струга, директори и вода за пиење

Новиот директор на струшка „Проаква“ е на слика на потерница од Интерпол?

Не е тајна дека стружани со години пијат сомнителна, неисправна вода, се појавуваат пропусти при водоснабдувањето, а информациите што доаѓаат од локални граѓани и невладини организации, но и од извештаите на полицијата укажуваат дека водоводното претпријатие „Проаква“ има проблеми и со директорите. Дел од раководителите низ годините ја злоупотребуваa положбата, правеa разни финансиски малверзации, а последните неофицијални информации упатуваат дека името на новиот директор одговара со лице по кое има потерница од Интерпол. 

Имено, според информации што стигнаа до МКД.мк, пред 20-ина денови на местото раководител на МЈП „Проаква“ - Струга дојде Аќиф Ајро, кој го замени Верим Каба. Неофицијално, нашиот извор тврди дека Аќиф Ајро веќе подолг период е на листата на Интерпол и по него трагаат американските власти, а тоа, како што вели, не е ништо ново.

„Повеќе луѓе добро се запознаени со потерницата од Интерпол. Тоа јавноста и локалните власти веќе го знаат, не е ништо ново, но убаво ќе биде повторно да биде актуелизирано“, вели нашиот извор кој сакаше да остане анонимен.

Ако отворите интернет сајтот на Интерпол, се гледаат основни генералии за лицето Аќиф Ајро (34) (Ajro, Aquif), родено во САД, со македонско и американско државјанство. Неговото име се наоѓа на листа меѓу 34 македонски државјани бегалци, кои се бараат за сè и сешто: од фалсификување, дрога, убиства… Некои на листата се со децении. Конкретно, Акиф Ајро Америка го бара за напади од прв, втор и трет степен, дела против загрозување на безбедноста на луѓето. На сајтот стои дека тој е висок 1,72 метри, со кафена коса, костенливи очи, а во 2009 бил тежок 74,5 килограми.

Досега немаме официјална потврда дали се работи за истото лице.  

Фотографии од Интерпол

Кој е директорот Аќиф Ајро?

Според досегашните достапни информации, моменталниот директор на струшката подружница „Проаква“, Аќиф Ајро е уште еден од редот на раководителите на ова меѓуопштинско водоводно претпријатие, кои изминативе години се променија заедно со промените и во врвот на локалната самоуправа во Струга. Односно, неколку директори беа сменети низ периодот на владеењето на Рамиз Мерко и сегашниот градоначалник Зијадин Села.

Аќиф (некаде споменат и како Акиф) Ајро од селото Радолишта во 2013 година е именуван за в.д. директор на ЈП „Комунално“ од Струга, откако по локалните избори на сцена стапува Зијадин Села. Тој на изборите го победи заедничкиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Владимир Кочовски, а Аќиф Ајро важеше за човек близок до новиот градоначалник и партиски поддржувач на ДПА.

Медиумите тогаш пишуваа дека Села разрешил, направил „чистка“ на неколку неколку општински раководители и секретарот откако седна на градоначалничката фотелја. По ова дојдоа реакции за кадровските промени. Од СДСМ велеа дека не им се допаѓаат постапките на Села, а ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека тој покажал непринципиелност во однос на мултиетничката средина која треба да функционира во Струга.

Разрешениот директор на „Комунално“ Петре Кутановски сметаше дека Села спроведува националистичка политика. Од друга страна, новиот градоначалник демантираше со аргумент дека на секретарот на општината му престанува мандатот заедно со мандатот на екс градоначалникот Мерко, а за „Комунално“, меѓу другото, не се почитувале договорите со општината и на работниците не им се исплатени 9 плати.

Откако наиде на несогласувања со ставовите со Мендух Тачи, Села го регистрираше Движењето за реформи на ДПА, а Аќиф Ајро две години се водеше како менаџер, одговорно лице во ЈП „Комунално“ - Струга. Потоа, при распределбата на политичката структура, Ајро се позиционираше на локалниот врв на Движењето на реформи на ДПА во селото Радолишта. Од пред три недели тој стана раководител на струшкиот дел од МЈП „Проаква“.

Директорот на струшка „Проаква“, Аќиф Ајро / Фото: Strugalajm.com

Претпријатието МЈП „Проаква“ е основано во 1998 со одлука-спогодба на Советите на општините Охрид и Струга. Постои заеднички, генерален директор кој се бира со мандат од 4 години, меѓутоа секој од градовите имаат и свој посебен директор и надлежности што произлегуваат кон јавниот водоводен систем.

На официјалната страна на „Проаква“ Водовод - Охрид нема информации за директорите, а некогашниот сајт proaqua.com.mk не е во функција.

Бидејќи пошироката јавност не е запознаена со минатото и ангажманот на Аќиф Ајро, решивме да свртиме во општините Струга и Охрид. Интенцијата беше да добиеме повеќе информации за начинот, критериумите и условите за избор на директорот, со оглед на тоа што неговото име одговара со име што е објавено од Интерпол. Исто така, Ајро е поставен да раководи функција со значење од јавен карактер. Дотолку повеќе што „Проаква“ деновиве повторно е актуелна откако Центарот за јавно здравје алармираше за патогени бактерии во водата во Струшко, а истовремено претпријатието бележи историјат со кривични пријави.

На службениот број на „Проаква“ автоматска секретарка кажува дека „Претплатничката линија е во прекин“, а од кабинетот на градоначалникот Зијадин Села за прашањата врзани со „Проаква“ не упатија до Одделението за односи со јавност. Од таму, пак, не препратија на неколку телефони... На крајот оставивме и наш број, чекаме било каков одговор.

Истовремено, од Охрид потврдуваат дека МЈП „Проаква“ функционира со посебни работни единици во Охрид и Струга, а само генералниот директор заеднички се бира со одлуки на општинските Совети.

„Ова важи за генералниот, заедничкиот директор. Сето друго што оди по хиерархија, односно, директорите на работните единици, раководители на отсеците и сл. се строго поделени меѓу општините. Ние со раководниот директор на ’Проаква’ - Струга немаме никаква врска. Ниту правничка, ниту политичка, никаква“, вели за МКД.мк потпаролот на Охрид, Томе Џамтоски.

„Проаква“ - претпријатие што „тоне“ во загуби и криминогени активности?!

Настрана од Аќиф Ајро, ако погледнеме ретроспективно, барем во последните 5-6 години, досега беа регистрирани повеќе контроверзии и недоумици врзани за „Проаква“. И тоа на грбот и здравјето на граѓаните, кои очекуваат квалитетна питка вода кога плаќаат месечни сметка за ваква услуга. 

Наместо тоа, локалното население можеше да слуша за финансиски загуби, за доцнење на платите на работниците и најави за судски блокади на „Проаква“, кои многу често беа повод за партиски препукувања и во Струга, а паралелно и во Охрид. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваа на традиционална тема: „кој во свое време на владеење повеќе го заглавил Проаква“. Зијадин Села, пак, за случувањата поврзани со претпријатието, па и за квалитетот на водата често обвинуваше и тврдеше дека е опструиран од ДУИ и од централната власт воопшто. 

Зијадин Села

Годинава на крајот на мај одекна веста за штрајк во струшкиот дел, каде тврдеа здравствените картони ги земаат со доцнење од три-четири месеци, а веќе седми месец ги немаат и нив. Платата рекоа „ја добиваме дел по дел ама не стигнува за ништо“. Неуспешни биле обидите на вработените, синдикатот во претпијатието да ја преземе одговорноста и да притисне врз раководството и локалната власт за решавање на проблемот, па затоа протестот го организирале самоиницијативно. Ја споменаа и некоординираноста на струшкиот и охридскиот „Водовод“ кои заедно со претпријатието „Колектор“ ги сочинуваат трите работни единици на МЈП „Проаква“.

Проблемот со водата и финансиските загуби во септември за МКД.мк го споменаа и Граѓанското здружение „Каприкорн 2010“:

„Доста беше! Мора трајно решение на проблемот! Или нека реагира централната, или, пак, локалната власт која е надлежна, важно да се тргне напред, да преземе нешто! А, има повеќе начини. Прво - дивите приклучоци кои питката вода ја користат за вадење на насади. Треба само да се детектираат и санкионираат, а тоа не е тешко, напротив. После тоа, да се намали бројот на администрација во претпријатието ’Проаква’ - Струга, има превработеност на административниот кадар, а да се зголеми бројот на екипите кои што ја одржуваат водоводната мрежа. Тоа е голем проблем и претпријатието е пред финансиски колапс“, рекоа од Здружението „Каприкорн2010“, кое години наназад  покренува граѓански иницијативи.

За раководството на „Проаква“ се евиденирани неколку кривични пријави. Ги има по полициските билтени. Во 2009 година Бранислав Трпчески беше именуван за генерален директор, а охридската полиција во 2014 година поднесе кривична против него под сомнение дека на 23-ца вработени, прогласени како технолошки вишок им исплатил 60 плати, како и по 8 илјади денари еднократна помош од сметка на претпријатието. Со ова, претпријатието е оштетено за 6.365.671 денари. Трпчески негираше - сето било согласно законските регулативи.

Трпчевски беше на удар и критики и од новиот генерален директор Томе Паслакоски, кој тврдеше дека наследил големи долгови, а овој возврати дека имал милионски долгови од уште од претходно. И така натаму... 

Ваит Ајро беше на чело на струшка „Проаква“ пред да дојде Зијадин Села. Низ медиумите се споменува и како претседател на организацискиот одбор на Месната заедница Радолишта и Таферич. Тој се поклопува со иницијалите (А.В.) на лице за кое МВР лани поднесе кривична пријава: во текот на 2012 и 2013 година ја искористил својата службена положба, па како раководител на „Проаква“ од фирма од Скопје подигнал ХТЗ опрема, која воопшто не била донесена и прикажана во претпријатието. На штета на „Проаква“ прибавил материјална имотна корист од 328.512 денари.

Лицето А.В. заработи пријава и за злоупотребување на положба кога оттуѓил неколку возила - од купувачите не биле уплатени парични средства на сметка на претпријатието. Дополнително го оштетил струшкото претпријатие за 523.500 денари, кога во 2012 и 2013 со казнено-поравниот дом од Струга склучил договор и привремено ангажирал осум затвореници за „Проаква“. За секој затвореник наплатил дневница од 500 денари, а тие најчесто не се појавувале на работно место.   .

Ваит Ајро

Нема крај за проблемите со водата во Струшко
 
Претпоследен раководител на струшката подружница беше Верим Каба. Тој директоруваше пред да дојде Аќиф Ајро. Него полицијата го сомничи дека со своето однесување и со неизвршување на должноста директно придонел за загадување на водата од струшкиот водовод, чија употреба надлежните ја забранија сред туристичката сезона. Односно, Каба во периодот од јуни - септември годинава, во својство на директор на „Проаква“ неколкупати навремено не набавил хлор и други заштитни хемиски препарати за тековното чистење на водите од изворите што се користат за Струга и за околните населби.

Покрај тоа, во текот на август годинава, во полициската станица во Струга примена е заверена изјава од правен субјект дека загадувањата на подрачјето на изворите за питка вода кај селото Шум го врши ресторан кој е бесправно изграден.

„Според изјавата, покрај загадување на водите за пиење од изворите во селото Шум, загадување се случува и во водите на малата акумулација Езерце која е во склоп на објектите на МЈП ’Проаква’ и која е дадена со концесија за користење и одгледување на риби на правен субјект и физичкото лице концесионер од селото Шум“, информираше на почетоков на месецов потпаролот СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во преставка од МЈП „Проаква“, до државниот инспекторатот за животна средина било укажано дека акумулацијата е пренаменета од други правни и физички лица за рибарство и услужни објекти, со што директно е загрозена безбедноста за снабдување на вода за пиење, од аспект на квалитет на вода и техничка функционалност. Со состојбата запознаени се од Министерството за животна средина и просторно планирање, објави телевизијата ТВМ уште во 2012 година, кога се актуелизираше акумулацијата Шум и за прв пат се издаде под концесија за риби и организација на рекреативен риболов.

Според информацијата на телевизијата, концесионер е Хашим Даци, кој тогаш добил право на концесија во рок од шест години. Даци во изјава за ТВМ изјави дека долги години ја меркал оваа концесија, бидејќи сакал овој локалитет кој цели 30 години е недопрен да го уреди и да биде атракција за бројните посетители. Даци бил категоричен дека работат согласно законот и ништо надвор од тоа. Тој првично планирал да вложи средства во износ од 100.000 евра, без повратен бенефит.

Даци тогаш ја коментирал и посетата на локацијата на инспекторот за животна средина и просторно планирање, Игор Трајковски:

„Инспекторот дојде по налог на директорот на Проаква или шефот Ваит Ајро, можеби и вие го знаете, а Ваит Ајро со Адем Османи тука што ја имаат кафаната заедничка нивна и на Ваит Ајро не знам што му сметат што дојдов јас да правам прочистување. Тоа е како приказната со волкот и јагнето. Јас правам убаво овде и неправам лошо“, рекол Даци.

Полицискиот извештај се поклопува со тврдењата што за МКД.мк овој септември ги даде Здружението „Каприкорн 2010“. Од таму рекоа неисправната вода не е единствениот проблем во Струга. Тие веќе 5-6 години наназад, насред сезона, за време на најголемите жештини остануваат без вода за пиење. Тоа трае со денови, недели.

„Дополнително, во Шум каде е главните станица со базени од струшкиот водовод има изградено рибик на заштитен ’командант’ концесионер, кој постојано си проширува и доградува. Со рушење на земјиштето доаѓа до големи проблеми. Ние на моменти пиеме каллива вода! Крајно време е да се решат тие проблеми“, рекоа од „Каприкорн2010“.

Во периодот од јуни до август, Агенцијата за храна и Центарот за јавно здравство од Охрид, зеле 18 примероци од изворите за питка вода кај селото Шум. Според анализите, во шест случаи, земените примероци вода во периодот од 8 до 21 јули, од 19 до 25 август и од 15 до 21 септември, не одговарале на правилникот за користење изворски води како вода за пиење. Во превод - утврдиле водата е загадена.

За проблемите со водата повторно да стигнат до пошироката јавност, и да почнат сериозно да се разгледуваат и дискутираат, на почетокот на минатата недела повторно помогна Центарот за јавно здравје Охрид. Директорот Атанаско Михаилов согласно последните анализи уверуваше - водата од струшкиот водовод е неисправна, не содржи резедуален хрол, а во водата за пиење од струшките села Франгово и Октиси пронајдени се патогени бактерии - ешерихија коли и ентерококи.

Од друга страна, директорот на струшка „Проаква“, Аќиф Ајро негираше дека водата во Струга не е хлорирана. Истовремено, рече дека не раководеле со селските водоводи. Реагираше и општина Струга, осудувајќи го класичното манипулирање на јавноста од „од институциите во ингеренции на централната власт“. Како што рекоа, со милионските инвестиции во овие 2 години во општина Охрид, а посебно последната недела со новите инвестиции во домот на културата и новиот олимписки базен, а од друга страна занемарувањето на Струга, Владата се трудела да го насочи вниманието кај многугодишниот проблем со водата за пиење.

„Каде се пратениците од 5-та изборна единица? Зошто молчат? Зошто молчи пратеникот, кој зборува само кога сака да ги краде заслугите на општина Струга? Начинот на кој се развиваат настаните ни дава причина да се сомневаме во (не)вистина на анализита. Најпрво се изветуваат про-владините телевизии, се преработува веста, а после 3 дена се известува Општина Струга. Оваа практика, која се повторува неколку пати е неприфатлива. Не може да се крие сонцето со загатка. Не може 2 години со ’крадење’ од буџетот на Општина Струга да се уништува со една вест, за која треба прво да биде известена општината“, стоеше во завчерашното соопштение-реакција од Одделението за односи со јавност на општина Струга.

Здружението „Каприкорн2010“ сега се спрема за неколку кривични пријави, од кои една е и за несовесно работење во службата на „Проаква“. Со правен тим се разгледува можноста и за правна, односно кривична одговорност на градоначалникот Зијадин Села. Сметаат се преминати сите граници, а Села води биолошка војна со сопствените граѓани. Па, му порачуваат : „Ниту Струга е град во Сирија, ниту граѓаните претставуваат заморчиња за експериментирање, најмалку за експерименти со здравјето на сите нас и на децата“.

„Граѓаните на Струга повторно се трујат со непрочистена вода, со месеци вработените во Проаква Струга се смрзнуваат без никакви услови за работа, без електрична енергија ама пак Владата е крива. Која Влада градоначалнику кога пред неколклу дена гледаме дека сте распишале оглас тежок 25.000 евра за осветлување на дел од градот, и тоа осветлување пропратено со музика и сонати по Ваш избор. Зарем тоа не е бедата на еден градски татко кон својот народ? Кој ќе ги слуша Вашите сонати ако го отруете сопствениот граѓанин, на кого ќе му светите и украсувате ако ги наполните болниците со сопствените деца? Мислам дека е доста! мислам дека време е за Струга да се преземат очигледно малку поостри мерки. Каприкорн2010 - Струга, во консултација со сопствениот правен тим ќе ги разгледа сите можности и за правна однсоно кривична одговорност на Зијадин Сеља како градоначалник кој не презема ништо да си ги спаси граѓаните од труење. Толку од нас Градоначалнику, ако не работи Вашата Совест , нашата е и совест и загриженост за сопствените граѓани на највисоко алармантно ниво“, стои во последното соопштение на „Каприкорн 2010“ од претседателот Васко Јолевски. 

 Бојан Шашевски 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе