Како што соопшти ССМ, Основниот граѓански суд Скопје по предлог на СГИП и синдикалците како и на работниците од ДГ Бетон АД Скопје на 1 ноември донел Решение со кое се поведува претходна постапка за испитување на условите за отварање стечајна постапка на ова градежно претпријатие како должник.
„Со Решението се определува општа забрана за располагање со имотот на должникот, се забранува одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот, се забранува исплати од сметките на должникот, се повикуваат должниците на должникот своите обврски да ги исполнуваат. Постапувајќи по предлогот за отварање на стечајна постапка, судот оценил дека во конкретниот случај се исполнети условите за поведување на стечајна постапка. Конечна одлука ќе биде ", посочуваат од ССМ.
Од таму велат дека со ваквото Решение, газдите веќе не се газди и тие сега исто како и работниците ќе треба да чекаат некој друг во случајот привремениот стечаен управник да им дава согласност и да одлучува место нив, а работниците и синдикалците заедно со синдикатот очекуваат голема ефикасност и одговорност од страна на привремениот стечаен управник и судот во постапувањето по предметот и заштита на нивните интереси како доверители.
„Апелираме сите работници и доверители во наредниот период да се приклучат кон постапката и да се информираат во Основниот граѓански суд Скопје, а синдикатот СГИП во наредните денови ќе ги информира членовите на синдикатот на кој начин да ги остварат своите побарувања" пишува во соопштението.
Според ССМ, ДГ Бетон АД Скопје на работниците им должи шест неисплатени бруто плати, регрес за годишен одмор за 2021 и 2022 година, а сметките му се блокирани повеќе од 45 дена што беше и главна причина работнците своите права да ги остварат пред суд.
Конечна одлука дали претпријатието ќе оди во стечај ќе биде донесена на рочиштето закажано за 29 ноември годинава.