Аднан Јашари
Министерот за прв пат ја коментираше иницијативата пред Уставниот суд од охридскиот адвокат Ристо Китевски, со која се отвора можност претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни измами, педофилија и дела против човештвото.
„Јас сум на истиот став како во 2009-тата кога го гласав законот во Собранието како пратеник и понатаму сметам дека тој закон е добар и се надевам дека нема да биде изменет“, вели Јашари.
Инаку, последно околу целата иницијатива, која донесе бројни различни реакции низ јавноста, беше дека Уставниот суд продолжува да ја спроведува процедурата околу оспорувањето на измените во Законот за помилување. Вчера уставните судии го усвоиле решението за оспорување на измените, кое сега треба да биде доставено до законодавецот, до Собранието, кое, пак, во фазата на иницијатива за измените даде негативно мислење, односно беше против измени во законот.
Парламентот сега треба во рок од 30 дена пак да даде мислење за постапката што ја поведе Уставниот суд, кое, според експертските толкувања не е пресудно во одлучувањето. Откако ова мислење ќе се добие, Уставниот суд уште еднаш го разгледува целиот предмет и со просто мнозинство донесува конечно решение.
Прифаќањето на предлогот за измени во Законот за помилуваање поднесен од еден охридски адвокат предизвика бурни реакции во јавноста. Се одржаа неколку протести пред Уставниот суд и се бараа оставки за петте судиите кои гласаа „за“ иницијативата. Таа е поднесена непосредно по отворањето на случајот „Титаник“ од Специјалното јавно обвинителство во кој осомничени се високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ за вмешаност во изборни нерегуларности.