Со љубов за Хатиџе

Хумани луѓе на чело со Мариа Дибијаџо ја реновираа куќата на медената хероина

Хатиџе пролетта ќе ја дочека во дом со нов лик, со фасада и ПВЦ-прозорци, а внатрешноста е уредена со под, плочки, теписони, завеси и мебел. 

„5.000 долари не можат да ѝ ја купат среќата на Хатиџе, жената која несебично со целиот свет го сподели едноставното, но толку суштинско животно правило „половина остави, половина земи“, затоа што таа среќата ја носи во себе“. Со оваа реченица го започнавме разговорот со Мариа Дибијаџо, Македонката која живее и работи во САД, но сѐ уште е тука кога е потребно да се помогне.

Неодамна Дибијаџо покрена иницијатива за собирање средства со кои ќе ја уредат куќата на хероината од „Медена земја“ во малото село во општина Лозово - Дорфулија, а денес веќе идејата е реалност.

Хатиџе пролетта ќе ја дочека во дом со фасада и нови прозорци, а внатрешноста е уредена со под, плочки, теписони, завеси и мебел.

Вака изгледаше куќата пред реновирање

„Не така одамна сите бевме воодушевени од појавата на Хатиџе, се редеа пофалби, профилни слики со главната протагонистка, не изостанаа ниту ветувањата... За жал, менталитетот кај нас е таков што бргу се заборава на бесценетите моменти на среќа, гордост, емоционални пориви и животни лекции кои ни ги понуди токму оваа скромна жена. Затоа решив да се мобилизираме оние со најцврста волја да ѝ возвратиме на Хатиџе за сите добрини“, раскажува Мариа која изминативе неколку месеци и покрај зимските услови постојано беше на релација Крива Паланка-Дорфулија.

Токму таму се носеше градежен материјал кој беше купен со собраните средства, но во пресрет излегоа и неколку компании кои се одзваа на повикот за донации. Се собираа градежници кои не се штедеа за куќата на Хатиџе да добие нов лик и достојни услови за живот. На крајот Хатиџе е задоволна.

„Преку интернет сраницата GoFundMe беа собрани околу 5.000 долари, а донираа хумани луѓе од целиот свет. Ја презедов обврската околу организацијата да се реновира домот и навистина сум среќна што барем на некој симболичен начин ѝ покажавме благодарност“, вели Мариа, која не сака да раскажува за сите предизвици и препреки со кои се соочила на патот да ја оствари замислата. Уште помалку сака да ги коментира туѓите неисполнети ветувања кон Хатиџе. Хуманоста не подразбира условувања, поткусурувања, лажни лица..., вели таа.

„Ова го сторив од срце затоа што ја почувствував нејзината енергија, добрина, љубов, нејзиното значење како репрезент во светот на нашата мала, но преубава земја. Вака не сме физички работеле на нашата куќа како што со љубов помагавме за куќата на Хатиџе“, вели Дибијаџо која на донаторите им подари маици со дизајнерски печат од сопствената интернационална модна линија.

Хатиџе со гости во својот двор го прослави својот нов дом. Го развеја македонското знаме, но и турското и американското, и запеа како што само таа умее, а гостите ги почести со домашно приготвена пита.

„Хатиџе не можеше да најде зборови да се заблагодари, но нејзините дела доволно ја покажуваат благодарноста за животот која несомнено е толку потребна во едно вакво „погрешно време“ со кое не соочи пандемијата“ , вели Мариа алудирајќи на позитивноста на хероината која и покрај животот кој не ја галел е радосна за секој нов ден, несебична кон природата, исполнета што има добри луѓе кои ја посетуваат... Можеби е крајно време ние да „препишеме“ дел од лекцијата на Хатиџе со која ја делиме медената земја?!

                                                                                                                          Х.Н.