Во видео изјава, Ковачевски нагласува дека производството на електрична енергија во АД ЕСМ е стабилно и дека се испорачуваат дневните, неделните и месечните количини кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум и секаде каде имаат обезбедено пласман на електрична енергија.
„Кон ЕВН Хоум за потребите на граѓаните и малите потрошувачи се испорачува електрична енергија произведена во електраните на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО, не се увезува струја и нема недостиг. Дополнително, Владата го задолжи ЕСМ да обезбеди електрична енергија и за планираниот процент загуби во мрежа на ЕВН и МЕПСО, со цел да се обезбеди и таа енергија по домашни цени. Сето тоа се прави со поддршка од Владата на Република Северна Македонија и со финансиски план, со цел успешно да излеземе од енергетската криза“, вели Ковачевски во видео изјава.
Според него, ситуацијата се менаџира успешно и активирани се сите капацитети за максимално производство на електрична енергија. Блок 1 и Блок 2 во РЕК Битола, како што посочи, се во полна кондиција, а Блок 3 се уште не е во функција поради изгорениот трансформатор кој ќе треба да се подготви за да биде ставен во функција во втората половина од годината. РЕК „Осломеј" работи парцијално и го надополнува периодот кога има зголемен конзум за побарувачка на електрична енергија, а ТЕЦ Неготино работи со половина капацитет и се прават напори од март до мај-јуни да се стави во функција со двата котли.
„Засега менаџираме успешно, средствата кои се наменети досега за справување со кризата се значајни, но се многу помали од тоа што е потрошено во земјите од регионот. Активно сме вклучени со сите капацитети за максимално производство на електрична енергија, и за менаџирање и на кризата со електрична енергија и на кризата со снабдување со топлинска енергија“, истакнува Ковачевски.