ДЕВЕТ ГОДИНИ ПО ХОРОРОТ ВО КИЧЕВСКО

На таткото што ја забремени сопствената ќерка повторно ќе му се суди за родосквернавење

Бајрам Велиоски, таткото што во 2009 година беше осуден на затворска казна од осум години за родосквернавење, ја одлежа затворската казна и откако во ноември минатата година излезе од затворот во Идризово, доби нова кривична пријава за родосквернавење. Истражната постапка против него заврши со поднесено обвинение за родосквернавење и тој во притворската ќелија чека датум за почеток на ново судење, и тоа повторно за силување на сопствената ќерка со пречки во развојот. 

Според нашите сознанија, Велиоски по излегувањето од затворот заминал кон општина Пласница, Кичевско, во делот од џамијата каде што живеело неговото семејство. Таму живеела и ќерката, која, според првата пријава во полицијата, ја силувал и ја забременил во 2008, кога девојчето имало 16 години. Бременоста на девојчето ја забележале одговорните лица од училиштето. По ова, таа била сместена во домот за доенчиња во Битола. Таткото по првата пријава за родосквернавње завршил во затворениот дел во душевната болница во Демир Хисар, каде што бил под засилен надзор. Откако доказите покажале дека тој го сторил делото, бил осуден на 8 години затвор, кои ги поминал во Идризово.

Луѓето што го познаваат семејството и оштетената, која сега има 24 години, велат дека тие имале мирен живот додека Велиоски бил во затвор. Мајката, која е со пречки во развојот, се грижела за двете ќерки и синот. Девојчето што било злоставувано продолжило да оди во училиште, а со неа постојано работеле социјалните служби.

Но по излегувањето од Казнено-поправниот дом, осуденикот повторно се вратил на местото на злосторството, каде што пред девет години ја силувал и забременил сопствената ќерка. Лани во октомври се сместил таму и останал да живее заедно со сопругата и децата. 

Девојката на полицијата ѝ кажала дека злоставувањето се случило неколку пати, но таа молчела од страв сѐ додека нејзината мајка не заминала во Центарот за социјални грижи во Кичево, каде што на одговорната за овој случај ѝ кажала дека се сомнева оти таткото ѝ го прави истото на девојката.

Велиоски во затворот важел за многу мирен осуденик

Од затворот во Идризово добиме информација дека осуденикот Бајрам Велиоски (55) го напуштил затворот лани во ноември, неколку месеци пред да му заврши истекот на затворската казна.

Осуденикот Бајрам Велиоски откако ја издржа затворската казна, беше пуштен од затворот. Тој излезе неколку месеци порано со законските предности кои им следуваат на осудените лица”, ни изјави Живко Пејковски, директор на затворот во Идризово.

Живко Пејковски, директор на затворот во Идризово

Првиот човек на најголемиот затвор во Македонија Пејковски вели дека тие како затворска служба се одговорни за лицето додека трае времето за издржување на затворската казна.

Ние немаме право да го држиме осуденикот во затвор по истекот на затворска казна. За тоа каде ќе оди откако ќе излезе од овде немаме право да реагираме. Си има служби што треба да се грижат за тоа. За Велиоски друга правосилна пресуда нема, ниту пак има документ од судот за лекување во задолжителна психијатриска установа каде што би заминал откако би излегол од овде“, дополни првиот човек на затворот Пејковски.

Осудениот за силувањето на сопствената ќерка во затворот важел за многу мирен човек. Но веднаш по напуштањето на затворската ќелија, која му била дом речиси осум години, тој заминал во општина Пласница, Кичевско, каде што во просториите што се дел од џамијата живее неговото семејство, како и ќерката што ја злоставувал. За време на повторното живеење со неговите деца и сопругата тој, според кривичната пријава на МВР, го повторил делото неколку пати. Неговата ќерка молчела од страв, но откако мајката се посомневала дека таткото ѝ го прави истото на ќерка си како и во 2008, бил известен и Центарот за социјални грижи во Кичево од каде што веднаш ја алармирале и полицијата.

Кичевската полиција поднесе кривична пријава против В.Б. (55) од општина Пласница поради постоење основано сомневање за сторено кривично дело родосквернавење. Во временски период од два месеци наназад во четири наврати, а последно на 16 јануари околу 6,40 часот во семејната куќа пријавениот извршил обљуба врз неговата 24-годишна ќерка”, оваа информација се појави во полицискиот билтен на 20 јануари годинава.

По пријавата Бајрам Велиоски доби 30 дневен притвор кој по барање на обвинител, а со решение од судија на претходна постапка притворската мерка сѐ уште му трае.

Не можевме да му забраниме на Велиоски да се врати кај семејството

На 23 јануари 2012 година Собранието го донесе Законот за посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија. На овој Регистар на педофили се наоѓаат и личните податоци на Велиоски заедно со фотографија.

Одговор за тоа дали и кој требало да реагира и да води грижа каде ќе се врати осуденикот по излегувањето од затвор и како тој ќе се однесува, побаравме и од Центарот за социјални работи во Кичево од каде го знаат целиот случај. Од таму ни беше одговорено дека знаеле кога Велиоски ќе излезе од затвор, стравувале дека може да го повтори делото, но велат не можеле да го спречат тој да се врати кај семејството.

Од почеток го знаеме и следиме овој случај, кој е многу специфичен. Знаевме точно кога таткото осуден за родосквернавење ќе излезе од затвор и стравувавме и ние, а и семејството дека може повторно да се случи истото. Ние не можеме да му забраниме тој да се врати дома. Тој ја одлежал казната и излегол на слобода. Ги алармиравме и неговите браќа кои живеат овде, им велевме да го тргнат од куќата кај што живее и неговата ќерка што тој ја силувал, но никој не сакаше Велиоски да живее во нивниот дом. Мајката еден ден дојде овде во центарот и кажа дека се сомнева оти тој го прави истото повторно. Ние веднаш ја алармиравме полицијата што го приведе осомничениот“, ни изјавија од Центарот за социјални работи во Кичево.

Од таму додаваат дека социјалните служби и натаму ќе работат со жртвата, која, не по своја вина, неколку пати преживеала траума од силувањето од сопствениот родител.

Меѓаши: Задолжителна хемиска кастрација за сите педофили

Од Првата детска амбасада Меѓаши велат дека го следат случајот од почеток и бараат доживотна казна за Велиоски. Тие бараат задолжителна хемиска кастрација за педофили и велат дека да беше изгласана таква мерка во законот, ова по втор пат немаше да му се случи на девојчето.

Драги Змијанац, основач и директор на детската амбасада Меѓаши

„Родосквернавњето е една од најтешките трауми кое може да му се случи на едно дете. Кога Првата детска амбасада во светот Меѓаши гласно говореше и се залагаше дека само со задолжителна хемиска кастрација за педофилите може да се стави под контрола оваа патологија, се судривме со спортивставени ставови со огромна поддршка од јавноста. Имаше и отпор од организации за заштита на човекови права. За нас оваа мерка е хумана затоа што не дозволува на педофилот да го повтори делото и нема да има следно детев жртва или нема да се повтори истото кривично дело силување на дете кое веќе еднаш било жртва. Воедно оваа мерка помага на педофилот да се стави оваа патологија  под контрола, односно да се стави под контрола неговиот нагон и либидо со медикаментната терпија т.н. хемиска кастрација и истиот (педофилот) нема да го повтори делото, а воедно и нема да отслужува доживотна казна затвор. Државата да постапеше соодветно со овој случај и да се водеше соодветен процес на рехабилитација додека педофилот беше во затвор и тој да беше подложен на хемиска кастрација, немаше да се повтори ова кривично дело родосквернавње или сексуална злоупотреба на дете. Сега единствена мерка што ја предлагаме е доживотна казна затвор. Но ние имаме серизоен проблем во превенирање на сексулната злоупотреба како општество. И одиме кон санкции што немаат толкав ефект како превенцијата. По овој настан повторно се актуализира нашата заложба за задолжителна хемсика кастрација по прво сторено дело полов напад на дете под 18 години и само на тој начин има шанси да се превенира педофилијата и родосквернавњето ва Македонија“, вели основачот на детската амбасада Драги Змијанац.

Законот предвидува задолжителна хемиска кастрација само за педофили повратници

Според измените на Кривичниот законик казната затвор за педофилите наместо 8 години, се зголемува на најмалку 12 години. Минимална казна од 15 години затвор до доживотен затвор е предвидена кај квалификаторниот облик, за обљуба или друго полово дејство врз дете што не наполнило 14 години и во случај на тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица. Претходно казната беше затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор. Измените предвидуваат хемиска кастрација (медикаментната терапија) со која педофилот добива специјални вакцини на секои три до шест месеци, а кои го неутрализираат неговото либидо и нагон. На хемиската кастрација ќе бидат обврзани повратниците педофили. Во другите случаи се предвидува намалување на казната и за половина доколку се согласат да ја земаат терапијата.

Пратениците изгласаа решение според кое за педофилите осудени на доживотен затвор е предвидено казната да се намали на 40 години ако се согласат на хемиска кастрација. Педофилите што се осудени на затворски казни до 20 години ќе треба да ја примаат терапијата до крајот на животот, а за возврат ќе добијат минималната казна затвор, односно 12 години. Судот ќе има право да одлучи до кога да трае лекувањето, но и да донесува одлука за присилно лекување. Педофилите ќе ја добиваат фармаколошката терапија во специјализирани здравствени установи. По издржувањето на затворската казна, тим од Управата за извршување на санкции ќе го врши надзорот и ќе има обврска најмалку на секои шест месец да го информира судот дали има напредок и дали има потреба да продолжи или да прекине терапијата.

                                                                                      Катерина Додевска

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе