Денови на македонскиот мед

Македонецот како за лек троши 1 килограм мед годишно, Јапонецот јаде 16 килограми

„Медот во Македонија повеќе се консумира како лек, а не како храна. Трошиме помалку од еден килограм по глава на жител, за разлика од Словенија која троши девет или Јапонија која троши 16 килограми по глава на жител. Да го смениме односот и да го прифатиме медот како значаен производ во исхраната. Да се едуцираме повеќе и да научиме како се препознава вистински, квалитетен мед, а државата да го заштити со закон“, тоа е пораката од годинашната 17. манифестација Денови на македонскиот мед што беше отворена денеска, а ќе трае до 26 септември.

На штандовите поставени долж улицата „Македонија" во центарот на Скопје, посетителите имаат можност да дегустираат и да купат различни видови мед, полен, восок и други производи од наши македонски пчелари.

„Бараме, како тутнот, грозјето и други земјоделски производи, и пчелите и медот да бидат законски заштитени и гарантирани. Општо е познато што пишуваат странските медиуми за нашите природни услови, кои се исклучително наклонети за производство на квалитетен мед. Со тоа можеме да се гордееме, но треба и да го сочуваме“, рече претседателот на пчеларското здружение „Матица", Венче Билбиловски.

Тој истакна дека денес, за жал, сѐ поприсутен е мед кој се меша со различни сирупи за да се добие профит. Со тоа се уништуваат неговите природни својства, а кај луѓето се јавуваат аномалии и најразлични заболувања.

„Нам, на пчеларите, нѝ останува да ја вратиме довербата кај потрошувачите, а тоа можеме да го направиме само со едукација и со поддршка од надлежните институциии. Најважна наша цел е преку непосредни контакти, да ги едуцираме граѓаните како да препознаат вистински мед во напливот на фалсификати, но сакаме да укажеме и колкава е важноста на медот во секојкдневната исхрана“, подвлече Билбиловски.

Министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, кој ја отвори манифестацијата, рече дека да се има сопствен македонски мед, а притоа и автохтон вид македонска пчела, е причина за гордеење, дополнително, ако се знае дека нашиот мед на сите светски манифестации, саеми и натпревари ги добива највисоките награди, како потврда за неговиот квалитет.

Хоџа нагласи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) силно го поддржува развојот на пчеларството, а уште една можност за развој на оваа гранка е и ИПАРД 2 програмата преку која се склучени 46 договори со вкупна финансиска поддршка од околу 120 000 евра.
Неодамна, додаде министерот, беа исплатени и субвенциите за пчеларство во износ од 3,2 милиона евра.

„За поголема поддршка, овозможивме пчелари со пет пчелни семејства да се регистрираат и да аплицираат за добивање субвенции. Овозможивме субвенција од 1.000 денари по пчелно семејство кое е во контрола и е вклучено во селекција за производство на пчелни матици, а во насока на стимулирање на органско производство на мед овозможивме дополнително плаќање од 50 проценти. Со мерката за рурална жена и млад земјоделец, овозможивме уште еден дополнителен стимул за развој на пчеларството. Според досегашните информации од Платежната агенција, интересот е голем особено кај младите земјоделци. Жените земјоделки, пак, преку Правилникот за продажба од куќен праг, можат на легален начин да ги продаваат медот и пчелните производи што, исто така, е уште еден мотив да се одбере пчеларењето како важна сточарска гранка со голем потенцијал“, рече Хоџа.

На манифестацијата уште еднаш беше истакнато дека медот е најздравата храна и најдобриот природен лек.

„Медот никогаш не се расипува и е исклучително богат со минерали, витамини и антиоксиданси поради што се вбројува во суперхрана и супер лек“, велат производителите – изложувачи.

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе