Интернет-безбедност

Некој во Македонија го купил најдобриот софтвер за шпионирање на граѓаните

Една германско-британска компанија пред неколку години создала софтвер што му овозможува на купувачот да следи сè што прават илјадници луѓе на своите компјутери, на своите мобилни, на своите таблети...

 

Овој софтвер овозможува следење на буквално сите активности што ги правите од вашиот компјутер – кои интернет-страници ги отворате, што зборувате на скајп, со кого и што зборувате во која било видеоврска, што пишувате во моментот на тастатурата на својот компјутер...

Ниту една антивирус-програма не може да го детектира овој софтвер затоа што тој се инсталира на вашиот компјутер како надградба на која било од вашите веќе инсталирани програми – Моѕила, Гугл хром, Виндоус... Нешто слично како да ви инсталирале аудио- и видеоопрема за прислушување дома, ама без судски налог.

Станува збор за компанијата „Гама груп интернешнел“, која веќе 15 години работи на светскиот пазар, и најлегално го продава овој софтвер, наречен Финфишер, најчесто на влади. Досега им го има продадено на владите на некои земји-членки на ЕУ: Чешка, Бугарија, Австрија, Унгарија, Германија, Холандија... и на уште триесетина други земји во светот. Ја имале и режимите на Либија и на Египет и била активно користена за време на револуциите во тие земји. По падот на Мубарак неговите противници пронашле договор за набавка на овој софтвер за шпионирање - за 380 илјади долари.

Овластен дилер на компанијата „Гама груп интернешнел“ е „Еламан гмбх“.

Од почетокот на годинава на листата на купувачи на Финфишер е и Македонија. Некој, не се знае кој, ја купил оваа програма за шпионирање и го поставил серверот некаде во Скопје.

Истражувачкиот тим на универзитетот во Торонто, Ситизен лаб, во својот годишен извештај, насловен „Комерцијализација на дигиталното шпионирање- само за нивните очи“, наведува дека и во Македонија има сервер на кој е инсталиран Финфишер. Оваа истражувачка група веќе неколку години ја следи токму оваа тема – легални софтвери за нелегално шпионирање на граѓаните.

Според извештајот, Финфишер најчесто се инсталира како надградба на пребарувачот Фаерфокс. Инсталацијата е едноставна – добивате порака дека имате „апгрејд“ за некоја ваша веќе инсталирана програма, го стиснувате копчето „јес“ – и станувате предмет на следење, односно се следи сето она што вие го правите преку својот компјутер или мобилен.

Веќе се пласирани информациите дека Моѕила фаерфокс се подготвува за голем судски процес против Гама.

Со оваа проблематика се позанимава и организацијата Репортери без граници, која компанијата Гама ја стави на листата „Непријатели на Интернет“ и „Дигитални платеници“.

Викиликс пред две години објавуваше и видеоклипови во кои ја претстави едноставноста со која се инсталира овој софтвер и, се разбира, опасностите од тоа.

А.Д.

 

 

 

 

 

 

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе