Според Царинската управа

Јахтата на Трифун Костовски е одземена поради неплаќање царина

Јахтата на семејството Костовски е одземена поради откриени царински неправилности. Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов демантираат дека таа јахта ја користел претседателот. Ова се одговорите на Царинската управа и на кабинетот на претседателот на државата на обвинувањата на бизнисменот Трифун Костовски дека во неговата јахта денес нелегално се возел претседателот Иванов.

Бизнисменот Трифун Костовски во интервју за хрватскиот бизнис-магазин „Бизнис пипл“ изјавува дека Република Македонија нелегално му ја одзела јахтата и дека таа сега ја користи претседателот Ѓорге Иванов додека е на летување во вилата „Билјана“ во Охрид. Костовски вели дека неговата јахта на Охридско Езеро пловела под италијанско знаме и дека морал секои шест месеци со дигалка да ја вади од езерото, да ја транспортира до Албанија, за пак да вплови во македонскиот дел на Охридско Езеро. Кога еднаш задоцнил со пренесувањето, полицијата по итна постапка му ја запленила јахтата, без право на жалба. „Им реков: Што не ми кажавте дека ви треба, па јас ќе ви ја подарев“, изјавил Костовски во интервјуто за хрватскиот магазин.

Во 2008 година македонските медиуми пишуваа дека Царинската управа му ја одзела јахтата на синот на Костовски, Коста, заради неплаќање царина за бродот. Јахтата со италијански таблички била увезена во 2003 година преку граничниот премин Меџитлија. Службите ја заплениле од  приватно пристаниште во Струга.

Од Царинската управа соопштуваат дека во 2008 година биле запленети две  пловила со странски регистарски таблички (српски и италијански) кои  биле внесени во државата врз основа на барање, а подоцна и одобрение за привремен увоз од шест месеци.

„По истекот на законски дозволениот рок, сопствениците наместо да ги изнесат надвор од територијата на РМ или да ги стават пловилата во царинско дозволено постапување, т.е. да ги увезат и регистрираат во Република Македонија, спротивно на царинските прописи ги користеле на територијата на Македонија.  По спроведени царински прекршочни постапки, Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа и во двата случаи донесе решенија со кое на прекршителите им се изрекува глоба, а пловилата се одземаат. По поднесени жалби од прекршителите, Управниот суд на РМ ги потврдува решенијата за одземање на пловилата донесени од страна на Царинската управа, а по правосилноста на решенијата, пловилата се предадени во надлежност на Агенцијата за управување со одземен имот“, се вели во соопштението на Царинската управа.

Контролата на јахтата на Коста Костовски била извршена на 26 јуни 2008 година на приватното пристаниште пред хотелот „Бисер“ во Струга. Затоа што се работело за јахта со италијански  регистарски ознаки бил дозволен привремен увоз до 19 јануари 2004 година. До 26 јуни 2008 година не била почната постапка за увозно царинење, па царината поднела барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршоци, објаснуваат од Царинската управа.

Луксузната јахта „Гобби 315“ чинела стотина илјади евра, долга е десетина метри и во неа може да собере десет лица. Јахтата сега е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, а се претпоставува дека е користена за време на посетите на Субрата Рој, бизнисменот од Индија. Јахтата е закотвена во малата марина на Сообраќајната езерска полиција во каналот Студенчишта на Охридското Езеро.

                               

 

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе