до 80 години - 34 пациенти и над 80 години - 24 пациенти.
„Сите пациенти кои биле заразени со ковид-19, а се излекувани имаат коморбидитети и тоа најчесто кардиоваскуларни заболувања, дијабет, хронични бубрежни болести, состојба по мозочен удар, деменции и малигноми. Најголем дел од заразените лица од сите возрасти се оздравени благодарение на навремено дијагностицирање и медицински третман и нега", велат од Министерството за здравство за МКД.мк.
Бидејќи во оваа болница од март, односно од почетокот на пандемијата забранети се посети, прашавме и дали е утврдено како заразата влезе во оваа болница.
Од Министерството за здравство пред еден месец во одговор, ни појаснија дека точно не се знае, но можно е или да е преку вработен или преку новопримен пациент кој можеби имал лажно негативен тест.
К.Д.