Народна банка предвидува побавен раст и просечна инфлација од 8,8% годинава

Македонската економија и оваа и следната година ќе има побавен раст отколку во 2021 година. За годинава се очекува економски раст од 2,9 отсто, а потоа во 2023 година ќе следи раст од 3,6 отсто, покажува проекцијата на Народната банка.

Како што соопштија од Народна банка, и натаму се очекува позитивен, но поумерен придонес од домашната побарувачката, главно поради послабиот придонес од потрошувачката на домаќинствата, додека нето-извозот ќе има негативен придонес. На среден рок, пак, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4% во 2024 година (во согласност со октомвриските оценки).

„Најновите проекции упатуваат на просечна инфлација од 8,8% во 2022 година, при очекувања за постепена стабилизација до крајот на годината. Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, но согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции, се оценува дека притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината, така што веќе во следната година се очекува значително забавување на ценовниот раст. Следствено, за 2023 година, се очекува забавување на стапката на инфлација по што би се свела на 3%. На среден рок, се очекува инфлација од околу 2%, во просек, во согласност со октомвриските очекувања“, се наведува во соопштението.

Истовремено Банката проектира повисок дефицит во тековната сметка за периодот 2022 ‒ 2024 година, главно поради сѐ повисоките цени на сите примарни производи, особено од цените на енергентите. Во рамките на најновите проекции, за 2022 година се очекува продлабочување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања до 8% од БДП.

Согласно со очекувањата за нормализирање на состојбите во глобалната и во домашната економија во 2023 година, предвидено е дефицитот на тековната сметка да се стесни до 4,5% од БДП, согласно со проектираното стеснување на негативното салдо во размената на стоки и услуги. За 2024 година, се очекува дека дефицитот во тековната сметка дополнително ќе се намали и ќе се сведе на 2,3% од БДП, слично ниво како и во периодот пред пандемијата.

Што се однесува до кредитната активност на банките, иако растот на кредитите забрза во првиот квартал од 2022 година, очекувањата за 2022 година се дека растот ќе продолжи до крајот на годината, но поумерено, во услови на нагласена неизвесност, забавен економски раст и поумерен раст на депозитната база. Притоа, за целата 2022 година кредитниот раст би изнесувал 7,7%. На среден рок се очекува солидна кредитна поддршка, па за периодот 2023 ‒ 2024 година би изнесувал 7,6%, во просек (непроменето во споредба со октомвриската проекција). Се очекува поумерен раст на депозитите за целиот период на проекцијата. Така, за 2022 година растот на депозитите ќе изнесува 5,0%, а во следниот период се очекува негово умерено забрзување со што би достигнал 7,5%, во просек, во периодот 2023 ‒ 2024 година.

Генерално, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомврискиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина и енергетската криза. Oцените се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се надолни. Според Народна банка, главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија. Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. Во исто време, и натаму постојат ризиците поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви.

 

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе