ОД УчебникОТ за петто одделение...

Наградно прашање за Министерството за образование: на кои мориња излегува Грција?

Фактички грешки, погрешни или многу сложени дефиниции, јазични неправилности, разни небулози и оваа година може да се прочитаат во учебникот Општество за петто одделение.

Родителите реагираат дека во овој учебник, чии автори се Виолета Митовска, Оливера Величковска, Весна Гаврилова-Аврамовска, може да се најдат „ретки бисери“ што по првото читање од срце ќе ве насмеат, но и ќе ве вчудовидат, ќе ве изненадат и ќе ве револтираат поради фактот што сè може да прочита еден петтоодделенец во учебник што ги поминал сите нивоа на проверка и што бил одобрен од Националната стручна комисија.

На пример, авторите на учебникот „откриле“ дека нашиот јужен сосед Грција излегува на четири мориња, меѓу кои и на Јадранско Море.

Мапа на границите на Јадранско Море од WorldAtlas.com

„Нашата татковина на југ граничи со Република Грција. Главен град е Атина. Таа е полуостровска и островска земја. Членка е на Европска Унија. Излегува на Егејско Море, Јонско Море, Јадранско Море и Средоземно Море.“

Принтскрин од учебникот

Инаку, во сите релевантни светски енциклопедии, атласи и индекси (како на пример, Енциклопедија Британика, Нешнел џиографикЕнциклопедиа.ком, Грис индекс) пишува дека Грција излегува на три мориња: Егејско, Јонско и Средоземно Море. Во некои од нив се споменува и четврто море: Критското.

Принтскрин од Атлантика - голем нов сателитски атлас на светот

Ова го пишува на деветтата страница на учебникот Општество, во кој освен грешки може да се прочитаат и вакви дефиниции:

„Татковина е наследство, а истовремено и состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ. Република Македонија е нашата татковина“. (стр. 7)

Состојба на поседување земја? Како ова може да го прими главата на еден петтоодделенец? Како ли воопшто звучело во главите на авторите и што сакале да кажат со тоа?

Прашавме неколку македонски петтодделенци – што е татковина, и тие како од пушка ни одговорија: „Македонија е мојата татковина, земјата во која сум роден“. „Татковина е земјата што ја сакам“.

Зошто тогаш авторите решиле (а тоа некој го одобрил) да прават хаос во главата на едно десетгодишно дете? Сметале дека ако е покомплицирано, ќе биде и поблиску до вистинската дефиниција? Погрешно сметале.

Освен збунувачки дефиниции, во учебникот Општество за петто одделение може да се најдат и недоречени дефиниции. Авторите велат дека „Држава е збир на институции според кои се однесуваат луѓето“ (7 стр.). Реченицата е буквално пренесена, а како неа ќе ја протолкува петтоодделенецот е навистина уште едно наградно прашање за тие што го одобриле овој учебник.

Да не почнеме да зборуваме, пак, за граматичките грешки што ги има во учебникот (отсуство или погрешно употребени запирки, „која“, „кои“ наместо „што“, погрешна употреба на голема и мала буква, погрешно ставени наводници...).

Општество за петто одделение и лани предизвика бура од негодувања кај родителите. Реагираа дека содржината во учебникот е премногу тешка, сложена за десетгодишни деца. Дури и еден возрасен ако се обиде да ја објаснува, може да се врзе во јазол. Имаше реакции дека лекциите се преобемни и дека одвреме-навреме во нив може да ве пресретне некоја нелогичност, нејасни реченици, дури и неточни.

По овие реакции лани одговорните во Министерството за образование ветија дека учебникот Општество за петто одделение ќе биде ревидиран. Една година по ветувањето дека ќе се направи проверка, но и поправка на спорните содржини, петтоодделенците сè уште ги учат истите грешки.

С.М.

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе