Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот со синдикален протест барајќи усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата.
Нема место за славење на празникот, не фаќај сеир, излези на синдикален протест, порачаа од ССМ, а на својот фејсбук - профил споделија повеќе фотографии од работници од повеќе градови од земјава кои наместо на пикник, како што се потенцира, се тргнати кон Скопје за да протестираат за своите права.
„За да славиме, потребни ни се пари, а парите ни ги изеде инфлацијата, затоа на 1 Мај ќе простестираме, нема да славиме. Само ако излеземе масовно ќе ја покажеме неопходноста и така ќе го добиеме тоа што го бараме", рече првиот човек на ССМ Дарко Димовски на прес-конференцијата пред неколку дена, најавувајќи го протестот.
Синдикатот бара линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.
Протестот ќе започне во 12.30 часот пред зградата на ССМ по што ќе продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата каде ќе бидат упатени работничките барања.
Од ССМ ги повикаа и останатите синдикални организации и конфедерации во земјава да се приклучат на првомајскиот протест и заеднички да се изборат за работничките права.
„Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите, за зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ на сите вработени во приватниот и јавниот сектор, како и за креирање на нови визии и перспективи. Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето за зголемување на платите на работниците“, се вели во прогласот на ССМ.