ИЛИЈА ЃОРЃЕВИЌ

Информатичарот што го напушти урбаното и живее во тркалезна куќа во Побожје – опкружен со слободни животни (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Среде асфалтот може да не бидеш сам, ама да бидеш осамен. Во природа, можеш да бидеш сам, но не и да бидеш осамен. Илија Ѓорѓевиќ не е осамен човек. Живее со своите животни во селото Побожје. Неговиот дом ќе го забележите уште при првото влегување во селото. Куќата му е тркалезна, во облик на печурка и се издвојува од другите. „Колку и да сте губеле во првото, второто полувреме од животот ви дава шанса“, вели тој.

 

Сонце го облева неговиот дом, а дворот е преполн со јариња и кокошки. Четирите кучиња му го чуваат дворот од натрапници, како од луѓе, така и од предатори.

Тој е дипломиран информатичар и математичар и работел во фирма за компјутери. Одеднаш еден ден, целиот свет му се променил. Решил да ја напушти бетонската џунгла, да се откаже од сè што е урбано, и се преселил среде милостивата природа.

„Смртта на мојата девојка ме промени сосема. Постоењето ми изгуби секаква смисла. Не можам да се преправам дека ништо не се случило. Трагедијата го менува човекот, па сè што останува, сета смисла, е повторно да бидеш во контакт со себе. Ми се јави чувство дека морам повторно да се вратам на вистинскиот пат. Сега повторно си ја враќам душата. Онаа душа што сите ја губиме во градот. Во природата канцеларија ви се небото и ливадите. Сакам да ги тргнам сите негативни придобивки на цивилизацијата, на она на што нè воспитала бетонската џунгла. Планирам вака да живеам до крајот на животот“, раскажува Илија.

Бистра и Шара, двете бели шарпланинки, ни легнуваат на нозете, јарињата и кокошките се мотаат околу Илија, а небото се чини како никогаш да не било посино.

„Незамисливо ми е да се вратам во претходниот живот. Ова го сфаќам како второ полувреме. Каков и да бил резултатот во првото полувреме од животот, второто повторно ви дава шанса“, вели Илија.

Својата интересна куќа ја изградил со мака. Отпрвин никој не се нафаќал да ја направи. Поради формата.

„Пред пет години ја почнав куќата. Решив да направам нешто што ќе остане. Првин ископав кружен подрум со дијаметар десет метри, поврзан под земја со гаражата. Имам направено 120 квадрати под земја. Замислував куќата да биде како дел од природата. Има симболика во кругот, тоа е многу честа фигура во природата. Предизвик ми беше да направам геометриски облик на печурка. Зашто печурката не е ниту животно, ниту растение, туку нешто помеѓу. Сакав куќата да биде своевидна скулптура на печурка. Седнав еден ден и ја нацртав на компјутер. Имав тешкотии додека да ја направам. Никој не се нафаќаше да ми ја гради. Немаа искуство зашто формата не е типична, а со тоа и е економски поскапа. При градењето многу ми помогнаа и соседите, за помош доаѓаа дури и од соседните села“, зборува Илија.

Меѓутоа, не е само куќата интересна. Интересно е она што е внатре. Нè води Илија да го разгледаме неговиот дом, а таму, внатре, веднаш до креветот, поставена гајба и во неа кокошка си ги чува малите пилиња.

„Дојдете и до бањата. Ќе видите нешто невообичаено. Сакам да видите како се прави вистинска жртва“, ни вели Илија.

Кога таму, кокошка како лежи врз јајца. Почнува да испушта чудни звуци, како знак за вознемиреност и како да ни вели да си заминеме.

„Ова е квачка. Неколку дена не се помрднува од јајцата. Ниту јаде, ниту пие, само лежи врз нив. Тоа е жртвата што ја прави за на свет да донесе млади“, со мерак зборува Илија.

Не е можно да седите во неговиот двор, а душата да не ви биде преполна. Не се гледаат секој ден животи што се милуваат. Се познава дека се научени на љубов од раѓање. „Лани купив шест кози, се размножуваа и сега се 26. Зедов и 600 пилиња, само еден ден откако се родија. Сега имам околу 500 кокошки. Јастребите многу ми ги ловат. Досега ми собраа околу 50 кокошки, па затоа патролирам околу нив. Меѓутоа, никогаш нема да ги ставам во кафези. Цената што се слободни ја плаќаат со сопствената глава. Ама токму поради тоа продуктите им се посебни. Кокошките во кафези несат многу повеќе јајца, моите несат помалку, ама сакам да бидат среќни. Сакам да бидат слободни“, зборува Илија.

Неговите здрави продукти луѓето му ги нарачуваат преку Фејсбук (Еколошка фарма). Еден ден во неделата Илија оди до градот и ги транспортира нарачките. Вели, најмногу му нарачуваат мајки што имаат мали деца.

„Драго ми е што луѓето полека почнаа да ја шират свесноста за враќање кон природата. До сите имам неколку пораки. Едната е да се почитуваат животните, тие тоа го заслужуваат и само тогаш даваат благословени продукти. Исто така посакувам здравата храна конечно да стане стандард, а не исклучок. Децата да раснат онака како што сме растеле и ние “, вели Илија.

Не може човек а да не посака силно да му ја стисне раката на овој човек што се откажал од сè и кој сè што сака е да има мирна душа и среќни миленичиња. Ако еднаш дојдете во неговиот дом, невозможно е да не посакате повторно да се вратите во рајот на Илија и барем на еден ден да заборавите на стресот и осаменоста. И да бидете среќни. 

Р.М.

Фотографија: Роберт Атанасовски

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе