Стопанската комора бара да биде консултирана

Уписната политика да ги следи потребите на стопанството

Причината за недостаток на стручен кадар за потребите на бизнис-заедницата, Комората и нејзините членки ја гледаат во погрешната стратегија што се води во однос на уписната политика, која не ги следи потребите на стопанството и не е усогласена со потребите по секторите, оценува м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Комората. 

Според Јаневска, конкурсите за упис во средните училишта се исти од пред две, три или пет години. И натаму низ годините се зголемуваат гимназиските паралелки за сметка на паралелките во стручните училишта, за кои и Комората укажува дека се јадрото за стабилно и економски јако општество. 

Но парадоксот да биде уште поголем, во стручните училишта се фаворизираат квалификации за кои постои презаситеност на пазарот на труд. Пример за тоа е се уште фаворизирање на квалификациите како медицински сестри, економски и правни техничари, наместо квалификации за коишто стопанството има реална потреба, машин-бравари, оператори на ЦНЦ-машини, заварувачи, водоинсталатери, гипсер-монтери, молери и сл.

Како потврда на ваквите укажувања на бизнис-секторот е и фактот дека во учебната 2019/2020 година од вкупниот број запишани ученици во стручните училишта, како резултат на неправилната уписна политика за квалификации во секторот здравство се запишани 24% од вкупниот број на ученици, а во секторот економија, право и трговија, 22% од учениците. Станува збор за квалификации за кои и праксата потврдува дека нема потреба од нови работници со вакви вештини и компетенции.

Наспроти тоа, во секторот градежништво и геодезија се запишани 8,1% од вкупниот број на ученици во стручните училишта, во секторот угостителство и туризам се запишани 4,5%, а во земјоделие и ветеринарство процентот на запишани ученици изнесува 3%, што не соодветствува на реалноста. 

Ист е случајот и со секторот хемија и технологија, за квалификацијата прехранбен техничар каде се запишани 1% од вкупниот број на ученици во средните стручни училишта. Ваква е состојбата и во останатите сектори.

„Овој проблем во иднина би можел да биде ограничувачки фактор за развојот и на целата економијата. Ваквите сознанија Комората ги добива директно од комуникацијата со своите членки, но и преку анализите што се изработуваат во самата Комора и смета дека за да се намали јазот на неусогласеност потребна е координирана акција и спроведување мерки во соработка со бизнис-заедницата и образовниот сектор”, вели Јаневска.

Процесот на подготовка на конкурсот за упис во средните училишта има одредена процедура согласно која се бараат анализи од општините за потребите на квалификации на локално ниво врз основа на кои, Комисија, специјално формирана за оваа намена со претставници од државните образовни институции (Министерството за образование и наука – секторите за основно, средно и високо образование и ученички стандард, како и Државниот просветен инспекторат) и ЗЕЛС, го подготвува Конкурсот за упис. Во вака дефинираната комисија недостасува претставник од бизнис-секторот, бидејќи кога Комората би го следела процесот на подготовка на конкурсот за упис за следната учебна година, може и директно да укажува на пропустите во истиот, но и на потребите на стопанството за планирање и градење на соодветен стручен кадар. 

За тоа колкаво е значењето на координирана уписна политика со бизнис-секторот свое мислење дадоа и претставници од месната индустрија кои најмногу го чувствуваат проблемот со недостигот од квалификуван кадар. Жарко Ангеловски, претставник на компанијата „Екстра меин“, информираше дека недостасуваат месопреработувачи, особено за работа со свежо месо, како што се колачи на говеда и месари и полначи на машини за месо и за ублажување на оваа состојба тие ја поддржуваат иницијативата на Комората.

Јаневска посочи дека ова е период кога започнува прибирање на анализите од општините за подготовка на конкурсот за упис на ученици и токму затоа Стопанската комора на Македонија апелира сега, Комисијата за подготовка на конкурсот да се прошири со член од бизнис-заедницата и пред конкурсот да биде одобрен од министерот, задолжително да биде доставен за мислење во Стопанската комора на Македонија.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе