НОВИ ДЕТАЛИ ОД ВЧЕРАШНИОТ ДОГОВОР

Нема казни за реемитување криминали, „свиркачите“ заштитени со закон, забрани за медиуми да донираат на партии

Најголемата опозициска партија СДСМ брифираше нови детали за вчерашните дефинирани точки од договорот од Пржино. Со Закон за заштита на приватноста нема да има казни доколку се реемитуваат веќе објавените разговори за криминали и злоупотреба на функции. Законот за заштита на укажувачите (свиркачите) ќе ги штити соработниците на правдата и во државните институции и во приватните компании, а Изборниот законик ќе се менува со тоа ќе им се забрани на медиумите и на нив поврзани лица да им донираат на партиите. 

Таканаречениот закон за мораториум на „бомбите“, кој беше предложен во Собрание и потоа повлечен на доработка и со кој се појавија низа реакции во јавноста и новинарската фела, всушност ќе се вика Закон за заштита на приватноста. Со него ќе се санкционира доколку се наруши приватноста на граѓаните. Секој кој користел уред за неовластено да прислушува ќе добие затворска казна од една година, оној кој ќе го овозможи прислушкувањето ќе добие затвор од 1 до 5 години, а правното лице кое тоа ќе го објави ќе добие парична казна согласно Законот за прекршоци. 

Според најголемата опозициска партија, законот би гарантирал заштита на приватноста на граѓаните согласно со Уставот и Европската конвенција за човекови права. Забраната за објавување важи само за снимки кои се од приватна природа, а под приватно се подразбира објавување на нечии семејни и лични односи, религиска или етничка припадност, политичка припадност или здравствена состојба

Но, според договореното, како што тврдат од СДСМ, нема да има санкции врз новинарите или уредниците, туку директно врз фирмата која ќе загрози нечија приватност, а со 10 отсто од профитот ќе бие казнет и операторот кој ќе овозможи прислушување.

Закон за заштита на приватноста ќе се однесува само на нелегално снимените материјали во периодот од 2008 до 2015 година, но тој не предвидува никакви казни доколку се реемитуваат веќе објавените телефонски разговори кои имаат индиција или директно укажуваат на сериозни криминали, кривично дело и се од јавен интерес.

Законот ќе почне да важи шест месеци по неговото донесување и во меѓувреме ќе биде пратен до Венецијанската комисија. Сите забелешки би се имплементирале во законот, а обврска на политичките партии ќе биде по добиеното мислење во рок од пет дена да ги усогласат сите забелешки на Комисијата. Доколку законот се прекрши, надлежен за постапување е судот, кој треба да ги има в предвид Европската конвенција за човекови права.

Со Закон за заштита на укажувачите (свиркачите) ќе се штитат соработниците на правдата и во државните институции и во приватните компании. Со него се уредува правото на секој вработен, кандидат за вработување, волонтер или лице кое по кој бил основ е ангажирано за работа да може да пријави неправилности, без разлика дали работи во државно или приватно претпријатие, брифираат од СДСМ.

Министерството за правда има обврска во рок од 2 месеца законски да ги обврзе фирмите да имплементираат внатрешни акти и да им гарантираат безбедност на вработените кои ќе пријават неправилности во институцијата каде што работат.

Укажувачот ќе може неправилностите да ги пријави внатре - на овластено лице во фирмата во која работи. Овластеното лице ќе има обврска да ги заштити личните податоци на укажувачот и да преземе дејствија, но доколку и тој е инволвиран во неправилностите, укажувачот може да пријави во надворешна институција, односно во МВР или Обвинителство.

Исто така, опција е укажувачот нерегуларностите да ги објави директно јавно. Но, за тоа ќе треба да постои образложение или да се работи за штета од големи размери. Според опозициската партија, законот е договорен согласно европските регулативи и ќе ги штити и лицата кои се блиски на укажувачот по роднинска врска, брачен другар или слично.

Законот ќе почне да важи четири месеци од неговото изгласување.

Во однос на измените во Изборниот законик, велат дека со нив ќе им се забрани на медиумите и на нив поврзани лица да им донираат на партиите, нешто што досега се практикуваше. Промени би имало и при донациите од фирмите и од обичните луѓе. Досега компаниите смееа да донираат до 50.000 евра, додека физичките лица до 5.000, а отсега овие суми ќе паднат на 30.000, односно на 3.000.

Според СДСМ, ќе се регулира и рекламирањето на телевизиите. Во минатото опозицијата не можеше да купи маркетинг простор со образложение дека целиот е веќе распродаден, но сега осум минути во еден час ќе може да откупи власта, исто толку и опозицијата, додека по една минута им следува на малите парламентарни и вонпарламентарни партии. Промените предвидуваат бесплатното претставување на МТВ да може да биде и со рекламни материјали, не само како обраќање.

Од опозициската партија велат дека Јавниот сервис ќе има законска обврска да спроведе предизборна дебата, а договорено било  и само половината од билбордите да се користат за кампања, а од таа половина власта и опозицијата може да откупат најмногу по 40 отсто, додека малите парламентарни и вонпарламентарни само по 10 проценти.

Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, пак, Во рок од шест недели ќе се испитуваат сведоци и секоја партија ќе може да предложи по тројца сведоци. Комисијата ќе има 16 членови, со мнозинство од власта, а претседател и заменик ќе предложи СДСМ. Членовите ќе имаат право на малцински извештај или таканаречено одвоено мислење.

Седниците ќе бидат јавни, освен ако не се утврди сериозна потреба да се затворат, додека во рамките на комисијата ќе има и посета на УБК и членовите ќе може да повикаат и експерти. Извештајот на комисијата поради пролонгирањето на роковите треба да биде готов до јануари.

Како што брифираат од СДСМ, на средбите било договорено и зголемување на бројот на жените на пратеничките листи со тоа што сегашното правило - од секои тројца предложени на листата една да е жена, се дополнува со решение дека во првите десет кандидати за пратеници да има плус уште една жена. Со ова, најверојатно, жените ќе бидат најмалку 40 проценти од пратеничкиот состав.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе