Гувернерката и министерот на нивната редовна координација оцениле и дека законот поставува насоки и ограничувња за надоместоците за платежните услуги што е во функција на заштитата на потрошувачите.
„На средбата беше посочено дека, во следниот период, институциите ќе се заземат за информирање на граѓаните и на фирмите за новините коишто ги предвидува овој системски закон. Меѓу нив е и воведувањето платежна сметка со основни функции, преку која граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за намирување на своите вообичаени обврски или трансфер на парични средства на друго лице. За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци, не повисоки од 0,1% од просечната исплатена нето-плата во земјата во претходните дванаесет месеци (или околу 30 денари), во кои ќе биде вклучено месечното одржување на сметката и најмалку пет платежни трансакции месечно кон примач кај истата банка. Платежната сметка со основни функции ќе биде без надоместок за корисниците од ранливите категории“, информира Народната банка.
Со Законот за платежни услуги и платни системи се предвидуваат и повеќе други механизми за заштита на потрошувачите поврзани со надоместоците, како склучување унифицирани рамковни договори и предвидени видови надоместоци, ограничување на заменските надоместоци за плаќање со картички, поголема транспарентност и споредливост на надоместоците за услуги поврзани со платежната сметка. Исто така, во областа на платежните услуги би се вклучиле нови даватели на платежни услуги, што би придонесло за намалување на цените за услугите.