Воената криза го поремети пазарот со енергенси

На Балканот бензините се најевтини во Македонија, најскапи во Грција

Цената на бензинот во Грција надмина 2 евра за литар, а во Македонија, по скокот на 1,5 евра за литар, со последната антикризна мерка се намали на 1,3 евра, додека на на дизелот, кој ја имаше надминато цената на бензинот, се спушти на 1,2 евра за литар. Голем скок, па потоа и намалување на цените имаме и кај основните прехранбени продукти, но цените на другите производи се во пораст. На ваквото движење на енергенсите и на храната големо влијание има војната во Украина и намалениот извоз на енергенси и пченица од Русија и Украина.

На Балканот се продлабочува енергетската и економска криза. Евидентен е скокот на енергенсите и на храната, а во дел од државите забележан е недостиг на основните прехранбени производи во маркетите поради паничното купување залихи од страна на граѓаните и обидот на дел од трговците да ја искористат ситуацијата и да остварат екстра профит.

Горивата во моментов се најскапи во Грција, а цените засега се најниски во Македонија

Во Грција, цената на бензинот надмина две евра за литар, во Албанија беше достигната цена од 2,1 евро за литар, а по интервнецијата на владата на Еди Рама сега се продава по цена од 1,7 евра. Во Србија литар дизел се продава по цена од 1,59 евра, додека цената на бензинот БМБ 95 изнесува 1,49 евра. Последниве денови, во Косово бензинот се продава по цена од 1,5 евра за литар за разлика од почетокот на кризата кога достигна цена од рекордни 1,85 евра за литар.

Во Македонија, според последната пресметка од петокот, цената на бензините е околу 1,3 евра за литар, а на дизелот 1,2 евра.

Цените на електричната енергија и природниот гас во Грција бележат зголемување за над 70 отсто, а на мазутот над 40 проценти. Грчката Влада покрива дел од покачувањата на сметките за струја на сите домаќинства без исклучок, а за следните три месеци предвиден е и пакет мерки во висина од 1,1 милијарди евра коишто се однесуваат, пред сѐ, на најранливите категории и на економски најслабите граѓани.

Во Србија, донесена е Уредба за ограничување на цените на нафтените деривати која се однесува на дизелот и евро премиум БМБ 95 и која ќе важи до 11 април. Утврдени се максималните малопродажни цени на горивата, забрането е полнење гориво надвор од резервоарот на возилото и намалени се акцизите за безоловниот бензин и гасното гориво за 20 отсто. Цените на нафтените деривати се формираат секој петок во неделата.

Во Македонија пак, одлуката за цените на горивата се носат на дневно ниво доколку пресметката за цената на било кој нафтен дериват оди нагоре или надоле за два денара. Како дел од пакетот од 26 анткризни мерки намалени се акцизите и ДДВ од 18 на 10 проценти, а увозниците на природен гас, електрична и топлинска енергија се ослободени од плаќање ДДВ.

Во Албанија е формирано посебно тело кое ја одредува цената на горивата, а секој кој нема да ја почитува одлуката за определните цени, ќе му биде одземена дозволата за работа. Цената на електричната енергија не е зголемена и ветувањата се дека нема да се зголеми.

Поскапени се цените и на прехранбените производи, најмногу на удар се лебот, брашното и зејтинот

Инфлацијата бележи раст во сите земји од регионот. Поскапување има речиси кај сите прехранбени производи, особено кај лебот, маслото за јадење и брашното. Литар зејтин во Косово на почетокот на кризата чинеше 3,49 евра, а моментално литар сончогледово масло се продава по цена од околу две евра.

Во Албанија, еден леб се продава по цена повисока за 30 проценти, а во трговската мрежа се чувствува недостиг на брашно, масло за јадење, макарони и други тестенини.

Зголемената побарувачка и раст на цените на основните прехранбени производи има и во Србија каде Владата донесе одлука за привремена забрана за извоз на пченица, пченично брашно, пченка, житарки и сончогледово масло, а претходно беше донесена и владина мерка за ограничување на цените на основните прехранбени производи.

Слични мерки беа донесени и во Македонија каде по првичниот скок на цените, сега по набавна цена се продаваат белиот леб, брашното тип 400 и маслото за јадење, а без ДДВ, покрај овие три продукти, се продаваат и млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, свежото месо, белиот ориз и јајцата. Намалени се и маржите за дел од основните прехранбени продукти. Литар зејтин се продава по цена од околу 1,6 евра.

Во Грција нема недостиг на одредени производи и нема масовно празнење на рафтовите по супермаркетите како што тоа беше случај пред две години на почетокот на пандемијата, а една од причините би можело да биде зголемувањето на цените на голем дел од основните продукти.

Руско-украинската криза се одразува и врз пласманот на земјоделските производи кои од регионов се извезуваа во Украина и Руската Федерација.

МИА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе