Исплатата ќе се извршува преку четири деловни банки и тоа на следниот начин:
Депонентите чие презиме почнува на буквите А, Б, В, Г и Д ќе се исплаќаат во експозитурите на „Комерцијална банка” АД Скопје на целата територија на Македонија.
Депонентите чие презиме почнува на буквите од Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ ќе се исплаќаат во експозитурите на „НЛБ банка” АД Скопје на целата територија на Македонија.
Депонентите чие презиме почнува на буквите од М, Н, Њ, О, П и Р ќе се исплаќаат во експозитурите на „Стопанска банка” АД Скопје на целата територија на земјава.
Депонентите чие презиме почнува на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш ќе се исплаќаат во експозитурите на “Халкбанк” АД Скопје на целата територија на Македонија.
Депонентите - самостојни вршители на дејност со личен труд кои во „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај биле регистрирани како ТП (трговци поединци) или адвокат име презиме или извршител име презиме или со назив на дејноста, на пример, месарница, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називот.
Тие покрај документ за идентификација (лична карта, пасош) потребно е да приложат доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).
Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише потврдата на шалтер во банката исплатувач каде е распределен за подигнување на средствата.
Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација.
Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во „Еуростандард банка” ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена, соопшти Фондот за осигурување на депозити.