7 години се чека на завршувањето на пругата Куманово - Бељаковце

Не ни оди ни железничкото поврзување со Бугарија

Пругата Куманово-Бељаковце почна да се гради во 2014 година. Оттогаш секоја влада се фали со стратешкото инфраструктурно значење на оваа делница, ветуваа нејзино завршување, но на првиот воз очигледно ќе се почека. Ќе има судска разврска, а завршени се само 54% од работите.

Пругата е долга 30 километри. Првиот рок за завршување беше септември 2017 година. Во март 2019 година тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугаревски изјави дека до крајот на таа 2019 година ќе завршеле градежните работи на пругата Куманово- Бељаковце, со што ќе заврши првиот дел од делницата на железничкиот коридорот 8 кон Република Бугарија. Тогаш владините функионери се фалеа дека до наредната година (2020) оваа пруга ќе биде комплетно завршена, а истовремено ќе биде започната и втората делница на пругата Бељаковце – Крива Паланка, а железничкото поврзување со Бугарија ќе заврши до 2024 година. „Покажуваме дека ќе направиме сѐ да се зголеми економскиот развој во државата, но и да направиме економско поврзување со другите држави и на тој начин да можат компаниите да ги освојуваат и другите пазари“, изјави Сугарески за време на обиколката на работите на пругата заедно со својот колега Кочо Анѓушев и директорот на Македонски железници – инфраструктура Ирфан Асани. Тогаш тие рекоа дека веќе 70 отсто од работите се завршени.

Потоа дојде до потпишување на нов анекс на договорот со рок за изградба на пругата до февруари годинава.

И конечно годинава на 29 мај изведувачот на работите, германската компанија „Вибе“ побара раскинување на договорот, а сега се констатирало дека завршени биле само 54 % од работите.

Новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски пред една недела најави арбитража пред меѓународен суд меѓу државата и германската компанија „Вибе“, изведувач на работите на оваа делница.

На 2 март 2014 година во присуство на тогашниот премиер Никола Груевски беше поставен камен-темелник за реконструкција на пругата Куманово-Бељаковце како прва фаза од проектот за изградба на пругата кон Бугарија. И таа владина екипа постојано го истакнуваше значењето на оваа пруга за развојот на македонската економија. Најавени беа дури 1,5 милијарда инвестиции во железничката инфраструктура.

Од тогаш до денес во истакнувањето на значењето на ова поврзување со Бугарија учествуваа и премиерите Емил Димитриев, Зоран Заев, Оливер Спасовски и пак Зоран Заев.

Oд потпишувањето на договорот за пругата

Германската компанија „Вибе“ имала проблем со непредвидени градежни зафати и дополнителна експропријација. Дојде барањето за надомест на штета и... повлекување на механизација од терен и раскинување на договорот.

Од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура ги потврдуваат ваквите информации.

Изведувачот поради слабиот човечки и технички капацитет, недоволната ангажираност во реализацијата на терен, продолжи со забавената динамика на извршување на работите, при што успеа да реализира само 54% од вкупниот обем на работите. Очигледно изведувачот соочувајќи се со својата немоќ и неможност да ги заврши градежните активности за целосна реализација на проектот, на 29 мај 2020 година достави до работодавачот, ЈП  ЖРСМ  инфраструктура известување за раскинување на договорот, а со тоа и официјално ја запре изградбата на пругата, фирмите подизведувачи ја повлекоа механизацијата и матерјалот од градилиштата. Согласно заклучокот на Владата на РС Македонија, ЈП ЖРСМ инфраструктура, на 25 јуни 2020 година, поднесе известување до изведувачот (Вибе) за раскинување на договорот. ЈП ЖРСМ инфраструктура во целосна координација со Владата на РСМ и Министерството за транспорт и врски ќе ги преземе сите неопходни законски дозволени дејства за заштита на своите права“, ни одговорија од ЈП ЖРСМ инфраструктура.

Германската компанија засега не даде никакво официјално соопштение за овој случај.

Од јавното претпријатие како инвеститор во проектот велат дека изградбата на првата и другите две фази од проектот за железничко поврзување со Бугарија ќе продолжи.

И покрај ваквата ситуација во која се најдовме, сакаме да ја информираме јавноста дека со ова не се доведува во прашање изградбата на пругата од Коридорот 8, бидејки финансиски средства за целосна реализација на проектот се веќе обезбедени и ќе се преземат сите неопходни мерки за што побрзо изготвување на нова техничка документација и избор на нов изведувач кој ќе ја доврши почнатата изградба на пругата од првата делница на Коридорот 8 од Куманово до Бељаковце.

Остануваме целосно посветени на изградба на сите фази од источниот и западниот дел на Коридорот 8 низ Република Северна Македонија. Имено, втората фаза од источниот дел помеѓу Бељаковце и Крива Паланка, за која веќе се обезбедени финансиски средства, е во фаза на избор на изведувач, додека третата фаза од источниот дел помеѓу Крива Паланка и граница со Република Бугарија се наоѓа во фаза на изработка на тендерска документација за избор на изведувач и надзор. За западниот дел од Коридорот 8, помеѓу Кичево и Лин, изготвена е целокупната техничка документација и е во фаза на обезбедување финансиски средства за нејзина изградба.

Со изградба на делниците од Коридор 8 низ Република Северна Македонија ќе се обезбеди целина и транспортна поврзаност, со што ќе проработи стратешкото железничко поврзување со Јадранско и Црно Море кое дополнително ќе придонесе за зголемен социјален и економски развој како во Република Северна Македонија, така и во регионот и пошироко“, оптимисти се од ЈП ЖРСМ инфраструктура.

Втората делница од Бељаковце до Крива Паланка е во должина од 33,9 километри. Ако сѐ оди според планот изградбата на оваа делница треба да почне до крајот на годинава или почетокот на наредната година, гласат официјалните најави.

Третата делница е во должина од 23,4 километри, од Крива Паланка до Бугарија. И за оваа делница во тек е израаботка на тендерска документација за избор на изведувач и надзор.

А сѐ почна многу порано од сечењето на лентата од страна на Груевски во 2014 година.

Пругата кон Бугарија како едно од големите изборни ветувања почна да се гради во 1994 година. Беа планирани 120 милиони долари. Тогаш лентата ја сечеше премиерот Бранко Црвенковски. Од тогаш речиси во секој годишен буџет на Македонија беа издвојувани пари за изградба на оваа железница.

Денес рокот за завршување на железничкото поврзување со Бугарија и во програмата на СДСМ и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е 2024 година.

А.Д.

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе