НЕФЕР-КОНКУРЕНЦИЈА НА ПАЗАРОТ

Србија ги прекина субвенциите за ИТ-секторот, кога тоа ќе го стори и Македонија?

По петицијата на повеќе ИТ-компании во Србија и нивните неколкумесечни средби со претставниците на власта, српската влада при крајот на минатата година одлучи дека субвенцијата за британската компанија „Ендавa“ дефинитивно е исфрлена од буџетот и нема повеќе да се реализира. Оваа компанија работи и во Македонија, каде што ИТ-компаниите исто така се обидуваат да ги добијат истите услови за работа како и странските или укинување на субвенциите.

Од буџетот на Србија за годинава укината е ставката од 1,6 милиони евра за вработувања во ИТ-секторот, наменети само за „Ендава“. Власта во Србија ја послуша ИТ-заедницата.

Каква е состојбата во Македонија?

„Ендава“ пред две години отвори канцеларија и во Македонија. Во февруари 2014 година беше најавена инвестицијата и вработувања од 450 ИТ-инженери. „Тимот во Скопје планира да регрутира софтвер-девелопери (Java, .NET, mobile), софтвер-тестери, проект-менаџери, софтвер-архитекти, бизнис-аналитичари“, изјави Ендру Браун, менаџер на компанијата една година потоа кога беа отворени канцелариите (3.000 квадрати) и вработени 30 ИТ-инженери. Лани во јануари „Ендава“ објави дека вработи 100 ИТ-професионалци.

ИТ-заедницата во Македонија веќе подолг период бара рамноправни услови на пазарот, бара податоци за тоа колкави се субвенциите кои државата ги дава на овие компании кои главно го земаат кадарот од веќе постојните, домашни ИТ-компании. Состаноци на оваа тема се држеле по стопанските комори, по министерските кабинети, ама засега нема никаков резултат од тоа.

Aлександар Пајковски Знаете во каква ситуација сме - ние обучуваме кадар, редовно ги плаќаме придонесите, ИТ-инженерите имаат високи плати, плаќаме даноци на државата како домашна компании... и потоа некој со нашите пари (од даноците) одлучува да субвенционира странски инвеститори во тој сектор со директно давање пари за секое работно место. Со нашите пари, странците добиваат готов кадар за помалку пари од оние што ние ги плаќаме. Добиваат субвенции за платите, добиваат канцеларии, добиваат субвенции дури и за обуки“, вели Александар Пајковски, директор во Дуна.

Со сите компании од ИТ-секторот со кои разговаравме, одговорот е еднаков - бараме фер услови, еднакви услови на пазарот, ова нема врска со никаква нормален натпревар и конкуренција на пазарот.

Според пресметките на домашните ИТ-компании еден информатичар годишно во просек чини околу 30.000 евра - 1.500 евра месечна плата со придонеси или заедно со обуките таа бројка е околу 3.000 евра месечно.

Просечната плата за најдефицитарниот кадар во земјава, ИТ-инженер, е околу 1.000 евра. Ако е точно дека субвенцијата за овие странски инвестиции за едно работно место е околу 600-700 евра, тогаш домашните компании се двојно оштетени. Ем вложуваат во обуката на ИТ-инженерите, што во овој сектор е неопходност, добро ги плаќаат и доаѓа странска компанија, која за разлика од 200-300 евра во платата ти зема готов кадар, со пари од државата Македонија.

За последниве три години од Дуна си заминале триесетина готови, обучени, спремни ИТ-инженери. Тие дури ни велат дека некои од нив не работат ништо и по неколку месеци, земаат само плата за да покажат бројка за да земат поголеми субвенции“, вели Пајковски.

Субвенции за производи, а не за вработувања

Податоците за тоа колкави се тие субвенции, како и за другите странски инвестиции во другите сектори, во Македонија станува воена тајна.

Против финансирањето со народни пари и создавање нелојална конкуренција се изјасни и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во годишниот извештај за 2014-та година од таму напишаа дека е доделена помош на „Ендава“, но не е наведена сумата што ја добила странската компанија.

Државата ѝ плаќа на странска компанија да отвори работни места за кои во нормални услови би требало сама да плаќа, како и сите други компании од ИТ-индустријата. На тој начин, со пари од државата создава услови за поголем профит кај субвенционираната компанија.

Васко Кроневски од Некстсенс вели дека немаат доволно информации за тоа за каков вид на субвенционирање на странските ИКТ-компании станува збор.

Васко Кроневски Но, со сигурност може да констатираме дека се случи сериозна промена на пазарот на работната сила во Македонија. Во изминатите 2-3 години цената на ИКТ-експертите во МК се зголемуваше најмалку за 20% годишно и главните движечки фактори во тоа беа странските ИКТ-компании за кои се зборува и за кои слушаме дека добиваат некаков вид на субвенции. Впрочем, според последните извештаи од државниот завод за статистика, ИКТ-кадрите достигнаа највисока просечната нето плата во Македонија“, вели Кроневски.

Дефицитот на ваков кадар во Македонија постоеше и пред појавата на субвенции за странските инвестиции во ИКТ-индустријата и резултираше со зголемување на цената на трудот во овој сектор кај сите македонски компании. Како резултат на тоа цената на производите и услугите на домашните ИКТ-компании се зголемува за да се обезбеди рентабилност во работењето.

Новите пазарни услови, со субвенционирањето на странските компании, ја зголемија цената на работната сила и домашните компании се соочија со сериозен одлив на кадри во новоформираните странски ИКТ-компании кои главно се насочени кон аутсорсинг услуги, наспроти домашните компании кои креираат и иновираат македонски производи со кои настапуваат и на домашниот пазар и на странските пазари, вели Кроневски.

Сè повеќе домашни компании го намалуваат развојот на домашни софтверски производи и се ориентираат кон услуги за имплементација на странски софтверски решенија. Одливот на ИКТ-кадри од државните институции, банки, телекоми и останати компании кои вработуваат ИКТ-кадри како внатрешни ресурси во компанијата е уште позначителен. Повеќето од нив се соочија со одлив поголем од 50% и со неможност за вработување на нови квалитетни кадри поради ограниченоста во висината на платата што можат да ја понудат“, смета Кроневски и додава дека инвестициите во ИКТ за аутсорсинг-услуги на домашниот пазар се од привремен карактер и за очекување е дека после неколку години истите компании ќе се релоцираат во други земји каде понудата на работна сила е поевтина и поддршката за субвенции подобра.

За Кроневски, моделот на субвенции би бил многу порационален и ефектен ако се даваат како во земјоделството, врз основа на крајниот производ со што ќе се овозможи креирање на нови иновативни компании што ќе креираат домашен ИКТ-производ за домашниот и странскиот пазар.

Поразителна е реалноста во ИТ-секторот

Само од Асеко, вели Славчо Ангеловски, менаџер во оваа компанија, лани кон странски субвенционирани компании заминаа околу 30 луѓе.

Славчо Ангеловски Сите тие многу тешко ги надополнуваме бидејќи притисокот на пазарот е огромен и Ендава, Мусала собираат речиси сѐ што мрда за да постигнат одреден таргет, број на вработени ИТ-инженери. Со заминатите сме во контакт и многу често ни велат дека речиси и да не работат ништо во новата компанија, а земаат поголеми пари што е малку контрадикторно. Јас не сум против конкуренција, ама под еднакви услови за сите играчи да пробаме да се бориме. Покрај сите механизми што ги користиме да ги задржиме луѓето, на крајот на денот сѐ се сведува на зголемување на платите за да можеме да се компарираме со новите играчи и колку толку да го намалиме притисокот“, вели Ангеловски.

Инженерите, пак, велат дека освен парите, причината за заминување е и желбата за работа на поголеми меѓународни проекти наспроти локални домашни проекти кои се најчесто фрустрирачки од аспект на отсуство на капацитет кај локалниот клиент за елементарен проект менаџмент и дефинирање на обемот што треба да се сработи. Клиентите, особено во јавниот сектор, мислат дека за мали буџети изведувачот треба да работи сѐ живо и диво, што е фрустрирачки, без план и стратегија, велат инженерите.

Да, во моментов реалноста е поразителна за ИТ-секторот, посебно ако си фокусиран на македонски клиенти, а не на клиенти од белиот свет“, вели Ангеловски.

Потегот на српската власт е само пример дека истото треба да се случи и во Македонија и да се престане со практиката да се фрлаат државни пари за најдефицитарниот кадар во земјава, велат сопствениците на домашните ИТ-компании.

А.Д.

Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок.

повеќе

Кога ќе се каже Западна Европа, во Македонија се мисли дека се работи за место каде што царува сознанието.

повеќе

Постојат кафе барови каде стои натпис дека немаат интернет па препорачуваат луѓето да си прават муабет како порано. 

повеќе