СЕФФ: Заздравување и стапки на раст од 5% преку амбициозна инвестициска агенда

Преку амбициозна инвестициска агенда во инфраструктурата, зелената транзиција и дигитализација, во земјава и регионот, на среден рок можат да се постигнат стапки на раст од 5% и повеќе, и истите да бидат одржливи. Сигурна енергетска иднина може да се обезбеди само преку инвестиции во енергетската инфраструктурата, но и креирање на модели и свесност за поголема енергетска ефикасност кај потрошувачите, што во време на енергетска криза е добар начин за справување со растечките цени, особено кај земјите во развој. Подоброто поврзување на регионот и дигитализацијата ќе придонесат за развој на сите економии во регионот од Западен Балкан и тоа е вистинскиот начин за поголема конкурентност во регионот и поголема привлечност за инвеститорите.

Ова се накусо заклучоците од дискусијата за третиот столб „Дигитализација, инфраструктура, конективност и трговија“ на вториот ден од Скопскиот економски форум - СЕФФ.

Пораката од претседателските обраќања на СЕФФ е дека развој може да се постигне преку спрoведување на четири цели - забрзување на економскиот раст, повисока заштита на животната средина и редефинирање на енергетската политика, дигитализација и образование и инклузивен развој.

Во своите воведни обраќања, со кои се отвори дискусијата за третиот пилар, претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одиле Рено-Басо и потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Љиљана Павлова, посочија дека овие меѓународни финансиски институции дале и во следниот период планираат да дадат значајна поддршка за земјите од Западен Балкан во вредност од повеќе милијарди евра. Во обраќањата, тие ги потенцираа справувањето со климатските промени, инвестициите во енергетската одржливост и иновативни решенија за диверзификација на изворите на енергија, но и поддршка за проекти во транспортната инфраструктура.

 На панелот за енергија и зелена транзиција, дискутираа министерот за животна средина Насер Нуредини, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, евроамбасадорот Дејвид Гир, преставникот на УНДП во земјава, Армен Григоријан, директорот на ЦЕБ за заеми и социјален развој, Кристијан Табакару, директорот на КфВ во Скопје, Рене Ехеман, извршниот директор на ЕВН, Штефан Петер, како и претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, додека модератор беше универзитетската професорка Александра Наќева Ружин.

Главните пораки од овој панел, на кој беа дискутирани предизвиците од енергетската криза за земјите во регионот, се дека е потребно да се инвестира во нови енергетски капацитети, да се диверзифицираат изворите за снабдување со енергија и ориентација кон обновливи извори на енергија, но исто така и поголема свесност за штедење на енергија и за енергетска ефикасност. Беше посочено и дека во земјава изминатата година, фокусот на инвеститорите кон вложување во обновлива енергија е многу важно, бидејќи само тие креираат дополнителни извори на енергија од околу 80 мегавати за една година, што е еднакво на капацитетот на ХЕ Козјак.

На панелот „Дигитализација, инфраструктура, конективност и трговија“ дебатираа министерот за транспорт и комуникации, Благој Бочварски, регионалниот менаџер на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа, Ари Наим, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, директорот на ЕИБ за регионот, Алесандро Брагонзи, директорот на АЕК, Јетон Акики, извршниот директор на А1, Методија Мирчев и директорот на Македонски Телеком, Никола Љушев, додека модератор беше универзитетската професорка, Ширет Елези.

На овој панел беше истакната директната врска помеѓу инфраструктурата и економскиот раст - односно дека вложувањата во инфраструктурата придонесуваат за економски раст, а економскиот раст го поттикнува развојот на уште подобра инфраструктура. Беше истакнато дека изминатите години кај нас континуирано се зголемуваат капиталните расходи, како и дека е подобрена нивната реализација во изминатиот период по примената на КАПЕФ механизмот. Годинава капиталните расходи се планирани на највисоко ниво од преку половина милијарда евра и истите ќе се инвестираат во патниот и железничкиот дел на Коридорите 8 и 10, магистрали гасоводи, како и крупни еколошки инфраструктурни проекти, вклучително и капитални инвестиции во образованието и здравството.

 

 

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе