Нобеловецот Кругман: Инфлацијата ќе се стабилизира, инфлаторните очекувања се краткотрајни

Инфлаторните очекувања не се долготрајни, оттаму и високите стапки на инфлација во глобални рамки треба да се намалат веќе следната година, без притоа да се жртвува економијата како што беше случајот во 1980-те. Ова го пишува американскиот нобеловец од областа на економијата и истакнат универзитетски професор, Пол Кругман, во својата колумна во „Њујорк тајмс“, насловена „Како високата инфлација ќе падне“.

Кругман во својата колумна прави споредба на рецесијата од 1980-те, со тековната криза. Тој посочува дека главната разлика помеѓу овие две кризи се инфлаторните очекувања, кои биле значајно подолготрајни при првата криза. Тој дава пример преку синдикалните договори во САД во тоа време.

„Во 1979 година, синдикалните договори со големите компании, кои не вклучуваа прилагодувања согласно трошоците за живот, предвидуваа просечно зголемување на платите за 10,2 отсто во првата година и просечно годишно зголемување од 8,2 отсто понатаму. Во 1981 година, синдикатите преговараа за договор со кој платите ќе се зголемат за 11 проценти годишно во следните неколку години. Зошто работниците бараа, а работодавачите беа подготвени да одобрат толку големи зголемувања на платите? Затоа што сите очекуваа високата инфлација да биде долготрајна“, пишува Кругман.

Тој анализира дека проблемот со инфлацијата во 80-те години од минатиот век е тоа што сите чинители ја подгревале инфлацијата со самите очекувања дека таа ќе трае. На крајот, за да истата се заузда, бил потребен голем шок и пад на економијата.

„Во 1980 година, анкетата на Блу Чип предвиде годишна инфлација од 8 проценти во следната деценија. Потрошувачите анкетирани од Универзитетот во Мичиген очекуваа цените да се зголемат за околу 9 проценти годишно во следните 5 до 10 години. Со оглед на тоа што сите очекуваа дека инфлацијата ќе продолжи, работниците сакаа покачувања што ќе бидат во чекор со растечките цени, а работодавците беа подготвени да ги одобрат тие покачувања бидејќи очекуваа трошоците на нивните конкуренти да растат исто толку брзо како и нивните. Сепак, она што го направија е само продолжување на инфлацијата: сите ги зголемуваа цените во очекување сите други да ги зголемат цените. Завршувањето на овој циклус бараше огромен шок - економијата падна толку што падна и инфлацијата и работниците беа принудени да прифатат големи отстапки“, пишува Кругман.

Тој понатаму посочува дека инфлаторните очекувања сега се целосно поразлични и пократкотрајни, оттаму не се очекува ниту реприза од кризата во 1980-те.

„Тогаш речиси сите очекуваа долготрајна висока инфлација, за разлика од сега. На пазарите на обврзници се очекува инфлацијата евентуално да се врати на предпандемиските нивоа. Иако потрошувачите очекуваат повисоките стапки на инфлација да продолжат и во текот на следната година, нивните долгорочни очекувања остануваат „закотвени“ на прилично умерени нивоа. Економистите прогнозери очекуваат ублажување на инфлацијата следната година. Ова значи дека речиси е сигурно дека нема да доживееме самопотхранувачка инфлација како во 1980-тите, која беше толку тешко да се совлада. Голем дел од оваа инфлација ќе се намали кога цените на нафтата и храната ќе престанат да растат, кога ќе се намалат цените на половните автомобили, кои пораснаа за 41 процент во текот на изминатата година за време на недостигот на нови автомобили, итн. Големиот пораст на наемите, исто така, се чини дека е во голема мера зад нас, иако забавувањето нема да се појави во официјалните бројки некое време. Значи, веројатно нема да биде неопходно да се стави економијата во шок во стилот на 80-те за да се намали инфлацијата“, посочува Кругман.

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе

Кој кого „мафлосува“, тие нас или ние нив. Чекор напред, три назад, како раковите во Охридското Езеро од моето детство кои исчезнаа во налетот на технолошкиот напредок и уништувањето на животната средина.

повеќе