Премиерот Ковачевски заедно со менаџментот на компанијата, министерската за труд и социјална политика Јована Тренчевска, директорите на ТИРЗ Јован Деспотовски и на Државен инспекторат за труд, Весна Томовска, денешната посета ја искористија и како можност за разговор со дел од работниците кои изразија задоволство од новиот закон, информира неговиот кабинет.
„Трудот на работниците мора соодветно да се вреднува и почитува. Овој закон има многу позитивен ефект врз економијата, тој ги стимулира работниците и позитивно влијае на нивната продуктивност што е во интерес и на самите компании. Законот недела неработен ден ќе даде одлични резултати во зголемување на продуктивноста на компаниите и унапредување на стопанството“, рече премиерот.
Тој нагласи да му честита на раководството на „Дура“ кое, покрај двете фабрики, планира и нова трета инвестиција во фабрика, инвестиција од над 20 милиони евра.
„Висината на инвестицијата во двете фабрики каде има 680 вработени е речиси 70 милиони евра. Она што е важно е дека просечната нето-плата во оваа компанија е над 600 евра и истата има тенденција за натамошен раст. Клучот за успешна стратегија во делот на странските инвестиции е обезбедување одржливост и развој на инвестициите, но и натпросечни плати со што се подобрува квалитетот на животот и примањата на граѓаните", рече Ковачевски.
Потоа, тој заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, го посети семејството Шишковски каде ја запознале Стефанија, млада жена која работи во локален супер маркет и која со законското решение неделата да биде прогласена за неработен ден сега има повеќе време да им се посвети на семејството и на личниот поквалитетен живот, соошти владиниот кабинет.
„Премиерот Ковачевски, Стефанија и нејзиното семејство се согласија дека е многу важна рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот и дека придонесува работниците, како Стефанија, да бидат помотивирани, поодморени и поефикасни на работното место“, пишува во соопштението.