„Кога ја направивме анализата за структурата на данокот на личен доход увидовме дека имаме најголем раст кај страната на платите и на приходите што ги имаат граѓаните од игрите на среќа. Дали ефектот од прогресивното оданочување тогаш би бил позитивен, сметам дека не. Затоа во иднина треба да направиме соодветна дистинкција и да го одбереме најдоброто, но да не биде избрзано,“ рече Лукаревска во вечерашната емисија Топ Тема на Телма и додаде дека тоа е причината што веднаш не се воведува прогресивното оданочување.
Порача дека во иднина ќе следат многу дебати на таа тема со цел да бидат сослушани сите страни.
„Праведност, ефектност и транспарентност во наплатата е суштината на еден праведен даночен систем. Можеби се згреши во делот на прогресијата што не се отвори соодветна долготрајна дебата за да се види кое е најсоодветното решение. Сепак, праведноста е заштитен знак на прогресивното оданочување,“ посочи Лукаревска.
Нагласи дека од крајот на август стартуваше само предлог даночна реформа и додаде дека неколку пати напоменале дека можеби ништо од тоа нема да влезе во имплементација.
„Ги слушнавме сите релевантни фактори и нивните сугестии. Сметам дека во време на криза е право време да се направат даночни реформи. Даночни реформи ќе има, но треба да се направат многу јавни дебати. Ги слушаме и ќе ги слушаме пораките од сите, бидејќи не треба да се носат проблематични решенија,“ рече Лукаревска.
Посочи дека Управата за јавни приходи не е носач на решенија, туку е само имплементатор и додаде дека во услови на криза не може да се предвидуваат економските текови, бидејќи се се менува од ден на ден.